„Додик де факто ја одвои РС од БиХ!“
6 март 2025Неочекувано брзо по усвојувањето во Народното собрание на Република Српска, стапија на сила законите за забрана на работата на Државната агенција за истрага и заштита (СИПА), како и спроведувањето на одлуките на Судот и Обвинителството на Босна и Херцеговина на територијата на Република Српска. Указот доцна синоќа го потпиша претседателот на РС, Милорад Додик, а неколку часа подоцна беше објавен во Службениот весник на ентитетот.
„Овие четири закони што ги донесе Народното собрание на Република Српска ја враќаат уставната јурисдикција на РС во контекст на загрозувањето на нашата уставна јурисдикција кое траеше речиси 25 години“, рече Додик по потпишувањето на указот, нагласувајќи дека не постои намера ништо да се забрани. Тој вели дека е свесен оти „непријателите од Сараево“ сега прават сѐ што можат за преку Обвинителството да отворат истраги против раководството на РС преку Обвинителството. Тоа според него е удар врз легитимните институции на РС.
„Ги повикуваме разбеснетите носители на одлуки во Федерацијата БиХ да останат смирени, да не испраќаат никого во Република Српска. Ве молиме не ни испраќајте веќе ни дописи за овие прашања. Не ги изложувајте луѓето веќе на ништо. Ќе останеме истрајни во градењето на нашиот субјективитет каков што ни го дава Уставот“, порачува Додик непосредно пред да го испрати законот на објавување во Службен весник, заклучувајќи со зборовите „да живее мирот и да живее Република Српска“. Службениот весник на Република Српска, кој ги објави законите потпишани од Додик, е со датум од 5 март 2025 година. Во одлуките, кои се придружен дел на законот, се наведува дека „законот стапува на сила наредниот ден по објавувањето во Службен весник“, што практично значи дека законите веќе се во сила на територијата на Република Српска.
Клубот на Бошњаците ја забрзува процедурата
Таквото сценарио беше делумно одобрено од Клубот на Бошњаците во Советот на народите на РС, кој како што се очекуваше не го покрена прашањето за заштита на виталните национални интереси. Со оглед на тоа што оценија дека вето „и онака би било оспорено пред Уставниот суд на Република Српска“, одлучија дека е подобро да се „пуштат“ законите за да може да постапува Уставниот суд на Босна и Херцеговина.
„Со оглед на тоа дека законите се анти-уставни и анти-државни, Уставниот суд на БиХ кого ќе го адресираат овластените лица, е единствената инстанца која треба итно да реагира и со помош на привремена мерка да ги стави вон сила сѐ до конечната одлука, за да се запрат Додик и неговите поддржувачи во Народното собрание на РС“, рече претседателот на Народниот совет на РС, Алија Табаковиќ, објаснувајќи дека во спротивно за истиот резултат ќе треба да чека 20 дена.
Привремена мерка на Уставниот суд
Жалбата до Уставниот суд на БиХ е веќе готова и ја поднесуваат пратениците во Претставничкиот дом на Парламентот на БиХ, Денис Звиздиќ и Кемал Адемовиќ, заедно со бошњачкиот член на Претседателството на БиХ, Денис Беќировиќ. „Заканите на Додик дека уривачите на Уставот на БиХ и одметниците нема да одговорат на повикот на Обвинителството на БиХ претставуваат жртвување на послушници и нивно губитничко соочување со законот заради негова лична заштита. Затоа што, да повториме, му се судеше на лице кое го прекршило законот, а не им се суди ниту на Република Српска, ниту на српскиот народ“, рече претседавачот со Парламентот на БиХ, Денис Звиздиќ. Тој додаде дека жалбата ќе биде поднесена веднаш по стапувањето на сила на законот. Уставниот суд на БиХ има можност да донесе привремена мерка сѐ до конечната одлука, доколку оцени дека се работи за загрозување на уставниот поредок, што во овој случај се очекува за само неколку дена. Но, никој освен политичките претставници не се осмелува да прогнозира како ќе се спроведува оваа одлука, со оглед на тоа дека во законите чија оцена на уставноста се бара, конкретно е пропишано неспроведување на одлуките на Уставниот суд на БиХ. Потпретседателот на Република Српска, Чамил Дураковиќ, заради тоа вели дека со овој указ Додик „де факто извршил државен удар и ја отцепил Република Српска од Босна и Херцеговина“. „Многу непријатна ситуација. Сега ќе има жалба и одлука на Уставниот суд на БиХ, веројатно со привремена мерка. Дури тогаш ќе видиме дали имаме држава или не. Дури тогаш ќе видиме дали имаме меѓународна заедница, која е должна да го штити мирот и Дејтонскиот мировен договор, дали го има тоа или не“, оцени Дураковиќ.
