Денот на трудот во сенка на синдикалното неединство
1 мај 2025Едни на улица, други на скара, трети по дома. Одбележувањето на Денот на трудот ги отслика поделбите во синдикалното делување како никогаш досега. Надежите дека синдикатите барем денеска ќе се сплотат во делувањето пропаднаа уште во стартот на најавата на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), кој не доби поддршка во повикот за протестен марш. Од ССМ по вторпат за неполн месец протестно ќе маршираат пред Собранието, коморите и Владата за да порачаат дека не отстапуваат од барањето за 500 евра минимална плата. И овојпат без придружба на Конфедерацијата на слободни синдикати, која останува на ставот дека предизвиците треба да се решаваат преку социјален дијалог:
„Синдикатите во Македонија имаат многу причини да излезат и да протестираат, а не да прославуваат. Имаме можност да покажеме дека сме тука за работниците“, порача претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов.
Барањата на ССМ, според него, не започнале вчера, ниту ќе завршат утре. Протестот, вели Трендафилов, е начин на 1 Мај да изразат незадоволство од висината на платите што ги примаат работниците во државата кои се најниски во регионот и пошироко.
Првиот човек на Конфедерацијата на слободни синдикати сепак останува на ставот дека проблемите треба да се решаваат на маса низ дијалог:
„Всушност, секогаш решавањето на проблемите на крајот доаѓа на маса, низ социјален дијалог. Сега велиме дека имаме добар социјален дијалог и затоа на ваков начин го одбележуваме 1 Мај. Кога ќе почувствуваме дека ќе бидат загрозени нашите права или ќе бидеме дискриминирани, тогаш, бидете сигурни, нема да го чекаме 1 Мај, туку веднаш ќе излеземе на протест“, изјави Благоја Ралповски, претседател на Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС).
Поделеноста е клучен проблем
Синдикалната битка очигледно е далеку од извојувана, но она што и натаму боде очи е поделбата во делувањето, што отвора дилеми колку сето ова е во интерес на работниците. Упатените се загрижени и предупредуваат дека поделбите и неединството ја прават битката залудна:
„Ова што се случува е веројатно најлошиот период во 117 години постоење македонски синдикализам, кој датира уште од 1908 година. На сите треба да им биде јасно дека секоја Влада сака раздвоени синдикати бидејќи тогаш таа може да манипулира со нив, да не се исполнуваат и извршуваат нивните барања. Вакви синдикати кои се раздвоени, меѓу кои и еден ССМ, кој сега не знае дали ќе има репрезентативност, кажува многу. Најпрвин за тамошното раководство, за неуспесите во сиве овие години и резултат на тоа е дека членството ја губи довербата во нив и таа се намалува секојдневно. Очигледно е дека оваа гарнитура и во ССМ и во овие таканаречени независни, самостојни синдикати, нема капацитет да собере народ што е клучен предуслов да се извојува секое барање. И тука е клучниот проблем“, коментира Ванчо Муратовски, поранешниот претседател на ССМ.
Слабо лидерство
Проблемот во синдикализмот, според него, не е од вчера, туку трае со години. Главно поради притисоците на политиката и бизнисот, но доминантно поради некадарноста на синдикалното лидерство:
„Секоја организација најмногу зависи од оној што е на чело. Очигледно дека во последните 15 години се променија два или три претседатела кои не направија ништо освен празни зборови, прес-конференции, млаки протести. Ниту од далеку не видовме да се собере членство како што тоа се правеше на времето, да се соберат 50, 60 илјади членови на плоштадите. Тоа јасно покажува дека раководствата немаат поддршка и дека се потребни коренити промени“.
Здружување наместо омраза
Првиот чекор кој би ги расчистил маглите и обвинувањата за политичка поврзаност на едните или другите, според Муратовски, е синдикалното здружување:
„Без оглед на нивната омраза која е очигледна, овие синдикати не треба да се прават големи синдикалци и да се појавуваат и мавтаат со празни фрази, туку треба да се соберат, да немаат големо его и да се договорат кој ќе биде водечки синдикат. Да ги поделат ресорите, условно би рекол, оти како е во владата со ресори, така е и во синдикатите. Само така и со масовно излегување на протести на улица ќе може да се надеваат дека властите ќе реагираат. Во таков случај власта исполнува дури и нешто што не се бара. Овде се прават приказни дека ќе се направи нешто само на модерен начин, со столчиња пред влада или со дијалог на маса. Но искуствата секаде во светот се поинакви. Така можат само да зборуваат до бескрај и повторно да нема резултати и уште сто години нема да имаме вистински синдикализам“, коментира Муратовски.
Исплашени и сиромашни работници
Дека длабоката поделеност и неединство е штетна за синдикатите и воопшто за правата на работниците свесни се и во синдикатите, особено кај оние, кои ја бијат битката за правата на работниците во трудоинтензивните дејности, каде состојбите важат за најкритични:
„Состојбите со синдикализмот и поделеноста на синдикатите, даваат и слика за состојбите со работничките права и плати. Слаби синдикати, разединетост, тоа што дел од нив се продолжена рака на одредени политички структури, произведуваат и придонесуваат кон тоа да имаме исплашени работници кои немаат сигурност на работните места, на кои им се кршат работничките, но и човековите права, сиромашни работници кои живеат во држава со најниска плата и најмал економски раст“, предупредува Кристина Ампева од „Гласен Синдикат“, кој произлезе од соработката со здружението Гласен текстилец.
