Колку е безбедна критичната инфраструктура во Германија?
1 мај 2025Без семафори, возови, банкомати, интернет... Огромниот прекин во снабдувањето со електрична енергија од почетокот на неделава, особено во Шпанија и Португалија, го запре животот во големи делови од погодените земји.
Властите во Германија смируваат: населението не мора да стравува од сличен прекин на напојувањето со струја во земјата. „Мала е веројатноста за голем, долгорочен прекин на снабдувањето во Германија“, соопштуваат од надлежната Сојузна агенција за електрична енергија, гас, телекомуникации, пошта и железница. Германската мрежа е дизајнирана да има резерва, па така кога еден далновод ќе отпадне, има друг што може дведнаш да го замени.
Но, несигурноста останува. Колку е безбедно снабдувањето со енергија и вода, транспортот, комуникациите, здравството и финансиите? Со други зборови, колку е безбедна критичната инфраструктура која што е од големо значење за функционирањето на современите општества?
Сајбер напади во Германија
И во Германија речиси секојдневно има вознемирувачки вести. Минатата недела, Сенатот во Берлин јави дека имало сајбер напад врз порталот за електронски услуги. Погодена од нападот била и полицијата. Берлинскиот весник „Тагесцајтунг“ објави дека на денот кога се одржуваа сојузните избори, 23 февруари годинава, имало „масовен“ сајбер напад врз порталот на весникот. Веб-страницата не функционирала неколку часа.
Притоа ова се само најактуелните случаи. Напади врз критична инфраструктура се случуваат постојано, како на пример оштетувањето на каблите во Балтичко Море, парализирање на мрежи и хакирање на корпоративни ИТ-мрежи.
Експерти проценуваат дека околу 80 проценти од критичната инфраструктура во Германија е во приватни раце, односно во сопственост на индустриски компании. Но, властите исто така сè почесто се жртви на хакерски напади, меѓу кои дури и Бундестагот и сојузните министерства во Берлин. Мета на нападите се и важни институции на демократијата.
Многу пари за мостови, училишта, патишта - и критична инфраструктура
Идната германска влада планира значајни инвестиции во инфраструктура, особено со новиот специјален фонд од 500 милијарди евра. Таквите инвестиции треба да бидат реализирани во период од дванаесет години и да се влеат во области како што се транспортот, дигитализацијата и енергетската инфраструктура.
Претходната коалициска влада уште минатата година сакаше да донесе веќе подготвен закон за засилување на критичната инфраструктура. Поради предвремениот распад на коалицијата, Бундестагот веќе не беше во можност да го усвои.
Но, сојузната министерка за внатрешни работи Ненси Фезер (СПД) по прекините во Шпанија и Португалија побара подобра заштита на критичната инфраструктура. Во интервју за германски медиуми таа вели дека „мора дополнително да ја зацврстиме нашата отпорност и пружањето отпор. Критичната зависност и безбедносните ризици мора да се намалат секаде во областа на критичната инфраструктура.“
Токму тоа го планира идната влада на ЦДУ/ЦСУ и СПД во својот коалициски договор. Со оглед на растечките закани од тероризам, организиран криминал, хибридни сајбер напади и руската агресорска војна против Украина, мора да има засилување на сајбер безбедноста, цивилната и заштитата од катастрофи, како и цивилната одбрана.
Сојузната служба за информатичка безбедност треба да се прошири во Централна служба за сајбер безбедност. За заштита од натамошна зависност – на пример од Кина – треба да се развие сопствена технологија за чипови и полупроводници. Во критичната инфраструктура во иднина треба да се вградуваат само компоненти од „доверливи држави“. Малите и средните компании треба да добијат превентивни консултантски услуги бидејќи и тие се сè повеќе погодени од сајбер напади.
Ангажманот за критичната инфраструктура треба да биде засилен и на ниво на ЕУ. Во Стразбур неодамна беше претставен проектот ProtectEU. Надлежните комесари за безбедност при презентацијата зборуваа за зголемената несигурност кај населението поради загриженоста за закани од тероризам и хибридни закани. „Зачестеноста и софистицираноста на непријателските акти што ја поткопуваат безбедноста на ЕУ се зголемија“, се вели во стратешкиот план.
Злонамерните чинители значително го проширија својот арсенал. Хибридни кампањи како што се акти на саботажа против критична инфраструктура, подметнување пожари, сајбер напади, влијаење врз изборни процеси, манипулација со информации од странство и вештачки создадена миграција се интензивираат. Институциите на ЕУ не се поштедени од нападите. ЕУ ќе собира разузнавачки информации за можни напади на едно централно место, односно Службата за анализа на разузнавачки информации. Европол треба да се прошири и да се воспостави размена на податоци меѓу земјите-членки со заедничката цел подобро и навремено да ја заштитат критичната инфраструктура од напади.
Овој текст првично е објавен на ДВ на германски јазик