Десет милиони евра ќе чинат локалните избори во Македонија
7 август 2025Околу 10 милиони евра ќе чинат локалните избори во Македонија. Ова го покажуваат пресметките на Државната изборна комисија (ДИК), која што ги започна активностите околу изборниот процес којшто треба да се одржи во октомври. Во наредните два дена се очекува да бидат распишани локалните избори што треба да се одржат на 19 октомври (втор круг на 2 ноември). Ќе се бираат градоначалници и советници во 80 општини и Градот Скопје.
Дијаспората ќе може да гласа само во Македонија
Според бројот на учесници, изборната администрација, вклучувајќи ги и вработените во Државната изборна комисија (ДИК), локалните избори се најголеми и најмасовни. Карактеристично за овие избори е што дијаспората нема да може да гласа, а ако некој од македонските државјани сака да го искористи своето право, ќе може да даде својот глас само доколку допатува во земјата.
Како што наведува агенцијата МИА, повикувајќи се на информации од ДИК, со месеци наназад се во тек подготовки за спроведување на осмите локални избори. Веднаш по распишувањето на изборите во петок или во сабота, ДИК ќе одржи јавна седница на која согласно Изборниот законик ќе биде објавен календарот со сите рокови за избирачките дејствија, како и сите права и обврски за избирачките органи, учесниците на изборите и медиумите.
Рокови и правила
До крајот на месецот, ДИК ќе го заврши случајниот избор на членовите на избирачките одбори од редот на администрацијата согласно податоците од Министерството за јавна администрација. За 3.500 избирачки места треба да бидат избрани 21.000 лица од администрацијата кои ќе бидат во избирачките одбори (ИО), кои во текот на септември ќе поминат комплетна обука за спроведување на изборите и ќе им бидат поделени прирачници. Дополнително ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и Вреди, како партии со најголем број гласови на минатите избори, треба да номинираат 14.000 членови за избирачките одбори. Составот на избирачките одбори се менува бидејќи на нивните членови им е истечен мандатот.
Увидот во Избирачкиот список започнува 15 дена по распишувањето на изборите и трае 20 дена. Ова е период во кој избирачите со право на глас, ќе можат да ги проверат своите податоци и доколку имаат забелешки и барања за корекции да ги достават до ДИК електронски или до подрачните канцеларии на Комисијата.
Буџет за локалните избори
Вкупниот буџет за одржување на локалните избори 2025 година изнесува 9 милиони 760 илјади евра, од кои две третини се пари наменети за медиумите и платеното политичко рекламирање. Дополнително на овие пари е и сумата за надоместоците на членовите на избирачките одбори и транспортот и дистрибуцијата на членовите на ИО и избирачкиот материјал од ОИК до избирачките места каде што ќе се гласа, бидејќи тие ги обезбедуваат локалните самоуправи.
Политичките партии и коалициите, како и други граѓани најавија учество на изборите. Граѓанските иницијативи почнаа да собираат потписи за формирање на партии, со цел да го отворат патот за учество на изборите. З
Заедничка партија наречена „Независни заедно“ ќе формираат граѓанските иницијативи „Шанса за Центар“, „Независни за Карпош“ и „Зелените од Гази Баба“. Посебна партија ќе формира и граѓанската иницијатива „Зелен хуман град“ (ЗХГ). За да се формира партија потребни се 1.000 потписи од целата територија на државата.
Кандидатурите односно листите согласно Изборниот законик се потврдуваат 30 дена пред изборите, а кампањата почнува 20 дена пред тоа.
Од распишувањето на изборите Министерството за финансии е должно сите буџетски исплати, освен редовните плати, пензии и комунални трошоци, да ги објавува јавно на интернет страница во посебна база за буџетски трошоци во изборен период. Две недели, пак, по распишување на изборите Министерството поднесува предизборен финансиски извештај во кој ќе биде опфатен преглед на сите планирани и реализирани приходи и расходи од Буџетот по ставки во периодот од почетокот на фискалната година до денот на поднесувањето на извештајот кој се објавува на нивната веб страница.
Според Изборниот законик, локалните избори се одржуваат на секои четири години во втората половина на октомври. Локалната самоуправа е организирана во 80 општини и Градот Скопје како посебна единица на локалната самоуправа. Во состав на Градот Скопје функционираат 10 општини, кои имаат поделени надлежности со Градот. Изборите ги распишува претседателот на Собранието со донесување акт што се објавува во Службен весник. Изборите се одржуваат најрано 70, а најдоцна 90 дена од денот на распишување на изборите. Локални избори во Македонија се одржале во 1996, 2000, 2005, 2009, 2013, 2017 и 2021 година.