Црно-црвена коалиција: Не секој почеток е магичен
10 април 2025„Во секој почеток има магија“, вели Херман Хесе. Исклучоците го потврдуваат правилото. Почетокот на оваа црно-црвена коалиција е исто толку „магична“ колку и брак склучен од интерес. Тоа почнува уште со местото од кое беше соопштена коалицијата: Куќата на Паул Лебе, бетонска доградба на Рајхстагот, која зрачи со стабилност и трезвеност. Но, можеби токму тоа и се бара.
По напредокот доаѓа одговорност
Кога т.н. семафор-коалиција (ЦДУ/ЦСУ, СПД и Зелените) во 2021 година го претстави својот коалициски договор - тогаш под мотото „Смелост за поголем напредок“ - тоа го стори на модерна локација во берлинскиот кварт Вестхафен. Имаше „кул“ фотографии со индустриска кулиса, сè беше таман за Инстаграм. Кон што на крајот ќе води сето тоа, се покажа со зголемениот притисок врз владата: Поради тоа што СПД, Зелените и ФДП сакаа да одат напред, но секој за себе и во различни правци, на крајот се сопнаа – а, останатото е веќе историја.
Црно-црвената коалиција, петта по ред, не се ни обидува однапред да продава бајки. Црно-црвената коалиција сака да разбуди доверба. „Одговорност за Германија“, се вели на насловната страница на коалицискиот договор. Тоа звучи помалку возбудливо од „напредок“, но е токму она што многумина во земјата си го посакуваат - стабилност, лидерство, резултати. Токму така може да се сфати коалицискиот договор.
Солидно наместо револуционерно
Кога станува збор за економијата, коалициската влада сака да создаде поттик за дополнителни вложувања, па така компаниите кои многу инвестираат ќе може да бидат ослободени од данокот на три пати по 30 отсто од нивните инвестициски трошоци. Кој ќе работи дополнително многу, ќе може да добие надомест за прекувремена работа кој нема да биде оданочен. И лицата кои сè уште работат, иако се веќе во пензија, ќе добиваат даночни олеснувања.
Освен тоа, треба да им се олесни животот на компаниите преку намалување на трошоците за енергија и укинување на националниот закон за синџирите на снабдување со неговите обемни и компликувани барања за извештаи. И семафор-коалицијата планираше некои од овие измени, но на крајот не успеа поради интерните проблеми во владата.
Нема револуционерни идеи
Црно-црвената коалиција се надоврзува на развојот што го иницираше претходната влада и во однос на миграцијата: на националните граници и натаму ќе има контроли, а ќе има и повеќе депортации. Тоа се нешта кои веќе станаа реалност уште за време на министерката за внатрешни работи од СПД, Ненси Фезер. Ново е де факто што се укинува добивањето државјанство по три години. Покрај тоа, бегалците од Украина веќе нема автоматски да добиваат финансиска помош од државата. Сепак, ниту овие идеи не се револуционерни.
Доброволно во војска наместо воена обврска
Прагматичен пристап има и во одбраната. Враќање на обврска за служење на воен рок засега нема да има. Наместо тоа, сè уште се игра на картата на доброволно служење војска. Сепак, младите лица кои се подобни за тоа, систематски ќе бидат евидентирани. Покрај тоа, ќе има закони за забрзување на обновата на дотраената инфраструктура на Бундесверот, како и за набавка на нова воена опрема. Поединечни вооружени системи за Украина, како што е на пример „Таурус“, не се вклучени во коалицискиот договор.
Џокер: специјални фондови
Ништо од ова не звучи како голем пробив. Но, тука се и измените на Уставот што ЦДУ/ЦСУ, СПД и Зелените ги протуркаа по забрзана постапка во пресрет на коалициските преговори. Стотици милијарди евра за одбраната и безбедноста на земјата, стотици милијарди евра за инфраструктурата, сто милијарди евра за заштита на климата и трансформација на економијата.
Ако во најдоброто сценарио дотурот од милијарди евра се поврзе со мирна политика на стабилност, може многу да се постигне. Во свет во кој рускиот властодржец Владимир Путин го крши меѓународното право и напаѓа соседни земји и во кој американскиот претседател Доналд Трамп го турка глобалниот трговски поредок во хаос, можеби е и сосема доволно да се биде стабилен.
Да ѝ се даде време на црно-црвената коалиција
Можеби големото достигнување на оваа коалиција е тоа што воопшто има влада. И тоа што и покрај огромниот притисок врз партиите кои во предизборната кампања беа закрвени, тие успеаја да се здружат за во идеален случај да водат трезвена, но ефикасна политика. На црно-црвената коалиција мора барем да ѝ се даде времето потребно да почне да ги движи нештата. Не секој почеток е магичен, но можеби и нема потреба да биде.
Автор: Јан Фредерик Виљемс, АРД