Чекајќи го Хамас: Дали ќе успее прекин на огнот во Газа?
30 мај 2025Додека израелската армија продолжува со нападите врз исламистичкиот Хамас во Појасот Газа, САД не губат надеж за нов прекин на огнот. Според Белата куќа, Израел веќе прифатил нов предлог од американската влада, но одговорот од терористичката организација сè уште се чека. Разговорите со сите страни продолжуваат, изјави Каролин Левит, портпаролка на американскиот претседател Доналд Трамп.
Во меѓувреме, израелската армија ги повика цивилите во неколку области во северниот дел на Појасот Газа веднаш да се евакуираат.
„Терористичките организации спроведуваат саботажи во областите и затоа армијата ќе ги прошири своите офанзивни активности таму за да ги уништи капацитетите на терористичките организации“, напиша портпарол на израелската војска синоќа (29.05) на платформата X. Според него, областите сега се „опасни борбени зони“. Армијата соопшти и дека вчеравечер нападнала воени позиции на Хезболах во Либан. И покрај прекинот на огнот што е во сила од крајот на ноември, Израел го задржува правото да ги напаѓа и натаму позициите на Хезболах кај својот сосед.
Извештај: Хамас сè уште има резерви
Дали во Појасот Газа ќе се постигне ново примирје, останува да се види. Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху им кажал на семејствата на заложниците дека генерално се согласува со новиот предлог на американскиот специјален пратеник Стив Виткоф за привремено примирје, јавуваат израелските медиуми.
Хамас е наклонет кон прифаќање на договорот, но „со одредени резерви“, објави „Тајмс оф Израел“, повикувајќи се на два неименувани извора. Според извештајот, се очекува преговорите да продолжат уште најмалку неколку дена. Хамас неодамна отфрли привремен прекин на огнот. Тој бара повлекување на израелските трупи од Газа и траен крај на војната. Сепак, американскиот специјален претставник Стив Виткоф пред два дена изрази оптимизам за шансите за евентуален прекин на огнот и долгорочно мирно решение на конфликтот.
Според извештаите на израелските медиуми, со новиот предлог на Виткоф се бара 60-дневно примирје. Покрај тоа, десет заложници држени во Појасот Газа треба да бидат ослободени во две фази во рок од една недела. Според неколку извештаи, треба да бидат предадени и телата на 18 киднапирани лица. За возврат, треба да бидат ослободени 125 Палестинци осудени на доживотен затвор и 1.111 жители на Газа уапсени по терористичкиот напад врз Израел на 7 октомври 2023 година. Покрај тоа, треба да бидат предадени телата на 180 Палестинци.
Хамас се повикува на „интересите на палестинскиот народ“
Хамас потврди дека го добил предлогот на САД од медијаторите. Во соопштение, палестинската терористичка организација, вели и дека „одговорно“ ќе го разгледа предлогот. Секој одговор ќе се базира на „интересите на палестинскиот народ“. Портпаролката на Трамп, Левит, изјави дека според нејзини сознанија Хамас сè уште не се согласил со планот. Таа не даде детали за актуелниот предлог, но рече дека САД се надеваат на прекин на огнот. Доколку се постигне договор, Белата куќа ќе го објави тоа, рече Левит.
Според израелските извештаи, за време на двомесечниот прекин на огнот треба да се водат разговори за прекин на војната. Доколку се постигне договор меѓу Израел и Хамас, ќе бидат предадени преостанатите заложници и останките на другите киднапирани лица. Според израелски извори, моментално во Газа се наоѓаат најмалку 20 живи заложници. За тројца заложници не е јасно дали се сѐ уште живи. Се верува дека останките на 35 киднапирани се во затворена област со безброј подземни тунели.