Само една компанија во Македонија зависи од извозот во САД
8 април 2025Министерката за финансии, Гордана Димитриеска Кочоска, не очекува преку ноќ да се случат големи промени и директни негативни ефекти од царините коишто ги воведе претседателот на САД, Доналд Трамп кон Северна Македонија. Таа се надева дека ваквите мерки нема да имаат големо влијание врз работењето на компаниите, ниту пак да доведат до отпуштање на работници.
Според министерката, трговската размена со САД е многу ниска и изнесува под 1% од целиот извоз и нема да се почувствува директно влијание.
„Невозможно е во толку краток да имаме директни негативни ефекти од воведувањето на американските царини. Иако ги зголемија царините и за европските држави не постои супститут во САД кој преку ноќ ќе го зголеми производството за да може да кажат дека ќе купуваат од домашни производители. Да оставиме времето да покаже, но да не заборавиме дека приватниот сектор во Европа и европските држави ќе имаат билатерални разговори со САД“, посочи таа на прес-конференција.
Проблем само со една компанија
Министерката апелираше да не се крева паника дека ќе има отпуштање од работа. „Тоа нема да се случи. Во меѓувреме очекувам дека европските држави ќе се договорат со САД. И на кус рок да има помало производство и помал извоз од тие земји, секако ќе има одреден ефект, но нема да значи дека ќе има отпуштање од работа. Во државава имаме проблем само во една ситуација со една компанија која директно зависи од извозот во САД и сега тој проблем го решаваме“, рече Димитриеска Кочоска.
Македонија нуди намалување на царинските стапки
Министерката најави дека шефот на македонската дипломатија, Тимчо Муцунски, е во постојана комуникација со САД за проблемот со царините и се очекува во најскоро време да има разрешница.
„Подготвуваме измени во Законот за царинските стапки со кои можеме да одиме на нивно намалување дури и до нула зашто ефектот нема воопшто да биде голем, бидејќи целиот извоз лани бил нешто над 100 милиони евра, што е многу малку во споредба со размената со останатиот дел од светот. Каква било промена на царинските стапки нема да има никакво влијание на буџетот. Тоа во овој момент може да им го понудиме на САД“, рече Димитриеска Кочоска.
Според министерката, отежнувачка околност е што немаме договор за слободна трговија со САД и додаде дека се работи на тоа да се издејствува потпишување на таков договор. „Верувам дека на крајот Министерството за надворешни работи и надворешна трговија ќе успее да потпише таков договор со што ќе имаме промени и на царинските тарифи. Доколку не успееме да потпишеме таков договор, ќе видиме што ќе правиме понатаму. Од наша страна првично ќе понудиме намалување на царинските тарифи“, додаде Димитриеска Кочоска.