Дали Меланија го предомисли Доналд Трамп за Украина?
19 јули 2025Украина доби неочекуван застапник во Белата куќа- првата дама Меланија Трамп. Бран пофални објави се проширија низ украинските социјални мрежи неделава, откако претседателот на САД, Доналд Трамп, откри дека неговата сопруга почнала да ги истакнува контрадикторностите во неговите преговори со рускиот претседател Владимир Путин за договорот за завршување на војната во Украина.
„Многу зборувам со него за да го завршиме ова“, рече Трамп во понеделникот. „Секогаш кога ќе завршим, си велам: 'Па, тоа беше убав телефонски разговор'. А, потоа се лансираат ракети во Киев или некој друг град. Кога тоа ќе се повтори три-четири пати, си велиш: 'Муабетот ништо не значи'.“
Во понеделникот, Трамп постави рок од 50 дена за Путин да се согласи на прекин на огнот во Украина, или во спротивно ќе се соочи со значителни економски санкции. Рокот, како и други од страна на претседателот, изгледа дека е флексибилен. Во вторникот рече дека, иако не мисли дека 50 дена се долг период, „може да биде и порано“.
„Агентка Меланија Трампенко“
Претседателот откри дека токму неговата сопруга му го посочила очигледното лицемерие во односите на Путин со Белата куќа.
„Доаѓам дома, ѝ велам на првата дама: 'Денес разговарав со Владимир. Имавме прекрасен разговор'“, рече Трамп. „Таа вели: 'Навистина? Само што погодиле уште еден град.'“
На платформи како Х и Телеграм, украинските корисници споделуваа објави во кои ја поздравуваа наводната улога на Меланија Трамп.
„Значи, цело време Меланија беше на наша страна?“, напиша познатиот блогер Игор Лаченков. „Меланија за претседател на САД“, објави Телеграм-канал со 1,5 милиони следбеници.
Мнозина ја нарекоа „Агентка Меланија Трампенко“ и направија фотомонтажи во кои ѝ додадоа украински симболи на облеката.
Некои користеа мемиња за да се пошегуваат со претпоставката дека првата дама е клучниот глас што ја променил американската позиција кон Украина. Една таква објава, споделена од националната ТВ емисија ТСН, прикажува цртан лик, филмски детектив и слика од Меланија Трамп со широк шешир на инаугурацијата во 2025 година со натпис: „Тајни агенти: во цртани, во филмови, во реалниот живот“.
Друга објава покажува Годзила, означена како поранешната украинска премиерка Јулија Тимошенко, и Кинг Конг, означен како кандидатката за премиер Јулија Свириденко, со текст: „Жена ќе ја спаси Украина“ - „Тоа ќе биде Меланија Трамп“.
Влијанието на првата дама
Меланија Трамп е Словенка и израсната во поранешна Југославија. Словенија досега има обезбедено хуманитарна, економска и воена поддршка за Украина.
Таа претходно јавно ја изрази својата поддршка за Украина, особено во објава на платформата Х во 2022 година, кога ги повика луѓето да ги поддржат хуманитарните напори на Меѓународниот комитет на Црвениот крст по почетокот на руската инвазија.
Во интервју за ДВ, словенечката министерка за надворешни работи Тања Фајон изјави дека „навистина не знае колкаво е влијанието на Меланија врз Доналд Трамп“, но додаде дека е „добро да се знае дека имаме прва дама“ на страната на Словенија и Украина.
Многу украински корисници истакнуваат дека, поради нејзиното потекло од Југославија – земја која имала сложен однос со Русија – таа е најдобро позиционирана личност во кругот на Трамп за да го разбере заканувачкиот карактер на Владимир Путин.
Првите дами на САД често имале влијание во Белата куќа. Претходничките на Меланија Трамп биле вклучени во социјални програми и помогнале во постигнување на политички цели на своите сопрузи.
Во интервју за украинската телевизија Канал 24, поранешниот офицер на државната безбедност Иван Ступак изјави дека се надева оти симпатиите на Меланија Трамп кон неговата земја влијаат на американската надворешна политика.
„Гледавме низ историјата на разни земји дека првите дами... не е правило од 100%, но во многу случаи не постојат само како формалност“, рече Ступак. „Сакам да верувам дека има некакво влијание“, додаде тој, „дека може да каже нешто, и Трамп да ја послуша“.
Обновен извоз на оружје
Иако Меланија Трамп можеби го советува својот сопруг за воени прашања, тој и понатаму се води по сопствени критериуми кога станува збор за бизнисот.
Трамп најчесто ја води надворешната политика како зделка – гледајќи тој, а со тоа и САД, да имаат корист од секој договор.
Иако неговиот претходник Џо Бајден доброволно обезбедуваше воена помош за Украина, Трамп брзо ја запре таа поддршка во првите шест турбулентни месеци од мандатот. По катастрофалниот распад на односите со украинскиот претседател Володимир Зеленски претходно оваа година, недостигот на одговор од Путин доведе до тоа Трамп во последниве недели да изгледа попријателски настроен кон Украина.
Но, само под услов трошоците да бидат покриени.
Најново, Трамп потврди дека САД ќе ѝ достават батерии од ракетниот систем „Патриот“ на Украина, при што европските партнери ќе ги покријат трошоците за испораката.