Четворица новинари загинаа при напад врз болница во Газа
25 август 2025Најмалку четворица новинари се убиени во два последователни израелски напади во јужниот дел на Појасот Газа, се вели од палестински извори. Здравствените власти, контролирани од милитантниот исламистички Хамас, соопштија дека нападите биле насочени кон болницата Насер во Кан Јунис.
Еден од убиените новинари, снимателот Хусам ал-Масри, ккако што се вели, бил хонорарец кој работел за новинската агенција Ројтерс. Други убиени, според истиот извор, се Маријам Абу Дага, Моаз Абу Таха и Мохамед Салама, кој работел за катарската телевизија Ал Џазира.
Според палестински извештаи, во нападот биле убиени вкупно најмалку 19 лица, меѓу кои и еден болничар. Очевидци велат дека вториот напад се случил откако спасувачите, новинарите и други брзо се упатиле кон болницата по првиот напад.
Израелската армија соопшти дека Генералштабот наредил истрага по нападот во областа на болницата Насер. Армијата изрази жалење доколку во нападот загинале недолжни луѓе. Како што се додава, новинарите, како такви, не се цел на напади. Во претходните инциденти од ваков вид, војската ги оправдуваше нападите тврдејќи дека терористичката организација Хамас ги користи здравствените установи како штит.
Потресеност во Ројтерс
Новинската агенција Ројтерс соопшти дека е потресена и итно бара дополнителни информации. Агенцијата побарала од властите во Појасот Газа и Израел помош за обезбедување медицинска нега на друг повреден соработник.
Германската влада повикува на поголема транспарентност
Германската влада по инцидентот уште еднаш го повика Израел да обезбеди транспарентност во водењето на војната. Портпарол на владата во Берлин изјави дека постојано барање на Германија е да биде овозможен пристап до Газа и известувањето оттаму.
Портпаролот додаде дека сè уште не може да ја коментира веста за смртта на уште четворица новинари. Но, тоа, како што рече, се вклопува во критикуваната слика.
Според Синдикатот на палестински новинари, од почетокот на војната на 7 октомври 2023 година од израелски оган се убиени повеќе од 240 палестински новинари во Појасот Газа.