Договор во царинскиот спор: Висока цена за мало олеснување
28 јули 2025Договорот во царинскиот спор меѓу ЕУ и САД покрај мало смирување на тензиите, пред сѐ предизвика критички реакции во економијата. Компромисот што го објавија претседателката на Еврокомисијата, Урсула фон дер Лајен, и претседателот на САД, Доналд Трамп, на германската економија навистина ѝ овозможува „да земе здив“, рече директорката на Германската индустриска и трговска комора ДИХК, Хелена Мелников, и додаде дека тоа сепак има своја цена, „а цената е на сметка на германската и европската економија“. ЕУ и САД претходно се согласија на принципиелен договор за деескалација на царинскиот конфликт што трае со месеци. Според фон дер Лајен, царинската стапка за поголемиот дел од европските увозни стоки во САД ќе биде 15 проценти, а тоа важи и за автомобили, полупроводници и фармацевтски производи. Царините за увоз на челик и алуминиу според Трамп ќе останат на 50 проценти.
„Краткорочна стабилност и ништо повеќе од тоа“
„За многу компании ова е итно потребна пауза“, оцени Мелников. ЕУ со договорот спречила уште полоша ситуација, иако многу детали остануваат нејасни. „Договорот носи краткорочна стабилност, ништо повеќе. Тоа е само прв чекор“, рече Мелников и порача дека ЕУ сега мора да ги продолжи преговорите со САД „и да работи на сеопфатен, фер договор ориентиран кон иднината“.
И покрај договорот, од германската влада и ЕК се бара „да ги извлечат вистинските заклучоци – ни требаат конкурентни услови за бизнис, политика на која може да се потпреме, таргетирани инвестициски стимули и пред сè поголемо темпо и натамошни договори за слободна трговија“. Договорот од Меркосур конечно мора да биде ратификуван, а преговорите со Индија, Индонезија и Австралија да се водат засилено.
Премногу отстапки од страна на Европа?
Индустриското здружение БДИ беше значително покритички настроиено кон трговскиот договор. Од таму порачуваат дека тој испраќа фатален сигнал со тоа што ЕУ прифаќа болни царини, како што вели експертот Волфганг Нидермарк. „Дури и царинска стапка од 15 проценти ќе има огромни негативни ефекти врз извозно ориентираната германска индустрија“, вели тој. Од БДИ ги критикуваат и царините за челик и алуминиум кои ќе останат високи и сметаат дека ова е дополнителен удар. „Една клучна индустрија која веќе се соочува со огромни предизвици заради меѓународната конкуренција и трансформацијата, ставена е под дополнителен притисок“, нагласува Нидермарк. ЕУ сега мора да покаже дека е повеќе од заеднички пазар. „Потребна ни е стратегија за конкурентна и отпорна економија, како и политичка волја самоуверено да настапуваме во глобалната сфера на моќ“, рече тој. Како позитивно наведува што засега е избегната натамошна спирала на ескалација. „Клучно сега е постигнатиот договор да стане обврзувачки“, вели Нидермарк.
Здружение за надворешна трговија: секој процент царина е премногу
Директорот на Здружението за хемиска индустрија ВЦИ, Волфганг Гросе Ентруп вели дека „секој што очекува ураган е благодарен за бура.“ Иако е избегната натамошна ескалација, европскиот извоз е помалку конкурентен заради договорот, а договорените царини од гледна точка на хемиската индустрија превисоки.
Германското здружение за надворешна трговија договорот го оквалификува како „болен компромис“. Секој процент од царините е процент премногу, оцени Дирк Јандура, претседател на Здружението БГА. „Дополнителните царини претставуваат егзистенцијална закана за многу од нашите трговци“, предупреди тој и додаде дека иако сега има извесност за условите на трговија, синџирите на снабдување ќе се променат и цените ќе се зголемат. „Договорот со САД ќе има чувствителни ефекти кај нас. Ќе нѐ чини раст, благосостојба и работни места“, вели Бадура.
Економистка предупредува од „огромно губење на благосостојбата“
Економистката за финансиските пазари, Улрике Малмендиер во интервју за Тагесшау24 предупредува од последиците од компромисот за економијата и потрошувачите во ЕУ. Договорените царини од 15 проценти веројатно ќе доведат до „огромно губење на благосостојбата“, оценува експертката и додава дека е „тажно што во догледно време тоа нема исчезне бидејќи откако ќе се воведат такви царини, тешко е повторно да се намалат“. За Малмендиер е интересно е што експерти сметаат дека последиците пред сѐ ќе се почувствуваат во САД. Таму се очекува растот на бруто домашниот производ (БДП) да биде околу 1,5 проценти помал од очекуваното, додека за ЕУ последиците по БДП нема да бидат толку страшни. Но, треба да се нагласи дека во таквите пресметки има голема неизвесност и варијабили бидејќи е неможно да се предвиди колку долго ќе останат на сила царините.
Директор на ИВ: заканата на Трамп со царини не е ад акта
Директорот на Институтот на германската економија, Михаел Хитер, предупредува од натамошни пречки од Вашингтон. „Да се потпреме на тоа дека сега сѐ ќе се смири, не можеме“, вели тој за весниците од групацијата Функе Медија. „Трамп никогаш нема целосно да ја повлече заканата со царини“, смета Хитер и додава дека тоа е уште една причина зошто посилна преговарачка стратегија од ЕУ ќе беше поразумна. Претседателот на Институтот за светска економија (ИФВ) ОД Кил, Мориц Шуларик, на платформата X наведува дека „краткорочните економски цехови од договорот со Трамп за Германија и ЕУ може да се менаџираат, но нема причина за славје на ова угодување во трговијата“. Повисоката сметка ќе дојде дури подоцна, вели Шуларик. И претседателот на ИФВ предупредува на промената на курсот од страна на американскиот претседател. „Наместо да се брани трговскиот поредок базиран на правила, ЕУ се вклучува во договор чие времетраење е неизвесно, кој се води од расположението на еден популист, а не од правото и кој е едвај компатибилен со правилата на Светската трговска организација“.