Дел од германската СПД бара зближување со Русија
13 јуни 2025Врие во редовите на Социјалдемократската партија на Германија ( СПД ) - а тоа не е добра вест за сè уште младата владејачка коалиција во која таа партија е со демохристијаните (ЦДУ/ЦСУ). Програмскиот документ, кој потписниците го нарекуваат „Манифест“, се појави во јавноста и носи значителни проблеми за партиското раководство со лидерот на партијата и вицеканцелар Ларс Клингбајл на чело. Повеќе од сто потписници, претежно од левото крило на партијата, бараат промена во однос на поддршката за Украина, планираното вооружување на германската армија на Бундесверот и НАТО, како и остриот став кон Русија.
Документот е насловен „Зачувување на мирот во Европа преку одбранбена способност, контрола на вооружувањето и разбирање“, а го потпишаа, меѓу другите, пратениците на СПД во Бундестагот, Ролф Мицених и Ралф Штегнер, поранешниот шеф на СПД, Норберт Валтер-Борјанс, како и поранешниот сојузен министер за финансии, Ханс Ајхел. Мицених долго време беше претседател на пратеничката група на СПД во Бундестагот.
Обновување на дијалогот со Русија
„Во Германија и во повеќето европски земји, преовладаа силите кои ја гледаат иднината првенствено во стратегијата на воена конфронтација и стотици милијарди евра за вооружување“, се вели во текстот. Во него се тврди дека се повикува „на потребата од постојано зголемување на вооружувањето и подготовките за војната што наводно се заканува“. Авторите бараат „неопходната одбранбена способност“ да се поврзе со политиките за контрола на оружјето и разоружување, „за да се постигне меѓусебна безбедност и меѓусебен капацитет за мир“.
Тие се залагаат за разговори со Русија како алтернатива на масовното воено вооружување. Потребно е „да се обидеме, колку и да е тешко, да воспоставиме дијалог со Русија откако оружјето ќе замолкне“, се вели во текстот. Исто така, се зборува за „постепено враќање кон смирување на односите и соработката со Русија“.
Целта на НАТО од пет проценти од БДП е „ирационална“
Се тврди дека стационирањето на нови американски ракети со среден дострел во Германија треба да се запре. Таквото распоредување на хиперсонични американски ракетни системи со долг дострел „би ја направило нашата земја прва цел на напад“, се вели во документот. Понатаму, плановите на НАТО да инвестира до пет проценти од својата економска сила во одбрана се нарекуваат „ирационални“.
Во интервју за радиото Дојчландфунк, коавторот Ралф Штегнер изјави дека „Манифестот“ треба да поттикне дебата за надворешната политика, покрај опцијата за постојано зголемување на вооружувањето. Германија мора да ги зголеми своите одбранбени капацитети и подготвеност во рамките на НАТО, но „не можеме само да гледаме како се зголемува бројот на војни“. Кога станува збор за Украина, „само воената логика нема да помогне против нуклеарната моќ на Русија“. Потребни се дополнителни дипломатски напори, „дури и со земјите чии влади не ни се допаѓаат“.
Самит на НАТО и конгрес на партијата СПД
Авторите предупредуваат дека во тековната дебата, со леснотија се зборува за следната копнена војна и задолжителната воена служба во Германија - а тие се на мислење дека социјалдемократите мора да се спротивстават на таквата форма на милитаризација. Целта на „Манифестот“ е да започне дискусија и во самата СПД. Потписниците се убедени дека партијата мора да остане дел од мировниот проект.
За шефот на СПД, Клингбајл, дебатата доаѓа во незгодно време. Самитот на НАТО ќе се одржи на 24 и 25 јуни во Хаг, а сигурно ќе има дискусија за зголемувањето на средствата за одбрана. Веднаш потоа ќе се одржи тридневен сојузен партиски конгрес на СПД, каде што ќе се избере новото партиско раководство. Клингбајл повторно ќе се кандидира.
