Покерот на Трамп чини пари, работни места и доверба
11 април 2025Кога светските берзи стануваат особено турбулентни, на пример затоа што пандемија ја парализира глобалната трговија, трговска војна ескалира или затоа што „напумпани“ пакети акции одеднаш колабираат, инвеститорите ширум светот гледаат кон САД. Државните обврзници на најмоќната воена нација во светот и нејзината отпорна економија се она што се нарекува „безбедно засолниште“.
Во верните раце на оваа велесила, според претпоставката, моите пари ќе ја преживеат секоја кратка бура и секоја долга криза. Бидејќи, нејзиниот претседател, без разлика на која партија ѝ припаѓа, секогаш ќе направи сѐ што е во негова моќ. А, и има многу работи во негова моќ.
Неподготвеност за последиците
Администрацијата на Трамп сега работи на уништување на оваа основна претпоставка - и се покажува изненадувачки неподготвена за последиците од сопствените постапки. Со својот неодамнешен пакет царини, претседателот Доналд Трамп не само што намерно ја турна американската економија на работ на рецесија, тој се закани и дека ќе ги повлече со себе и парите што му се доверени од целиот свет, доколку не го добие тоа што го бара. Но, се случи обратното.
Инвеститорите ширум светот почнаа трескавично да ги продаваат своите американски обврзници. Бидејќи се плашеа за безбедноста на своите пари и од заканувачката рецесија. И затоа што Кина и Јапонија, кои беа особено жестоко нападнати од Трамп за трговската политика, самите поседуваат многу американски државни обврзници. Тие ја поттикнаа оваа продажба, далеку над нормалното. Тоа можеше да се знае.
Американската влада ја прокоцкува довербата
При објавувањето на своите глобални царини, Трамп ѝ вети на Америка и на фабричките работници кои присуствуваа во Белата куќа, растечка индустрија, нови фабрики и работни места. Меѓутоа, Џенерал Моторс, Форд и Стелантис продолжија со отпуштања веќе следниот ден. Курсевите на берзата навистина драстично паднаа.
Можно е Трамп и неговите соработници лично да остварија краткорочна добивка од овој пораст и пад на берзите. Под услов тие самите во вистинско време да ги ставиле вистинските облози на падот и закрепнувањето на девизните курсеви.
На долг рок, американската влада токму го прокоцкува својот најважен капитал, кој е повреден на светските берзи од кое било злато и која било акција: имено, довербата. За време на наредниот рок, следната мала или голема паника на пазарите, наредниот економско-политички самозаложник, уште повеќе инвеститори ширум светот ќе се запрашаат дали овие САД навистина сѐ уште се безбедно засолниште.
Штетата е настаната - и покрај пресвртот на Трамп
Самиот Трамп го оправдува својот неодамнешен пресврт велејќи дека сега му треба време да преговара со 75 земји, кои сигнализираа подготвеност да разговараат благодарение на неговата брилијантна царинска политика. Тоа е малку веројатно. На крајот на краиштата, Трамп попушти пред пазарите на обврзници. Премногу луѓе изгубија премногу пари.
Олеснувањето засега е големо, но централниот трговски конфликт со Кина останува нерешен. Па дури и ако ова тримесечно одлагање на најтешките царини повторно би се продолжило, просечните царини би биле и натаму повисоки отколку што можат да издржат многу американски компании, а особено нивните клиенти. Сите тие се надеваат на среќен крај, но падот на пазарот на обврзници покажува колку довербата е веќе нарушена.
Автор на коментарот: Самуел Јакиш, АРД Вашингтон