Центарот на Белград се полни за големиот протест
15 март 2025Десетици илјади луѓе денеска се собираат во центарот на Белград на масовен протест против власта во Србија предводена од популистичкиот претседател Александар Вучиќ, најголем во серијата протести против корупцијата кои ја разнишаа неговото 13-годишно владеење, јавува новинската агенција АП.
Громогласни свирежи и звуци од вувузели одекнуваат низ српскиот главен град, кој е во состојба на висока готовност откако беше најавен протестот, додека луѓето се упатуваат кон локациите одредени за протестот. Тие носат спрски знамиња и транспаренти со натписи како „Готов е!“, „Труло до срж!“. Се скандира и пее „Пумпај“, слоганот усвоен за време на четиримесечните протести предводени од студентите.
Ова најверојатно ќе биде најголемиот антивладин протест што некогаш се одржал во оваа земја, сметаат познавачите на состојбите.
„Очекувам дека ова ќе го разниша неговиот авторитет и дека Вучиќ ќе сфати дека народот повеќе не е за него“, изјави за АП демонстрантот Миленко Ковачевиќ.
Студентите во блокада кои повикаа на денешниот протест најавија дека во 16 часот главниот митинг ќе биде пред зградата на Собранието на Србија, но и кај плоштадот Славија каде ќе има бина, хор и говорници.
Во услови на зголемени тензии, полицијата соопшти дека уапсила маж кој со својот автомобил удрил во демонстрантите во белградската населба Жарково, повредувајќи три лица. Во центарот на Белград се распоредени силни
Пред денешниот протест, Вучиќ повеќепати предупредуваше од наводни планови за немири, се закануваше со апсење и строги казни за какви било инциденти.
Во очигледен обид да се спречат луѓето да присуствуваат на протестот, јавниот превоз во Белград беше откажан за денеска. Јавниот градски превозник ГСП соопшти дека откажувањето е направено „од безбедносни причини“.
Властите очекуваат меѓу 60.000 и 80.000 демонстранти да пристигнат во Белград, додека организаторите веруваат дека ќе има многу поголем број луѓе на протестот насловен „На 15-ти за 15-те“. Притоа се мисли на 15-те загинати во падот на настрешницата на железничката станица во Нови Сад на 1 ноември минатата година. Оваа несреќа беше поводот за почеток на бранот протести кој трае повеќе од четири месеци.