Премиерот Христијан Мицкоски се погрижи да не се врати со празни раце од Тирана во миговите кога европскиот естаблишмент отиде таму да му соопшти на албанскиот лидер Еди Рама дека неговата земја е на чекор до членство во ЕУ. Мицкоски од Тирана, пак, испрати порака до граѓаните на Македонија дека ние можеби сме далеку од членство во ЕУ, но сме се зближиле со Велика Британија. Меѓутоа, покрај убавата вест, се чини премиерот во рацете има и жежок компир. Британските медиуми јавуваат дека официјален Лондон е во потрага по држави кои привремено ќе ги примаат мигрантите на кои Обединетото Кралство не им одобрило азил. Една од дестинациите што ја споменуваат е и Северна Македонија.
Владата стори сѐ за да демантира дека стратешкото партнерство кое е поткрепено со шест милијарди евра од Лондон кон Скопје, е условено со прием на одбиените азиланти. Тоа го негира и Велика Британија, но кому треба да му се верува? Дали на страните кои ќе го потпишат договорот за стратешко партнерство, кој е несомнено мотивиран од нешто поголемо, и кои прават сѐ за да не се изјалови неговото потпишување, или на портпаролот на Даунинг Стрит кој уште додека премиерот Стармер беше во Тирана изјави дека тој таму ќе дискутира за можен прием на азиланти?
Велика Британија и Македонија се џин и џуџе. А кога во политиката ќе се здружат џин и џуџе, тогаш се вообичаени шпекулациите за мотивите на тоа здружување. Македонија не може да ѝ возврати на Велика Британија ниту со купување патнички авиони „Боинг“, како што купи Саудиска Арабија од САД, ниту како што Грција купи бродови од Франција, или како што Бугарија купи воени авиони од САД, ниту може да подари претседателски авион како Катар. Не може да возврати ниту на геостратегиски план бидејќи е ориентирана кон ЕУ, а за волја на вистината и Велика Британија нема ништо против таквата надворешнополитичка ориентација на Северна Македонија.
Значи преостанува на нашите британски пријатели само да им кажеме „фала“, а како тоа ќе го направиме останува да се види. Дали навистина ќе се заблагодариме со привремено засолниште за одбиените азиланти од Велика Британија, чиј број од почетокот на годинава досега доживеа експанзија која му предизвикува главоболка на премиерот Стармер? Ако се потврдат таквите предвидувања, договорот за стратешко партнерство меѓу двете земји всушност е победа за Велика Британија, а не за Македонија.
Милијарди што отидоа во ветер
За сиромашна држава како што е Македонија, инаку, шест милијарди евра се многу пари. Тоа во основа е и причината за триумфализмот со кој Владата се пофали дека направила џиновски скок во политиката, и за еуфоријата меѓу нејзините поддржувачи дека конечно на сцена стапила Влада која се грижи за интересите на Македонија.
Сепак, се чини дека и за тоа аплаузот е избрзан. Како што рече министерката за финансии Гордана Димитриевска-Кочоска, Македонија ќе може во првите пет години, од шесте милијарди да повлече само 2,2 милијарди евра или по околу 400 милиони евра годишно. Пет години, пак, во турбулентната македонска политика се долг и неизвесен период. И ги прави парите политичка фатаморгана чие достигнување зависи од тоа во која насока ќе се движи земјата.
Бројката од шест милијарди евра, кои се патем заем, е отприлика и денешен еквивалент на сумата на тајванската милијарда на Васил Тупурковски во 1998 година. Таа милијарда отиде во неповрат, а македонската економија остана иста. Затоа, не е толку важно колку пари ќе ни позајми Велика Британија, туку како тие ќе бидат потрошени, бидејќи огромниот заем ќе остане за враќање на следните генерации. И дали овие значителни финансиски средства ќе направат разлика во економијата или ќе бидат делени според партискиот тефтер. Владата еуфорично ја најавуваше и милијардата од Унгарија, но ефектите уште ги нема, а очекувањата пораснаа и со парите од Планот за раст, кои почнаа да пристигнуваат, но властите речиси и да не ги спомнуваат. Имаше во претходните години и Фонд за иновации, но парите отидоа, а резултат нема.
Во кабинетот на Черчил
Сега фалбите се дека Договорот ќе биде потпишан во кабинетот на Черчил што веројатно дополнително треба да ги импресионира граѓаните и да предизвика стравопочит кон потпишувањето на стратешкото партнерство. Но ако со стратешко партнерство со голема и богата држава се станува голем и богат, денес Македонија ќе беше богата и моќна држава затоа што веќе 17 години е стратешки партнер со САД. Ама тоа не оди така. Стратешкото партнерство е израз на внимание и можеби наклонетост во политиката, но внатрешниот развој зависи од домашните напори. Велика Британија не може да ја трансформира Македонија во богата и просперитетна држава, како што не се случи тоа ни со стратешкото партнерство со САД. Стратешкото партнерство со Американците, не го спречи на пример претседателот Доналд Трамп да воведе високи царини кон Македонија.
Стратешкото партнерство со САД, да потсетиме имаше јасен мотив. Неговото потпишување помина речиси незабележано во јавноста бидејќи идејата се роди преку ноќ, кога Грција го блокираше влезот на Македонија во НАТО на самитот во Букурешт. Тогаш САД, кои силно стоеја зад Македонија, во обид да ја спасат ситуацијата и да ја вратат надежта дека не е сѐ изгубено, ни понудија договор за стратешко партнерство, делумно за да го ублажат разочарувањето во Македонија и да превенираат скршнување на конзервативната влада на Груевски од патот кон НАТО. Што се покажа како неуспешен план, бидејќи Груевски по пехот во Букурешт отвори фронт против Грција кој се покажа како погубен за Македонија.
Како и да е, САД останаа доследни и беа ветер во грбот на Македонија сите години кои следуваа потоа, иако изостана значаен бенефит за економските перформанси на Македонија. Со Велика Британија, Македонија веќе има склучено претходен Договор за партнерство, трговија и соработка. Како држава не може да не сме почестени што тој Договор ќе прерасне во стратешко партнерство, но рано е да се каже што тоа навистина ќе донесе на теренот.
Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.