„Чудни и тензични“ околности меѓу Скопје и Софија
5 февруари 2025Чествувањето на 153-годишнината од раѓањето на револуционерот Гоце Делчев и изјавите на премиерот Христијан Мицкоски дека Бугарија прва го прекршила Договорот за добрососедство уште во 2019 година, повторно ги ставија во фокусот на јавноста македонско - бугарските односи, коишто се во застој.
Бугарските медиуми пренесуваат бројни изјави на разочараност, но и критики, поради тоа што годинава немало заедничко чествување на годишнината од раѓањето на Делчев. Причината за тоа, според Софија, е што не добиле покана од Скопје за одбележување на годишнината.
„Чудни околности“
Дипломати од бугарската амбасада во Северна Македонија и бугарскиот генерален конзулат во Битола, претставници на бугарскиот Културно-информативен центар во Скопје и претставници на бугарската заедница во Северна Македонија, сепак положија венци и цвеќе на гробот на Делчев во дворот на црквата Свети Спас во Скопје.
„Се собравме да го одбележиме еден особено значаен датум во историјата и на Бугарија и на Северна Македонија. Му оддаваме почит на Гоце Делчев во прилично чудни околности, одвоени и со тензија“, порача бугарскиот амбасадор во Северна Македонија, Жељазко Радуков пред саркофагот на Гоце Делчев.
„За 20-30 години, нашите внуци ќе погледнат наназад и ќе се смеат на оваа генерација што дозволи да нѐ поделат токму работите што требаше да нѐ обединат. Верувам дека ќе живеат во свет на поголема доверба и разбирање“, вели амбасадорот во изјава којашто ја пренесуваат бугарските медиуми.
Кој е виновен?
Заедничкото чествување меѓу Северна Македонија и Бугарија е предвидено во Договорот за пријателство и добрососедство од 2017 година. Бугарскиот историчар Наум Кајчев за БГНЕС вели дека вината што нема заедно чествување е кај политичарите во Македонија.
„Лидерите на Северна Македонија немаат сила да го прослават овој ден со Бугарија. Да потсетам дека само до пред 3-4 години постоеше практика за заедничко одбележување на споменот на Гоце Делчев, како на денешниот 4 февруари – денот на неговото раѓање, така и во мај кога почина. За жал, раководството на Северна Македонија не се придржува до духот и писмото на Договорот и не го слави Гоце Делчев заедно со нас“, вели Кајчев.
Македонскиот премиер Христијан Мицкоски, коментирајќи ги изјавите од бугарското МНР дека нема заедничко чествување затоа што македонската Влада не го почитувала Договорот за добрососедство, на прес-конференција во Владата посочи дека Бугарија е таа којашто прва не го почитувала Договорот за добрососедство со ветото од 2019 година.
„Не би рекол дека Владата не го почитува Договорот за добрососедство. Мислам дека прв кој што не го почитува Договорот за добрососедство е токму тогашната бугарска Влада во 2019 година, која наместо да нѐ поддржува, одлучи да нѐ опструира, ставајќи ветона почетокот на преговорите за државава. Доколку тие сакаат да го почитуваат и чествуваат ликот и делото на македонскиот великан, идеолог и револуционер Гоце Делчев, добредојдени се. Ова е слободна и демократска држава. Секој кој што сака да го почитува ликот и делото на Македонецот Гоце Делчев слободен е да дојде и тоа го направи, јас не гледам никаква пречка во тоа“, рече Мицкоски.