Дамаск: Десетици мртви по самоубиствен напад во црква
23 јуни 2025Според Министерството за здравство, 22 лица биле убиени во самоубиствен напад во христијанска црква во главниот град на Сирија, Дамаск. Уште 63 лица биле повредени во експлозијата во црквата Пророкот Илија.
Ова беше прв напад од ваков вид во Сирија по повеќе години. Првично, ниедна група не ја презеде одговорноста, но според Министерството за внатрешни работи, сторителот припаѓал на терористичката група на таканаречената Исламска држава (ИС), која претходно контролираше делови од Сирија и Ирак.
Министерството за внатрешни работи соопшти дека напаѓачот влегол во црквата, пукал кон верниците и на крајот го активирал својот експлозив. Очевидец за новинската агенција АП изјавил дека човекот бил придружуван од уште две лица, кои избегале кога се приближил кон црквата.
Сирискиот министер за информации Хамза Мустафа го осуди делото како терористички напад. „Овој кукавички чин е насочен против граѓанските вредности што нè обединуваат“, напиша тој на платформата X.
„Нема да се откажеме од нашата посветеност кон рамноправно граѓанство“, продолжи Мустафа, повторувајќи го ветувањето на државата да „вложи максимални напори за борба против криминалните организации и да го заштити општеството од сите напади што ја загрозуваат неговата безбедност“.
По соборувањето на долгогодишниот владетел Башар ал-Асад, привремениот претседател Ахмед ал-Шара, поранешен лидер на исламистички бунтовнички сојуз, вети дека ќе ги интегрира и заштити малцинствата.
Сепак, зачестено се случува насилство, вклучително и против шиитското алавитско малцинство, на кое му припаѓа и Асад, или против Друзите.