Протераните Палестинци се враќаат во северна Газа
27 јануари 2025Десетици илјади Палестинци денеска почнаа да се враќаат во северниот дел на Појасот Газа, откако беа 15 месеци насилно раселени на југ поради војната на Израел против радикалната исламистичка организација Хамас во енклавата.
Повеќето од нив се упатија на север пеш преку коридорот Нецарим, откако добија дозвола од израелската армија.
На видео снимките кои ги објавија светските медиуми се гледа како голем конвој луѓе рано утрината се движи пеш кон северот на Газа, носејќи багаж и деца.
Многу раселени Палестинци со денови седеа на улиците или на плажа со предмети и резервоари за вода, чекајќи да се отвори контролен пункт според условите на договорот за прекин на огнот и ослободување на заложниците меѓу Израел и Хамас.
„Ни недостига нашиот дом. Живееме во шатори веќе 470 дена“, рече Фади Ал Синвар од градот Газа.
Враќањето беше одложено за 48 часа откако Израел го обвини Хамас дека ги прекршил условите од договорот за прекин на огнот со тоа што не ја ослободил заложничката Арбел Јехуд, одложувајќи го отворањето на коридорот Нецарим кој ја дели енклавата.
Претходно денеска, Хамас потврди дека оваа недела ќе ослободи вкупно шест израелски заложници, вклучувајќи ја и Јехуд.
Басем Наим, висок функционер на Хамас, го поздрави враќањето на Палестинците на север, нарекувајќи го денешниот ден „симболичен ден“.
„Ова е, мислам, многу симболичен ден. Ова е многу важен ден кога станува збор за пристап кон овој конфликт со Израелците и јазик кој тие го разбираат“, изјави тој за Ал Џезира.