Дали Социјалдемократите имаат иднина?
30 јуни 2025„Горко“, „ужасно“, „катастрофално“, „кошмар“ - кога Социјалдемократите зборуваат за резултатот на СПД на сојузните избори од крајот на февруари 2025 година, се чувствува длабоко разочарување. Историски слабите 16,4 проценти од гласовите ѝ го донесоа третото место, зад конзервативната ЦДУ/ЦСУ и делумно десноекстремната АфД.
„Нема што да разубавуваме“, изјави четири месеци по изборите новиот генерален секретар на СПД, Тим Клисендорф на конгресот на СПД. Изборниот резултат, според него, е одраз на длабока загуба на доверба од страна на граѓаните. „Во политиката, во нашата демократија, во нашите институции, во нас“, додава тој. Сепак, губењето на довербата не дојде без најава. Секој што ги анализира изборните резултати од последните 25 години мора да заклучи дека работите одеа главно само во една насока - надолу.
Загуби на гласови на СПД по возрасни групи (во проценти)
Шлаканица за Клингбајл
Па така, разочарувањето во рамки на СПД се излеа на тридневниот партиски конгрес во Берлин - особено спрема лидерот на СПД, Ларс Клингбајл. Додека поранешниот канцелар Олаф Шолц, а подоцна и ко-претседателката Заскија Ескен, се повлекоа како последица на изборниот пораз, Клингбајл не само што продолжи, туку и ги водеше коалициските преговори со ЦДУ/ЦСУ и стана вицеканцелар и министер за финансии.
Многумина од сопартијците му забележуваат за стремежот кон власт. При неговиот реизбор за лидер на СПД, за него гласаа помалку од две третини од делегатите. Тоа е историски најлош резултат за лидер на партија, па сега и во рамките на владината коалиција со ЦДУ/ЦСУ, Клингбајл важи за слаб, бидејќи има само делумна поддршка од СПД.
Надежната Бербел Бас
Од друга страна, поранешната претседателка на Бундестагот, Бербел Бас, се кандидираше за наследничка на Заскија Ескен и доби импресивни 95 проценти од гласовите. 57-годишната политичарка од левото крило на партијата е министерка за труд во новата сојузна влада и одговорна за клучни прашања на Социјалдемократите, како што се работни места, пензии и социјални бенефиции за невработени лица. Таа најави дека со сета сила ќе се бори да се спротивстави на кратењата на социјалните трошоци, што ја воодушеви партијата.
Најмал заеднички именител - забрана за АфД
Делегатите беа согласни за барем една точка – одлучни се да ја испитаат можноста за забрана на АфД. Министерот за внатрешни работи на покраината Тирингија, Георг Мајер, на партискиот конгрес на СПД предупреди дека целта на АфД била „да ја елиминира нашата демократија“. Мајер контрираше на високите законски пречки за забрана на партија во Германија и рече дека верува „дека ризикот да не се преземе ништо е значително поголем од ризикот да се изгуби на суд“.
Лидерот на партијата Клингбајл исто така се залага за одлучно постапување и вели дека „доколку Сојузната служба за заштита на уставниот поредок ја оквалификува АфД како десноекстремна партија, тогаш веќе не може да има тактизирање“.
Изборни резултати на СПД од 1949 година до денес
Вооружувањето на Бундесверот предизвикува поделби во СПД
СПД е поделена за други прашања. На големо разочарување на многу членови на СПД, веќе нема да има буџетски ограничувања за вооружувањето на Бундесверот. Истакнати политичари на СПД уште пред партискиот конгрес во еден „Манифест“ предупредија од глобална спирала на вооружување. Тие бараат повеќе дипломатија и приближување до Русија. Високите трошоци за одбрана, според нив, неизбежно ќе одат на сметка на социјални бенефиции и финансирањето на заштитата на климата.
Клинбајл контрираше и рече дека „да се биде партија на мирот во 2025 година е нешто сосем различно отколку во 1980-тите. Владимир Путин не е Михаил Горбачов“. Клингбајл во тоа има поддршка од министерот за одбрана, Борис Писториус. На негово разочарување, СПД засега одбива повторно воведување на регрутација. За тоа се погрижи подмладокот на партијата, Јусо.
Левото крило, кое беше стишено за време на три и пол годишното владеење на канцеларот Олаф Шолц, повторно е погласно поради што раководството на партијата мора да прави „шпага“ и од една страна да дозволи и модерира левичарски дебати, а од друга страна да се држи до коалициската дисциплина со својот конзервативен партнер во владата, унијата од ЦДУ/ЦСУ.
Дали ќе има раскол во СПД?
СПД сака да усвои нова платформа. Генералниот секретар Тим Клисендорф, кој припаѓа на левото крило, ветува дека ќе има содржинска слобода. Централна улога ќе игра прашањето за праведна распределба. Сепак, повторно воведување на данок за богатите, кој беше укинат во 1997 година, нема да биде изводлив во влада со ЦДУ/ЦСУ. Лидерот на подмладокот на СПД, Филип Тирмер, е вознемирен поради тоа. „Додека 900 илјади луѓе во земјава живеат исклучиво од своето богатство, 20 проценти од семејствата не можат да си дозволат ниту една недела одмор годишно!“ Потребна е социјалдемократија „која повторно ќе биде храбра, која се осмелува да го постави прашањето за распределбата толку гласно што никој нема да може да го игнорира“, нагласи Тирмер.
СПД содржински сака повторно да стане работничка партија. Во Германија повеќе од 80 проценти од населението нема универзитетска диплома. Не смее да се дозволи тие луѓе да се прашуваат дали нешто згрешиле во животот, рече поранешниот канцелар Олаф Шолц во својот проштален говор на партискиот конгрес. Простор за домување кој може да си го дозволат, можноста и со скромна позадина да се избориш за повисоки позиции, како и перспектива за доволно високи пензии - тоа веќе не им е достапно на многумина. Општеството, рече Шолц, мора да функционира не само за главните лекари и претприемачи, туку и за работниците во фабриките, негувателите и пензионерите.
Овој текст првично е објавен на ДВ на германски јазик