Ревизија: Многу слабости во работењето на Централен регистар
11 февруари 2025Во јули 2019 година, Централниот регистар набавил мебел во вкупна вредност од 6,4 милиони денари, а дел од него, во вредност од 1,3 милиони денари, и по пет години е оставен да скапува и не е ставен никогаш во употреба. Ревизорите во најновиот извештај во којшто се скенира работата на Централниот регистар ја доведуваат во прашање потребата од набавка на мебел.
Ова е само еден од низата слабости во работењето на институцијата. Во екот на пандемијата, кога Владата на Северна Македонија издаде препораки да се намалат трошоците и средствата да се користат само за неопходни работи, Централниот регистар ги зголемил трошоците за над 15 милиони денари за извршени градежно–занаетчиски работи и санација на електричната инсталација. Зафати биле извршени во деловните простории во објектот Комплекс банки во Скопје, како и е во Куманово, Штип, Тетово и Струмица. Но, ревизорите посочуваат дека по завршување на инвестиционите вложувања тие не биле ставени во употреба и покрај тоа што Централниот регистар е сопственик на тие објекти.
Повисоки бодови и плати
Според ревизорите, Централниот регистар немал софтвер за контрола на приходите и плаќањата, а постапките за вработување на административни службеници во не се вршат согласно законот кој предвидува - фаза на административна селекција, испит за административен службеник и проверка на веродостојност на докази и интервју. Исто така, одредени административци добиле и повисоки бодови и плати од она што е законски предвидено, поради што се бара институцијата да ја усогласи пресметката на платите согласно законите.
Ревизијата открила и продажба на патнички моторни возила без согласност од Владата, неусогласености во евиденцијата на приходи и нефункционирање на одредени регистри и проблеми со долгови. Исто така, во Централен регистар нема интерен акт со кој се регулира начинот на користење на службените кредитни картички што создава ризик од ненаменско користење на средствата.
Тужби и долгови
Државниот завод за ревизија информира и дека во деловните книги не е евидентирано земјиштето на кое е изграден административниот објект Палата „Лазар Поп Трајков“ и кое со одлука на Владата во 2013 година е доделено на трајно користење на шесте државни институции. За ова земјиште по завршување на ревизијата, законскиот застапник презел активности и тоа е воведено во евиденцијата на Централен регистар.
Централен регистар како тужител или тужена страна, пред надлежните судови се јавува во вкупно 38 судски предмети. Од исходот на постапките зависи какви последици тие би можеле да предизвикаат врз работењето на Централниот регистар во иднина.
Исто така, институцијата има земено кредит во износ од 1,4 милиони евра, односно над 86 милиони денари, кој произлегува од Договор од 2007 година склучен со Министерството за економија, за користење на дел од средства одобрени од Меѓународната банка за обнова и развој, но уште не е почната неговата отплата.