Централната улога на Франција во европската одбрана
12 април 2025Францускиот претседател Емануел Макрон се посвети на концептот на таканаречената стратешка автономија во 2017 година. „Што се однесува до одбраната, ние мораме да ја оспособиме Европа да дејствува автономно, како дополнување на НАТО“, рече тој тогаш во говорот на Универзитетот Сорбона во Париз.
Неговиот повик прво не наиде на одзив. Меѓутоа, тоа во меѓувреме се промени со рускиот напад на Украина во 2022 година и со враќањето на власт на американскиот претседател Доналд Трамп, кој вели дека повеќе не сака безусловно да ја гарантира безбедноста на Европа.
Европската унија неодамна го усвои таканаречениот пакет за „Повторно вооружување на Европа“ (Rearm-Europe). До 2030 година ЕУ планира да инвестира околу 800 милијарди евра во европскиот одбранбен сектор. Неколку земји од ЕУ најавија зголемување на нивните воени буџети. Франција би можела да одигра клучна улога во ова, но, велат експертите, не сама без учество на други земји.
Искуството на Франција во мисиите
Годишниот воен буџет на Франција треба да се удвои до 2030 година. Тој во моментов изнесува околу 50 милијарди евра, што е приближно два отсто од брутодомашниот производ. Зголемените воени трошоци би можеле да доведат до дополнителен економски раст од околу 1,5 отсто, проценуваат економистите.
„Со своите речиси 20.000 компании, кои вработуваат околу 200.000 работници, францускиот одбранбен сектор го претставува столбот на ЕУ во однос на одбраната“, објаснува Фани Куломб, економистка на Универзитетот Сајанс по Гренобл, специјализиран за одбранбениот сектор.
„Франција е присутна практично во сите сегменти на производството“, вели таа за ДВ. „За разлика од другите земји, главно го одржувавме ова знаење од 1960-тите години. По крајот на Студената војна, расходите беа намалени. Меѓутоа, по нападот на Светскиот трговски центар во Њујорк на 11 септември 2001 година и последователната војна против тероризмот, тој тренд повторно се промени. Франција, исто така, секогаш учествуваше во мисиите во странство, на пример во Либија или во регионот Сахел“.
Системи наместо куршуми
Така, како што вели Силви Матели, Франција одржува вистинска култура на војна. Оваа економистка, специјализирана и за одбранбениот сектор, е директорка на парискиот тинк-тенк Институт Жак Делор. „Треба да имате прецизна претстава за заканата за да знаете кое оружје ви е потребно. Франција ги задржа овие аналитички способности, за разлика од, на пример, Германија“, вели оваа експертка за ДВ.
Притоа, Франција е лидер во таканаречените состави на системи, односно високи технологии како борбениот авион Рафал или носачот на авиони Шарл де Гол. „Сепак, драстично го намаливме производството на лесно оружје и муниција. Мислевме дека производството на тие помалку сложени производи може полесно да се рестартира“, вели Матели.
Пари и суровини
Од друга страна, рестартирањето на производството на лесно оружје и муниција, како што вели Куломб, можеби нема да биде целосно без проблеми. „Ќе бидат потребни големи количини суровини, кои потешко се добиваат од воведувањето на санкциите против Русија“, вели таа. „Покрај тоа, треба да обучиме повеќе инженери и специјалисти. Индустриските економски сектори во Франција постојано се намалуваат во последните децении.“
Тука е и прашањето на пари. Земјата има високи државни долгови и мора драстично да штеди за да го намали буџетскиот дефицит. Државата најави одбранбен фонд преку јавната инвестициска банка БПИФранс, преку кој треба да се соберат 450 милиони евра. Се разгледуваат и други финансиски производи специјално наменети за одбраната со цел да се поттикне штедењето кај Французите.
Поголем прилив очекува и париската агенција Дифенс ејнџелс, специјализирана за финансирање на стартапи во областа на одбраната. Од своето основање на крајот на 2021 година, инвестициската мрежа веќе финансиски поддржа 23 компании. Агенцијата, која собира 90 инвеститори, само оваа година би можела да поддржи речиси 30 млади компании.
На Европа ѝ треба Франција - и обратно
Притоа, како што вели првиот човек на компанијата Дифенс ејнџелс, Франсоа Матан, неуспешната средба меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и украинскиот претседател Володимир Зеленски го забрза целиот процес.
„Оттогаш ме бараат многу претходно неопределени инвеститори и сакаат да инвестираат.“ За Матан, стартапите играат важна улога. „Потребни ни се иновации и најсовремена технологија во одбранбениот сектор. Динамичните стартапи можат да го направат тоа подобро од големите, троми корпоративни конгломерати“, вели Матан.
Парискиот стартап Кајрос неодамна ги потпиша своите први договори со одбранбени компании. Кајрос ги анализира промените на сателитски снимки користејќи вештачка интелигенција. Во иднина може да се работи и и за движења на бојно поле.
„Франција ќе игра важна улога со својата компетентност во областа на вселенската технологија во рамки на вооружувањето, бидејќи тука има мини-Силиконска долина во таа област и многу добри истражувачки институции“, вели за ДВ Антоан Халф, коосновач на Кајрос.
Сепак, Франција треба да покаже скромност, велат некои експерти како Делфине Дешо-Дутар, политиколог и заменик директорка на истражувачкиот центар за меѓународна безбедност и европска соработка на Гренобл.
„Франција не може да ги замени САД како нов лидер во областа на безбедноста. Неопходна е соработка со други земји, како Германија или Италија“, вели таа за ДВ. „Потребни ни се европски шампиони за да постигнеме економија на размер. Ова е местото каде Франција треба да се однесува повеќе дипломатски и помалку арогантно“, заклучува Дешо-Дутар.