Препирки за дивоградбите: Парада или борба со криминал?
3 јуни 2025Циркус и парада пред избори или борба со криминал - што се крие зад жестоките препирки меѓу скопската градоначалничка Данела Арсовска и власта околу обвинувањата за дивоградби во скопската општина Чаир? Обвинувањата коишто започнаа минатата недела, ескалираа на седница на Град Скопје во вторникот (03.06), кадешто во жолчна расправа, мнозинството советниците не и дадоа шанса на Арсовска на вонредна седница да се расправа за дивоградбите во Чаир.
Во обраќање од говорницата, таа сепак ја искористи можноста да порача: „Јас овде излегувам само да ви кажам зошто барам да се одржи седницата, сакам да ви покажам документи кои градоначалникот Висар Ганиу ги фалсификувал. Тој фалсификувал документи дека Град Скопје дал решение и пресметало комуналии за објект дивоградба. Тоа што не ми дозволувате да се обратам покажува дека се плашите и дека го браните Ганиу“, рече Арсовска.
Според неа, „од ВМРО-ДПМНЕ покажале дека се подготвени ако треба и со жив штит да го бранат криминалот на Висар Ганиу и Ејуп Адеми“ со незаконските дивоградби во општина Чаир.
Закани, пријави и повици
Таа претходно преку социјалните мрежи го повика премиерот Христијан Мицкоски да се расчисти со случаите со дивоградбите во општина Чаир. „Мицкоски, денес ти се обраќам како жена, како човек, како градоначалник. Ги спречуваме дивоградбите на Ганиу повеќе од три години, враќаме документи и постапуваме, никој институционално не реагира“, вели Арсовска.
Таа е децидна дека нема да се повлече и покрај тоа што наведува дека е мета на закани.
Во расветлување на една од заканите се вклучи и МВР. Тие информираа дека се расчистува случајот по наводите на Арсовска дека од бел „мерцедес“ ѝ се заканувало лице кога на булевар „Словенија“ затекнала диво приклучување на атмосферската канализација.
„Циркус и парада“
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски вели дека МВР и Обвинителството реагираат по однос на секоја пријава којашто е поднесена до нив, но во однос на обвинувањата на Арсовска оценува дека станува збор за „циркус и парада пред локални избори“.
„Да беше во рамки на првите година дена, ќе беше за поздрав, и ќе беше навистина искрено. Но, овој народ препознава кога нешто е искрено и препознава кога нешто е заради циркус. Овде ние не говориме за желба да се стави ред во Македонија, овде говориме за парада и циркус“, изјави Тошковски.
Скопската градоначалничка Данела Арсовска со денови ја бранува јавноста со обвинувања за дивоградби и криминал во скопската општина Чаир, за што го алармираше и Обвинителството. Оттаму информираа дека отвориле истрага за една шесткатна дивоградба во Чаир. Станува збор за објект кој почнал да се гради во 2024 година, без одобрение и на државно земјиште на улицата Кемал Сејфула во Чаир.