Над 21.000 работници тонат во долгови поради задоцнета плата
5 март 2025На над 81.500 работници во Северна Македонија не им била исплатена јануарската плата во законскиот рок до 15 февруари. Голем дел од нив со задоцнување ја добиле или сè уште ја чекаат исплатата за јануари,покажуваат податоците на Управата за јавни приходи (УЈП). Иако законскиот рок за подмирување на платата е одамна изминат, над 21 илјада работници и на почетокот на март сè уште живеат во неизвесност кога ќе ги добијат приходите неопходни за подмирување на основните животни трошоци.
Според најновите податоци коишто Дојче веле ги доби од Управата за јавни приходи, за јануари обврска за исплата на бруто плата имале вкупно 70.322 работодавачи за 550.001 вработено лице. До законскиот рок, пресметките ги платиле 46.525 работодавачи (66,16%) за 468.490 вработени лица (85,18%), што значи дека над 81 илјада работници не ги добиле месечните примања.
До 4 март, 13.593 работодавачи (19,33%) со задоцнување им исплатиле плата на 59.928 работници (10,90%). Тоа значи дека за јануари вкупно се исплатени плати за 528.418 вработени (96,08%).
„МПИН пресметката не ја платиле 4.307 работодавачи за 11.504 вработени лица, додека 5.897 работодавачи за 10.079 вработени лица сè уште не поднеле пресметка за јануари 2025 година. Управата за јавни приходи работи на анализа на одредени работодавачи кои често се повторуваат со неподнесени пресметки, со цел да се провери веродостојноста на податоците“, велат од УЈП.
Од УЈП велат дека споредбено на месечно ниво податоците за работодавачите кои исплаќаат плата во законскиот рок и работодавачите кои исплаќаат плата со задоцнување се на приближно исто ниво и податоците не се разликуваат драстично од месец на месец.
Во земјата има над 70.000 фирми со вкупно 550 илјади вработени. На компаниите коишто не го испочитувале рокот веќе им се испратени опомени. Доколку не ја исплатат платата во наредниот период, ќе следи присилна наплата.
Зошто доцнат платите?
Економската нестабилност, зголемените трошоци и долговите на компаниите се наведуваат како дел од можните причини за доцнењето на платите. Работодавачите наведуваат дека компаниите се неликвидни и не можат да исплатат плати, а казните коишто се најавуваат само ќе ги втурнат во стечај.
„Неисплаќањето на плати е резултат на неликвидноста на компаниите. Голем број компании немаат доволно сопствен капитал и ликвидноста им е нарушена. Тие во најголем број случаи чекаат одредени приливи на средства од своите купувачи или клиенти за да ги исплатат платите“, вели во изјава за „Локално“, Ангел Димитров од Организацијата на работодавачи.
Пратениците од Левица деновиве поднесоа предлог во Собранието за измена на Законот за работи односи, со цел, исплата на платите до петти во месецот, наместо до петнаестти. Предлог-законот, како што образложија од партијата, доаѓа како резултат на реалната економска состојба на работниците во Македонија и има за цел да обезбеди навремена и правична исплата на платите. Целта е да се обезбеди финансиска сигурност на работниците, бидејќи во многу домаќинства платата е единствениот доход на семејствата, а моменталната пракса на исплата на платите до петнаести во месецот, предизвикува финансиска нестабилност и задоцнети плаќања на режиските трошоци. Поради доцнењето на платата, многу работници се принудени да земаат брзи кредити, дозволени минуси, позајмици со високи камати, што дополнително ја влошува нивната финансиска состојба.
Проблеми и во јавниот сектор
Според податоците на Сојузот на синдикатите, над 20 илјади работници се на минимална плата, од кои најголемиот дел работат во мали и микро фирми. Синдикатот најави дека ќе изврши проверки што се случува и во Државниот пазарен инспекторат (ДПИ), каде што се наведуваше дека вработените не земале плата еден или два месеци.
„За жал, дел од вработените во јавниот сектор поради реорганизацијата на Владата, немаат земено плата еден или два месеца. Овие работници се добредојдени во ССМ да формираат синдикална организација за да можеме да се легитимираме пред работодавачите и да се избориме за исплата на нивната плата. Синдикалците кои се веќе таму молчат за овој проблем и не преземаат никакви активности да овозможат исплаќање плати на работниците“, изјави деновиве на прес-конференција првиот човек на ССМ, Слободан Трендафилов. Според него, ССМ нема да ги изневери работниците и секогаш ќе биде со нив не само за исплата, туку и за зголемување на платите.
И опозициската СДСМ излезе со сознанија дека државните инспектори од Трудовиот инспекторат се одјавени од Агенцијата за вработување и веќе една недела не се вработени. „Инспекторите ја добиле својата плата за декември 2024 година дури на 12 февруари оваа година, а за јануари и февруари 2025 година – платите сè уште не им се исплатени. Тоа значи дека тие немаат ниту здравствено осигурување, што е директен напад врз нивните основни работнички права“, изјави портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.
Но, министерот за економија и труд Бесар Дурмиши ги отфрли ваквите обвинувања. Тој вели дека согласно измените и дополнувањата на Законот за инспекциски надзор, инспекторите ќе бидат пријавени како вработени во Министерството за економија и труд со 1 март 2025 година, односно немаат прекин на работниот однос и нема да имаат. Дурмиши информира дека на вработените во Државниот инспекторат за труд им биле исплатени платите за јануари, додека платата за февруари ќе биде исплатена во законски утврдениот рок до 15 март.