Напад врз раководството на партијата
Со тој програмски документ, потписниците јасно се спротивставуваат на Клингбајл и министерот за одбрана на СПД, Борис Писториус. Двајцата ја поддржуваат и учествуваат во обликувањето на надворешната и безбедносната политика на германската федерална влада. Ова важи и за најновите предлози на канцеларот Фридрих Мерц (ЦДУ). Тој неодамна објави дека Бундесверот треба да стане најсилната конвенционална армија во Европа и изјави дека „веќе нема ограничувања за дострелот на оружјето“ испорачано на Украина.
Тие изјави веднаш беа дочекани со протести од левото крило на СПД, кои сега ги поддржуваат и потписниците на „Манифестот“. Терминот „Манифест“ сигурно не е избран од авторите случајно. Станува збор за програмски проглас наменет за јавноста. Од последните избори за Бундестагот, на кои СПД постигна катастрофален резултат и освои само 16 проценти од гласовите, во рамките на партијата отворено се дискутира за програмски пресврт. Процесот на изготвување нова партиска програма треба да започне на партискиот конгрес.
Симпатизери на Русија
Левичарското крило на партијата сака да ја насочи дискусијата во насока што има долга традиција во СПД. Со децении, таа партија се сметаше не само за дел од мировното движење, туку се стремеше и кон блиски односи меѓу Германија и Русија. Таа стратегија се нарекуваше „промена преку трговија“ или „промена преку меѓусебна поврзаност“, а нејзината цел беше партнерство за модернизација со Русија.
Во срцето на таа политика беше енергетското партнерство: Русија испорачуваше евтин гас на Германија. Поранешниот шеф на парламентарната група на СПД, Мицених, потоа побара Германија да има добри односи со Русија како што има со САД. Се разви блиско пријателство помеѓу Герхард Шредер, кој стана канцелар од СПД во 1998 година, и рускиот претседател Владимир Путин.
СПД долго време затвораше очи
Денешниот сојузен претседател Франк-Валтер Штајнмаер, близок соработник на Шредер и началник на кабинетот на канцеларот во тоа време, ги критикуваше „ѕвечкањето со оружје и воените извици“ во 2016 година - две години по анексијата на Крим - кога 10.000 војници на НАТО одржаа маневри во Полска и балтичките држави за да вежбаат одбрана на полуостров како Крим.
Но, Штајнмаер јавно објави дека ја видел својата грешка и денес зборува за „неуспехот“ на политиката во тоа време: „Верувавме во мостови во кои Русија повеќе не веруваше - за што нè предупредија нашите партнери“, рече тој по нападот на Русија врз Украина во 2022 година.
Отпор кон „Манифестот“ од редовите на СПД
Многу социјалдемократи реагираат луто на „Манифестот“. „Соработка со воен злосторник кој веќе се подготвува за своите следни цели? Добра ноќ!“, напиша пратеникот на СПД, Себастијан Фидлер, на мрежата X. Неговиот поранешен колега од пратеничката група, Михаел Рот, напиша: „Овој 'Манифест' не е интересен придонес во дебатата, туку мрзоволна мешавина од суета, искривување на историјата и интелектуална мрзеливост на оние навикнати на благосостојба“.
Шефот на пратеничката група на СПД, Матијас Мирш, исто така се дистанцираше, иако помалку радикално: документот е придонес кон дебатата, изјави тој. „Тоа е легитимен, иако јас експлицитно не ги споделувам клучните, основни претпоставки“. Дипломатијата останува најважно правило, рече Мирш, но додаде и дека Путин досега не бил подготвен за разговори, што го покажуваат бројните отфрлени предлози за преговори.
Дури и заменик-портпаролот на владата се огласи - што вообичаено не е случај во внатрепартиските дискусии. Штефан Мајер рече: „Ова не е дискусија во вакуум, во која сојузната влада одлучи за забава да ги зајакне вооружените сили и одбранбената способност на нашата земја. Ова произлегува од целосно променетата закана што ја гледаме во Германија и во Европа“.