Кој ја кочи изградбата на пруга на Коридорот 8?
2 мај 2025Различните информации коишто доѓаат од Скопје и од Софија ја наметнуваат дилемата кој ја кочи изградбата на пругата од Коридорот 8. Откако македонскиот министер за транспорт, Александар Николоски го впери прстот кон Софија, бугарскиот вицепремиер и министер за транспорт Гроздан Караџов вели дека не е точно оти Бугарија не презема ништо за железничкото поврзување меѓу двете држави на Коридорот 8.
„Каде е Николовски да го потпише договорот?“
„Го испративме договорот, а каде е Николоски да го потпише? Додека Николоски го зборува ова, возот помина низ Перник, низ Радомир и стигна до Ќустендил, а оттаму стигна до последната станица Ѓуешево за да го чека македонскиот“, рече Караџов во интервју за телевизијата БНТ.
Караџов посочува дека Бугарија проектира 90 проценти сосема нова линија помеѓу Радомир и Ѓуешево за да ги прошири кривините, овозможувајќи брзина на возовите од 160 километри на час. „Во 2032 година, кога ќе достигнеме брзина на возот од 160 километри на час, ќе ги прашам од другата страна дали ќе има тунел или не“, вели Караџов. Според него, Николоски „раскажува македонски приказни за добра ноќ“.
Изјавата следи откако македонскиот вицепремиер на 28 април во интервју за емисијата „360 степени“ на МРТ 1 рече дека е „очигледно дека Бугарија не сака да ја гради пругата“, информирајќи дека имаат испратено над 15 дописи до Бугарија на кои што немаат одговор од бугарска страна за изградбата на пругата.
„Фер е да се видиме и да ни кажат. Со самото тоа што одбегнуваат да се сретнеме, тоа многу говори за судбината на проектот. На наша страна се делата, на нивна се зборовите“, рече Николоски.
Спорни точки
Бугарија на почетокот на годината испрати предлог-договор за заедничка изградба од бугарската страна. Тогаш порачаа дека може веднаш да започнат со изградба на делот од Ѓуешево до границата во должина од 2,4 километри, но дека вистинскиот почеток зависи од изградбата на тунелот, прашање околу коешто двете страни не можат да се усогласат со месеци наназад. Во меѓувреме, на почетокот на март од Бугарија пристигна вест дека тамошната влада го стопира проектот за пругата кон Северна Македонија, поради пренасочување на средствата за завршување на домашните железнички проекти.
Прашањето деновиве станува повторно актуелно, откако Николоски во интервјуто посочи дека има спорни точки во договорот којшто пристигнал од Бугарија во однос на изградбата на пругата. Затоа смета дека е потребно да седнат со бугарската страна и да разговраат.
„Формирајте работна група вие, каква сакате, да седнеме, за еден ден ќе ја завршиме работата. Ама имајќи предвид дека не седнуваме затоа што тие не сакаат да седнеме, тогаш не можеме да ја завршиме работата. Ако бугарската страна сака да гради пруга, пруга ќе има и ќе се изгради. Што се дела, што се зборови? Зборови се вакви провокативни изјави од бугарска страна, а дела се дека Софија – Перник нема да се реконструира зашто парите ги тргнаа и ќе ги вложуваат во Софија – Бургас, а Македонија во моментов е единствена земја што гради железница на Коридорот 8“, вели Николоски.
Изградбата на Коридорот 8 претходно беше доведена во прашање, откако од македонската Влада изразија скептицизам околу можноста за реализација на дел од него. Образложението беше дека планираната трета делница од пругата кон Бугарија, Крива Паланка-Деве Баир,„завршува на половина тунел, во слепа улица“. Од Софија, пак, уверуваа дека работат на проектот, кој требаше да заврши до 2030 година.