Пред изборите: Кодекс за советници, нивна ротација и санкции
30 мај 2025Пред локалните избори во Северна Македонија во октомври, партиите повторно ги ставаат на маса темите коишто се актуелни пред секој изборен циклус. Премиерот Христијан Мицкоски во четвртокот (29.05) одговорајќи на пратенички прашања во Собранието, го актуелизираше прашањето за измени на Изборниот законик за една изборна единица, но да се дозволи да гласа и дијаспората. Тој ги повика пратениците од опозицијата да ги поддржат ваквите измени.
„Ве повикувам заедно да го промениме Изборниот законик и да направиме една изборна единица. И во таа една изборна единица да дозволиме и дијаспората да гласа, да дозволиме да се формираат избирачки места во оние држави во кои се дозволува согласно Устав да се формираат избирачки места надвор од Дипломатско-конзуларните претставништва“, рече Мицкоски. Премиерот вели дека е подготвен заедно со пратениците од неговата партија веднаш да ги поддржат таквите измени.
Од опозициската СДСМ веднаш пристигна одговор дека се подготвени да разговараат. Лидерот на партијата, Венко Филипче вели дека за ваквиот предлог треба да се разговара со сите политички партии.
„Подготвени сме да разговараме за што било, меѓутоа тоа е работа во која треба да учествуваат сите политички партии затоа што не е само прашањето за една изборна единица, туку тука е и прашањето за цензусот, за отворените листи“, изјави Филипче пред почетокот на настанот „Прогресот на Северна Македонија во Берлинскиот процес и Планот за раст“ во организација на Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ - Скопје (ИДСЦС).
Нов кодекс за советници, нивна ротација и санкции
Во пресрет на локалните избори во октомври, Филипче претходно најави внатрепартиски промени како нов кодекс на однесување за советници, нивна ротација по две години и санкции за прекршување на кодексот.
Тој на состанок со Општинската организација на СДСМ Аеродром рече: „Ќе предложам советниците да ротираат, односно да имаат мандат од две години, а потоа следните од листата да влезат во советот. Така ќе им дадеме шанса на двојно повеќе наши другари и другарки да бидат советници во рамки на четиригодишниот мандат. Тоа е фер и дава можност за поголема вклученост“.
Сите советници ќе мора да потпишат нов кодекс на однесување. „Дел од досегашните советници не си ја вршеа добро работата, дел соработуваа со градоначалници од ВМРО-ДПМНЕ ама само за лични интереси. Тоа повеќе нема да се дозволи. Ќе има санкции за прекршување на кодексот“, вели Филипче.
Познати дел од кандидатите
Партиите веќе ги започнаа теренските активности и внатрепартиските селекции со кои кандидати ќе истрчаат во изборната трка. Владејачката ВМРО-ДПМНЕ деновиве ги соопшти имињата на кандидатите кои ќе се борат за градоначалничката функција во 25 општини на претстојните локални избори во октомври. Најголемиот дел од нив се актуелни градоначалници, коишто партијата смета дека ја заслужиле довербата повторно да се кандидираат.
Од поголемите општини на претстојните избори за нов мандат ќе се борат градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев, Кирил Пецаков е во игра за Охрид, во Штип - Иван Јорданов, Битола - Тони Коњановски, а за градоначалничката функција во скопската општина Бутел кандидат е актуелниот градоначалник Дарко Костовски.
„Сите кандидати ги исполнуваат сите квалитети за градоначалник. Се работи за чесни, одговорни, работни и експедитивни луѓе. Најголемиот дел од нив се веќе актуелни градоначалници кои направиле вистинска трансформација во нивните општини, а другиот дел се луѓе кои имаа сила и знаење да го променат темпото на работа во општините кои досега се водени од кадри на СДСМ“, порачаа од ВМРО-ДПМНЕ.
„Страв“ од независните листи
Изборите се очекува да бидат распишани во јули, а дотогаш независните граѓански организации се обидуваат да го ослободат патот за нивно непречено учество на изборите. Тие до надлежните институции иницираа законски измени со кои се бара со минимален праг - со собрани најмногу 50 потписи од граѓани да им се овозможи кандидирање за во локалната самоуправа.
Седум независни листи од целата земја поднесоа иницијативи до надлежните министерства за пополнување на правната празнина којашто се создаде откако на 7 март 2024 година, политичките партии по скратена постапка ги усвоија измените на Изборниот законик. Со тоа се зголеми прагот на потребните потписиза учество на изборите.
Уставниот суд, пак, на 20 мај 2025 година ги укина членовите 17 и 18 од Изборниот законик, со кои се крена прагот на потребни потписи за независните кандидати и листи да учествуваат на избори, место со 1.000 потписи од конкретна изборна единица, на 1 процент од вкупно запишаните избирачи во изборната единица. Со одлука на Уставен суд независните листи и кандидати за да се кандидираат на избори повторно ќе треба да соберат 1.000 потписи, како и на сите досегашни избори.
Бидејќи во овој момент нема правно правило по кои услови независните кандидати ќе учествуваат на изборите, тие бараат законските измени да се направат веднаш, по скратена постапка, како што минатата година беа направени измените за „блокирање на независните кандидати“.
Во спротивно, евентуалното непостапување на законодавецот би значело дополнителна повреда и дополнително стеснување на основните слободи и права на човекот и на граѓанинот и тешка повреди на политичкиот плурализам, сите темелни вредности на македонскиот правен поредок, сметаат од независните граѓански иницијативи.
Тие бараат да се дозволи собирање потписи на терен и надвор од канцелариите на ДИК, како во европските земји, да се зголеми периодот на собирање потписи на 30 дена, да се дозволи името на советничките независни листи да биде во целост наведено на избирачкото ливче, а не како досега името само на носителот, да се дозволи пристап и на независните до избирачкиот список, како и да се промени одлуката за пристап до медиумскиот простор и финансирање на кампања.