(Не) кокетирање со политиката
Овој синдикат, кој исклучиво се бори за правата на работниците во приватниот сектор, е активен веќе една година. Даваат поддршка на ССМ во протестите, но гласно се спротивставуваат на несолидарноста и кокетирањето со политиката:
„Ваквите состојби се должат на тоа што 30 години синдикатите беа продолжена рака на некоја политичка партија, дали онаа на власт, дали на онаа во опозиција, и додека не се појави здружението Гласен Текстилец, платата стоеше во место, а никој од синдикалците не кажуваше што се случува зад вратите на компаниите, за мобингот, за лошите и небезбедни услови, за ниските плати, за бркањето на бремени жени работнички, за злоупотреба на државни фондови. Па беше време да ги ставиме овие проблеми во јавен дискурс, и овде многу ни помогнавте вие како медиуми, па сега имаме партии кои пред избори задолжително се обраќаат на работниците и тие им се главен приоритет во изборната програма. Но после изборите задолжително забораваат и на програмата и на ветувањата, нормално. Но, затоа ние сме тука да ги потсетуваме“, нагласува Ампева.
Лажни заложби, длабока корупција
Работите, според неа, може да се подобрат, но само доколку се детектираат и сузбијат корените на проблемите кои се резултат и на длабоката системска корупција. Но, вели, дефинитивно не и со синдикати кои пропагираат социјален дијалог, а реално се борат за позиции и средства од членарини:
„Социјален дијалог се води во држава каде работникот е почитуван, каде е платен секој час и соодветно му е вреднуван трудот. Кога оди во институција, добива услуга без врски. Кога оди на доктор, има нормални услови и соодветен третман. Не знам, но очигледно некои мислат дека живеат во Шведска гледајќи си ја фотелјата и платата која ја добиле на грбот на нивните членови. Пошироката слика и контекстот, условите и платите кои ја добиваат мнозинството на работници, не им е толку важно. Мене ми е срам и во нивно име. Во нормална земја, за секое покачување на цени, за секое намалено право, или непокачување на плата која треба да го следи растот на инфлација и трошоци, имаме реални работнички синдикати кои излегуваат на улица и го повикуваат народот. Овде, кај нас, не гледам такво нешто. Во секоја нормална развиена земја, синдикатот е страв и трепет за секоја власт. Нашиве 'Швеѓани' од синдикалци водат социјален дијалог на маса. Бидејќи се избориле за сѐ, мед и млеко тече за работниците“, критикува Ампева.
Владата ќе прифати договор со работодавачите
Барањето на синдикатите за зголемување на минималната плата на 500 евра според надлежните во Владата е спротивно на законски утврдената годишна корекција на најниските плати во државата. Со последното зголемување, минималната плата достигна 24.400 денари, што е далеку пониско од барањето на Сојузот на синдикати. Тие бараат минималец од 30.000 денари, но и дополнително зголемување на останатите плати за по 6.000 денари. Овој товар би паднал делумно на државата, но и на работодавачите. Синдикатот предлага за разликата, односно за зголемувањето, да не се плаќаат придонеси. Идентичен е ставот и на стопанството.
Од Владата сепак упатија на социјалните партнери кои треба да преговараат и порачаа дека би го поддржале секое договорено решение. Ова повеќепати го нагласи и премиерот Христијан Мицкоски кој кажа дека нема ништо против идејата, но само доколку договорот добие виза од работодавачите. За синдикалците, ваквото сценарио без конкретна поддршка од страна на државата е тешко изводливо, а ставот на премиерот го сметаат за несериозен и спротивен на предизборните ветувања. Инсистираат да не се тактизира и по секоја цена да се најде решение оти состојбите стануваат критични:
„Критично е во повеќе сектори, работодавачите велат дека имаат недостаток од работници, еве пример, градежништво, угостителство... Ама некако полесно е за дел од нив да се закануваат со увоз на работници од Непал, Бангладеш, повторно, неквалификувани, што значи им се исплаќа да платат и агенции, трошоци за пат и сместување и оброци, ама за македонските работници некако не им се дава плата која ја заслужуваат и поради која не би си заминале од државата. Исто, после трагедијата во Кочани, ќе слушаме дека некаде во јавниот сектор има превработеност, но нема доволно инспектори. Немаме никаква стратегија за да видиме каде и што фали, кои ни се важни индустрии, дали текстил, дали земјоделие и таму да се инвестира. Некако секоја власт си тера ден за ден политики, а не разбираат дека со партиски вработувања во јавен сектор, нефункционално здравство, образование, административни услуги, без креирање на политики за приватниот сектор за намалување на сива економија, зголемување на стандард на живот, модернизација на производство, односно, со вакво темпо, работникот од приватниот сектор се иселува од државата, а без приватен сектор, нема даноци, нема економија, нема плати за јавен сектор, нема пензии“, укажува Ампева.
Заглавен Економско-социјален совет
За решавање на проблемите со платите, колективните договори и останатите прашања поврзани со пазарот на труд, сепак ќе мора да се чека да заседава Економско-социјалниот совет. Владата испраќа сигнали дека е можно решение, но пречка е постојниот модел за репрезентативноста на синдикатите. Од Владата велат дека за таа цел се работи на законски измени кои ќе овозможат поедноставена репрезентативност на синдикатите. Односно наместо условот за репрезентативност кој сега изнесува 10% членство, да се намали на 5% членови во синдикалната организација од вкупниот број вработени. Овој потег, според Владата, ќе вклучи поголем број синдикати во Економско-социјалниот совет, како клучен форум за утврдување на минималната плата. До неодамна, единствен репрезентативен синдикат во државата беше Сојузот на синдикати на Македонија.