Царините го засенуваат маслиновото гранче на САД во НАТО
4 април 2025Американскиот државен секретар Марко Рубио пристигна во седиштето на НАТО во Брисел со порака која требаше да ги смири нервозните министри за надворешни работи на земјите од Алијансата, но и со цврсти инструкции за нив: тука сме за да останеме, а сега двојно зголемете ги вашите трошоци за колективна одбрана.
„САД се активни во НАТО како и секогаш“, им рече Рубио на новинарите, стоејќи до генералниот секретар на НАТО Марк Руте на почетокот на дводневниот состанок. „Претседателот Трамп јасно стави до знаење дека го поддржува НАТО, ќе останеме во НАТО."
Сепак, не е јасно како точно се доживува поддршката на Доналд Трамп за НАТО во Европа, откако тој по вторпат ја презеде функцијата во ноември. Тој во повеќе наврати навести дека САД би можеле да одбијат да им помогнат на сојузниците кои не ги исполниле целите на НАТО за одбранбени трошоци доколку бидат нападнати, поткопувајќи го на тој начин пактот за взаемна одбрана, што суштинско начело на Алијансата.
Американскиот претседател, исто така, ги запрепасти Европејците со неговата желба да го анектира Гренланд, полуавтономна територија што е дел од Данска, како и со отворањето билатерални преговори со Москва за завршување на војната во Украина, главно игнорирајќи ги другите членки на НАТО кои, како Вашингтон, му даваат на Киев стотици милијарди долари.
Но, Рубио, кој самиот учествуваше во трката за претседателска номинација на Републиканската партија во 2016 година, посочи дека дошло до недоразбирање: „Некои од хистеријата и хиперболата за НАТО што ги гледам во светските и некои домашни медиуми се неоправдани“.
И покрај тензиите, Рубио и Руте го нагласуваат единството на НАТО
Марк Руте, кој ја презеде функцијата шеф на НАТО минатата година, исто така ја истакна важноста на трансатлантските односи. „Знаеме дека САД се силен сојузник во НАТО“, рече тој. „Но, таа посветеност доаѓа со очекување, а очекувањата се европските сојузници и Канада да треба да трошат повеќе за одбрана“.
Руте, поранешен холандски премиер, изјави дека Канада и европските сојузници ги зголемиле сопствените трошоци за одбрана за 700 милијарди евра од 2017 година. Веројатно во обид да ги смири САД, Руте истакна дека сите сојузници на НАТО треба да имаат за цел да потрошат „повеќе од три отсто“.
Денес високо милитаризираната Русија, која води војна во Украина на прагот на НАТО, како и сè понепредвидливото однесување на САД под администрацијата на Трамп, ја поттикнаа Европа да инвестира повеќе во одбраната во последните месеци.
„Руската закана ќе постои уште многу години“, истакна Руте.
Долго време пред Трамп, САД ги повикаа сите сојузници во НАТО да ја исполнат договорената цел: да инвестираат два отсто од бруто домашниот производ во одбраната. Повеќето земји од НАТО го прават тоа сега, просечната потрошувачка на членките во 2024 година беше 2,7 проценти.
Во четвртокот Рубио потсети на новата цел на администрацијата на Трамп. „Сакаме да заминеме одовде со разбирање дека сме на пат, реален пат, секоја од членките да се обврзе да го исполни своето ветување да достигне пет проценти“, рече тој, додавајќи дека тоа ги вклучува и САД, кои во моментов трошат 3,5 проценти.
Запрепастувачки царини ја засенија пораката за добра волја
Задачата на Рубио во Брисел е уште потешка бидејќи непосредно пред тоа Трамп го објави воведувањето на неверојатни царини, за кои многумина стравуваат дека може да предизвикаат глобална трговска војна. Царината од 10 проценти сега се применува за речиси сите стоки увезени во САД. Стоките од Европската унија, која вклучува 23 од 31 земја на НАТО, подлежат на царини од 20 проценти.
Доаѓајќи на разговорите, францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро призна дека трансатлантското единство е „на искушение со одлуките донесени и објавени од претседателот Трамп“.
Германската министерка за надворешни работи во заминување, Аналена Бербок, рече дека економската безбедност е „дел од севкупната безбедност“.
Сепак, министрите на неколку земји истакнаа дека и натаму ги гледаат САД како сојузник.
Пред НАТО стојат големи задачи и многу прашања
Општо кажано, европските сојузници на НАТО се подготвуваат за повлекување на САД кои се свртуваат кон Азија, администрацијата на Трамп е сериозно загрижена поради Кина.
Едно сценарио што ја преокупира Европа е дека САД би можеле да повлечат некои од своите околу 100.000 војници кои моментално се стационирани во Европа - бројка што беше зголемена за 20.000 во времето на поранешниот американски претседател Џо Бајден, откако Русија започна целосна инвазија на Украина во 2022 година.
Запрашан за таквата можност, Руте рече дека ова прашање не е ново и дека „нема планови САД наеднаш да го намалат своето присуство овде во Европа“.
Додека самитот на лидерите на НАТО се очекува во јуни во холандскиот град Хаг, главната преокупација на 75-годишната Алијанса денес секако ќе биде војната во Украина. Трамп сè уште ги води преговорите меѓу Москва и Киев, кои сè уште немаат вродено со траен мировен договор. На долг рок, САД сакаат Европа да ја преземе одговорноста за безбедноста на Украина.
Дали пораката на Рубио беше убедлива?
Рафаел Лос од тинк-тенкот Европски совет за надворешни односи, смета дека е малку веројатно Рубио да успеал да ги смири сојузниците. „Европејците не сметаат дека тоа било особено смирувачко, особено по објавувањето на царините, сега кога сме во трговска војна со САД“.
И изгледите за која било од членките на НАТО да потроши пет проценти од својот БДП за одбрана не се веројатни, според Лос. „Тоа всушност бара командна, воена економија, како онаа на Русија. Во Студената војна, некои сојузници на НАТО трошеа пет проценти или повеќе за одбрана, но тие беа исклучок. Најчесто тоа беше повеќе од три проценти“.
Во 2025 година се очекува Русија да потроши повеќе од шест отсто од својот БДП за одбрана.
Во текот на следните неколку месеци, Европејците ќе се обидат да согледаат на што точно треба да трошат. „Европејците знаат дека, во пресрет на самитот на НАТО, треба да направат повеќе и на многу различни начини“, вели Лос. „Се работи за нивните можности и што значи листата за купување за одвојувањата за одбрана.“