Дали странците ќе реагираат?
Дали БиХ има меѓународна заедница во формата за која зборува Дураковиќ, веројатно ќе се знае во текот на денот, кога од ОХР треба да се огласат по ова прашање, или да ги поништат закони како што беше сторено во некои претходни случаи. Сепак, со оглед на неодамнешните заклучоци на Советот за спроведување на мирот, кој заседаваше по седницата на парламентот на РС на која беа усвоени спорните закони и на кои домашните институции се повикани да ги решат сите прашања, тешко е да се очекуваат некои порадикални одлуки.
Реагираше министерот за надворешни работи Елмедин Конаковиќ (НиП), порачувајќи дека со потпишувањето на указот Додик „стана еден од најголемите криминалци во оваа земја. Со потпишувањето на тој указ, го направи најтешкото кривично дело, поточно го верификуваше и го стори заедно со Радован Вишковиќ, Ненад Стевандиќ и со уште неколку други лица. „Од вечерва правосудниот систем се движи кон оние кои сега и дефинитивно ставија потпис на државниот удар“, рече Конаковиќ нагласувајќи дека одлуката на Уставниот суд на БиХ нема да амнестира никого од одговорност за најтешките злосторства. Колегиумот на Партијата за демократска акција (СДА) бара од Обвинителството и Судот на БиХ да реагираат одлучно на последниот удар од властите на Република Српска врз Дејтонскиот мировен договор, Уставот на Босна и Херцеговина и важечките закони и да ги санкционираат одговорните за загрозување на уставниот и правниот поредок на Босна и Херцеговина. Тие бараат од ОХР и ПИК да реагираат во согласност со нивните овластувања и обврски и да ги спречат сецесионистичките обиди на властите на РС. Се бара зголемено присуство на силите на ЕУФОР на подрачјето на РС и во областа Брчко каде што живеат повратниците, со цел „да се превенира ескалација на ситуацијата и да се обезбеди чувство на заштита на граѓаните кои живеат во тие области“. „Милорад Додик очигледно одлучи да тргне по патот без враќање и да се кандидира заради обидот за државен удар, да биде отстранет од политичката сцена како организатор и поттикнувач на неуставни дејствија и закани по мирот, и на крајот да биде осуден и лишен од слобода“, наведува другиот коалициски партнер на Милорад Додик на државно ниво, првиот човек на СДП и премиер Федерацијата на БиХ, Нермин Никшиќ, во неговата објава на Фејсбук. Шефот на пратеничката група на ПДП во Народното собрание, Игор Црнадак, предупредува дека стапувањето на сила на овие закони создава услови за потенцијални судири. „Со овој закон Министерството за внатрешни работи на Република Српска доби обврска, задача, да не дозволи СИПА да работи на територијата на Република Српска, а СИПА има свој закон кој ѝ налага да ги извршува наредбите од обвинителствата и судовите на територијата на Босна и Херцеговина, што значи и Република Српска“, рече Црнадак потсетувајќи дека СИПА има голем број луѓе во Бања Лука. „Седиштето на СИПА е во Источно Сараево. Со таквите обврски што ги доби МВР на РС, со овие политички најави, не знам кој би можел да биде мирен“, предупредува Црнадак.
Вакуум до одлуката на Уставниот суд
Ниту експертите не се на чисто како ќе изгледа спроведувањето на законот во пракса, доколку има потреба од тоа, но се согласуваат дека ќе се создаде вакуум додека Уставниот суд на БиХ не донесе одлука. „Неуставноста на законот мора да ја потврди Уставниот суд на БиХ и не верувам дека до тогаш Обвинителството и полицијата ќе направат нешто во смислана преземање какви било дејствија, бидејќи тоа би било навистина опасно. Сосема друга работа е ако РС не ја почитува одлуката на Уставниот суд на БиХ. „Во тој случај, се плашам дека без помошта на меѓународната заедница, за нашата држава со постоечката структура ќе биде тешко да го реши ова“, вели правниот експерт од Сараево, Нурко Побриќ. На потпишувањето на спорните закони не реагираше само политичко Сараево, туку и опозицијата во Република Српска. Тие смеаат дека ниту еден од вработените во државните институции нема да ги почитува овие закони кои меѓу другото бараат повлекување на вработените во правосудните институции, како и на оние во СИПА. „Никој нема да ја напушти СИПА и да го следи законот, но тажно е што луѓето и народот молчат, што сите чекаат да видат што ќе се случи наместо сите ние како студентите во Србија да кажеме доста е со теророт, стравот, навредите, беззаконието, криминалот, грабежот, лудилото“, пиша лидерот на Листата за правда и ред, Небојша Вукановиќ.