За две години државата дала 8,5 милиони евра за нови возила
13 март 2025Само за две години државните институции набавиле нови патнички возила за 8,5 милиони евра, дел купени, а дел земени на лизинг. Меѓу нив се и 45-те владини возила, секое по 50 илјади евра, земени на лизинг за сегашните функционери, но и за поранешните премиери и претседатели на Северна Македонија. Просечната вредност на сите набавени возила во последните две години е 31.760 евра. Најголема вкупна вредност на склучени договори имаат фирмите Порше лизинг и Аутомотив груп, секоја по околу 2,8 милиони евра за две години. Ова го покажува најновото истражување на Центарот за граѓански комуникации (ЦГК) за набавките на патнички возила на државните институции во 2023 и 2024 година и отворената база на податоци на договорите за јавните набавки на возилата.
Истражувањето открива дека најскапо набавено возило од 55 илјади евра е на Општина Шуто Оризари, додека Општина Прилеп набавила па го раскинала договорот за возило од 63 илјади евра. Омилен бренд на функционерите им е Шкода, марка од која се набавени 90 возила или секое трето возило. Најмногу возила, 82, набавиле Електрани на Северна Македонија.На дури 70 % од тендерите за набавка на возилата имало само по една понуда.
Подновени со 269 нови возила - кој купил најскапо?
Државните институции набавиле 269 нови патнички возила и за нив потрошиле 8.543.658 евра. Дел од институциите ги купиле возилата, а друг дел ги набавиле на лизинг, најчесто оперативен, што значи дека по истекот на периодот на лизингот треба да ги вратат, иако за возилата плаќаат како да ги купиле. Нови возила набавиле 44 институции, а склучени се вкупно 72 договори за јавни набавки.
Најскапи возила,од по 55 илјади евра, набавиле: Општина Шуто Оризари, Државна видеолотарија, Општина Битола и Комуналец Кавадарци. Убедлив рекордер ќе беше Општина Прилеп која во декември 2024 година склучила договор за набавка на лизинг на возило од 63 илјади евра. Но, како што тврдат од општината, договорот е раскинат во февруари оваа година и возилото не е земено. Сепак, на Електронскиот систем за јавни набавки не е објавено раскинувањето на овој договор, се наведува во истражувањето.
Поединечно по институции, најмногу возила набавиле Електрани на Северна Македонија, 82 возила за вкупна вредност од 2,2 милиони евра. Исто толку пари, но за речиси двојно помалку возила, има потрошено и Владата, преку Службата за општи и заеднички работи, за набавката на лизинг на 45 возила, секое по 50 илјади евра. Следно на листата е Министерството за внатрешни работи, кое набавило вкупно 28 возила за 900 илјади евра. По повеќе од половина милион евра за нови возила потрошиле Агенцијата за национална безбедност, за набавени 23 возила, и Водостопанство, за набавени 15 возила.
Шкода - „омилена“ марка на функционерите
Најмногу возила, институциите набавиле од марката Шкода, дури 90, односно една третина од сите набавени возила во двегодишниот период на анализа. Во рамките на оваа марка, далеку најзастапен модел што е набавен е „Суперб“. Од 90-те набавени Шкоди, дури 56 се од овој модел.
Многу зад Шкода не заостанува ни марката Дачиа од која се набавени 78 возила. Речиси 90% од набавените возила од оваа марка се од моделот „Дастер“. Следна марка според бројот на набавени возила е Пежо, со продадени 45 патнички автомобили. Сите други марки се застапени со значително помалку возила, иако се издвојуваат уште Опел со 16 возила и Рено со 10 возила.
Просечниот број понуди од фирмите на тендерите за набавка на нови возила изнесувал 1,4 понуди. На дури 70 % од овие набавки имало само по една понуда. Највисок број на добиени понуди на еден тендер бил три, но такви имало само во четири постапки.
Кој се вози во владините возила?
Посебно внимание предизвикува набавката на т.н. владини возила, односно возилата на највисоките функционери во државата што ги набавува Службата за општи и заеднички работи на Владата (СОЗР). Почнувајќи од 2012 година, СОЗР ги набавува овие возила во коишто се возат највисоките државни функционери по пат на т.н. оперативен лизинг, односно ги изнајмува за период од три години по којшто ги враќа и набавува нови.
Последната ваква набавка се спроведе лани, кога беа набавени 45 возила по цена на лизингот за едно возило од 50.437 евра. И овој пат се набавија возила од марката Шкода Суперб. За прв пат откако Владата набавува вакви возила според оваа постапка, просечната цена на едно возило достигна рекордни 50.437 евра. Според информациите од владината Служба за општи и заеднички работи, 45 Шкоди Суперб земени на тригодишен лизинг по цена од 50.437 евра за едно возило, ги користат највисоките сегашни и поранешни функционери во државата.
Покрај актуелниот државен врв, четири возила се за поранешните претседатели Бранко Црвенковски, Ѓорѓе Иванов, Вилма Трајковска, сопругата на Борис Трајковски и Стево Пендаровски.
Трите возила за Собранието ги користи претседателот на Собранието, Африм Гаши при што едното возило е за него, а другите две се за неговиот „ескорт“. Од петте владини возила, три се за премиерот, односно едно за него и две за неговиот „ескорт“ и две се за владиниот протокол. Трите возила на СОЗР, пак, се користат од Секторот за превоз и одржување на моторни возила, за „опслужување на странски делегации министерства“,покажува истражувањето на ЦГК.