Руските елити стануваат нервозни по смртта на Старовојт?
9 јули 2025Веста ги вознемири руските елити, сметаат руските коментатори: На 7 јули, телото на Роман Старовојт беше пронајдено со прострелна рана во градот Одинцово, во Московскиот регион. Во тој момент беа поминати само неколку часа откако на веб-страницата на рускиот претседател Владимир Путин беше објавено дека Старовојт е разрешен од функцијата министер за транспорт.
Рускиот истражен комитет се сомнева во самоубиство, објавуваат руските медиуми. Можен мотив: против Старовојт се подготвува кривична постапка за наводна проневера на буџетски средства за време на изградбата на утврдувања во Курската област на границата со Украина. Пред неговото назначување за министер за транспорт, Старовојт таму беше гувернер.
Само неколку дена пред неговата смрт, Старовојт лично го извести Путин за развојот на мрежа на аеродроми кои треба да го зголемат капацитетот на руската авијација. Притоа, Старовојт изгледаше самоуверен и смирен како и секогаш. Во јуни, на Меѓународниот економски форум во Санкт Петербург, тој ентузијастички зборуваше за нови инвестициски проекти и јасно стави до знаење дека сака да биде вклучен во нивното спроведување.
Кариера благодарение на олигарсите?
Роман Старовојт е роден во Курск; неговиот татко работел во тамошната нуклеарна централа. Старовојт се стекнал со високо образование во Санкт Петербург, каде што подоцна работел во градежништвото, пред да влезе во државната служба. Во владата на Санкт Петербург, тој надгледувал инвестициски проекти и веројатно соработувал со структури поврзани со семејството Ротенберг. Браќата Аркадиј и Борис Ротенберг се олигарси и се сметаат за блиски луѓе од доверба на претседателот Владимир Путин.
Според политикологот Абас Гаљамов, поддршката на Ротенбергови била клучна за понатамошната кариера на Старовојт. Во 2018 година, Владимир Путин го назначува за вршител на должноста гувернер на Курската област. Подоцна е официјално избран на функцијата, но во 2024 година, по предлог на премиерот Михаил Мишустин, се сели во Кремљ. Нов гувернер на Курск станува заменик-гувернерот на Старовојт, Алексеј Смирнов.
Кремљ: Разрешувањето не е поради „губење на довербата“
За време на руската војна против Украина, Старовојт ја надгледува изградбата на утврдувања долж руско-украинската граница во Курската област, во вредност од 19,4 милијарди рубли (околу 210 милиони евра). Но, ревизиите откриваат големи прекршувања и укажуваат на измама во извршувањето на договорот. Под сомнение се високи функционери, вклучително и наследникот на Старовојт, Смирнов. Како што објавува рускиот весник „Комерсант“, непосредно пред смртта на Старовојт, некои од обвинетите сведочеле на суд, веројатно и самиот Смирнов. Нивните изјави можеби станале дел од истрагата против поранешниот гувернер.
Веднаш по разрешувањето на Старовојт, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, нагласи дека оваа одлука не е поради „губење на довербата“. Сепак, повеќе политиколози ја поврзуваат оваа вест со истрагата во Курската област.
Дали самоубиство е веројатно?
Старовојт наводно извршил самоубиство со почесно оружје што го добил во 2023 година. Првично, беше објавено дека политичарот се застрелал во својот автомобил. Но, подоцна, на интернет се појави видео на кое се гледа како телото на Старовојт е поставено на носилка на тревник на одредено растојание од автомобилот.
Исто така, постојат спротивставени извештаи за датумот на смртта. Неколку медиуми објавија дека телото е откриено на 5 јули. Ова е во спротивност со соопштението за медиумите од Министерството за транспорт од 6 јули, според кое Старовојт тој ден присуствувал на состанок за протекување на танкер во пристаништето Уст-Луга во близина на Санкт Петербург.
Политикологот Михаил Виноградов смета дека сето ова е доказ за „хаос и мала паника во владините структури“. Тој исто така истакнува дека некрологот за Старовојт се појавил само на веб-страницата на Министерството за транспорт и тоа дури по објавата за назначувањето на нов министер. „Традицијата на изразување сочувство е важен сигнал за сегашните функционери и лојалистите воопшто“, пишува Виноградов на својот Телеграм-канал. Ова важи и за вработените во Министерството за транспорт: „Наутро, луѓето дошле на работа во изменета реалност, попладне биле во шок, а навечер биле замолени да се преправаат дека не се случило ништо важно или интересно.“
„Инстинкт за самоодржување на елитите“
Политикологот Сергеј Марков, кој е близок до Кремљ, на својот Телеграм-канал зборува за „шок за руските елити“ и изразува сомнежи дека се работи за самоубиство. Со оваа верзија, политикологот се сомнева дека оние „против кои можел да сведочи по апсењето“ се обидувале да го прикријат убиството.
Политикологот Гаљамов смета самоубиство е можно, но не исклучува дека поддржувачи може да најдат и теориите на заговор: „Повеќето луѓе кои дознаваат за овој случај веруваат дека високо рангирани корумпирани функционери сакале на овој начин да елиминираат сведок и соучесник во нивните злосторства“. Според Гаљамов, случајот би можел да му наштети на угледот на државните власти - особено во очите на самите бирократи. Тој верува дека олигарсите од Ротенберг можеле да се заложат за Старовојт и да го отстранат од списокот на обвинети. „Тие не можеле или не сакале да го сторат тоа“, вели Гаљамов, додавајќи дека самиот Старовојт требало да знае дека правосудниот систем во Русија е нефункционален поради распаѓањето на државните институции.
Политикологот Екатерина Шулман верува дека мистериозната смрт на Старовојт би можела да разбуди чувство за самоодржување кај елитите во земјата, кои би можеле да го сфатат инцидентот како предупредувачки знак. Елитите, според Шулман, сега би можеле да се прашуваат: „Како можеме да останеме на власт без да бидеме убиени и да ги уништиме нашите семејства?“. Таа се надева дека она што ќе преовладува во Русија нема да биде „најбезопасниот цар“, туку „обврзувачки правила за сите“ во форма на закони.
Овој текст првично е објавен на ДВ на германски јазик