Цалева дала оставка, се анализира работата на Коцевски
18 февруари 2025Оставка од лични причини поднела обвинителката Наташа Крстевска Цалева која на 10-ти февруари беше избрана за јавен обвинител кој ќе раководи со работата на Вишото јавно обвинителство Скопје за време додека трае оддалечување од вршење на функцијата на Вишиот јавен обвинител Мустафа Хајрулахи. Неофицијално, Советот на јавните обвинители на денешната 18-та седница треба да ја констатира нејзината оставка.
Изборот на Крстевска Цалева (не персонално) туку со забелешки дека е резултат на незаконска одлука на Советот на јавни обвинители, беше повод за сериозни критики, а во пакет со други забелешки резултираше и со предлог на Министерството за правда за разрешување на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски, кој Владата ќе го анализира на денешната седница.
Министерството за правда во контекст на тој предлог наведе дека во изминатиот период се сведочело на низа скандали, нарушена функционалност на ЈО, нарушени меѓучовечки односи, незаконски постапувања и корупција, неефикасност во кривичното гонење и повреда на принципите на организација на ЈО.
„Државниот јавен обвинител постапувал во предмети, во кои, согласно со законските одредби постоеле околности кои предизвикуваат сомневање во неговата непристрасност, како и судир на интереси, а за кои околности тој требало да знае и требало да се изземе. Воедно, во јавноста беа лиферувани и информации и податоци за предмети, со што е повредена обврската за тајност во постапките“, соопшти Министерството за правда.
Според член 27 став 1 од Законот за Јавното обвинителство државниот јавниот обвинител е одговорен за општите состојби во врска со организирањето и извршувањето на функциите на Јавното обвинителство и за својата работа одговара пред Собранието.
Интеритетот - од приоритет, до повод за разрешување
Мандатот на државниот јавен обвинител трае шест години, а Коцевски беше именуван од Собранието пред една година (13.2.2024). Неодамна во јавен настап потсети и дека бил единствениот кој пред именувањето доставил Програма за работа на Јавното обвинителство за периодот од 2024 до 2030 година. Како приоритети во програмата ги наведе - решителната борба против криминалот; зголемување на ефикасноста и ефективноста на работењето; унапредување на меѓународната соработка; транспарентност и отчетност; финансиска самостојност; и промовирање и стимулирање на култура на интегритет.
„Интегритетот на јавниот обвинител е атрибут на неговата чесност и праведност. Отпорноста на јавните обвинители на било какви форми на притисоци и влијанија и нивно професионално и принципиелно постапување е клучна за неселективна примена на законите и реафирмирање на јавното обвинителство како гарант на безбедноста на граѓаните и заштитник на јавниот интерес. Во контекст на јакнење на системот за интегритет и одговорност потребно е допрецизирање на законските одредби и на подазаконските акти за начинот на водење на дисциплинска постапка за дисциплински повреди сторени од јавни обвинители“, наведе Коцевски во Програмата.
Критики за сериозни грешки
Но, на овој сегмент се однесуваат и најголемиот број забелешки за работата на Коцевски. Според министерот за правда, Игор Филков, јавниот обвинител направил сериозни грешки во вршењето на неговата функција.
„Едната од најголемите е неговото однесување при поставувањето на в.д. виш обвинител, без да се придржува кон утврдените процедури. Ова не само што е правен пропуст, туку и удар врз принципите на транспарентност и правична распределба на должностите. Поставувањето на в.д виш обвинител, без да се постапи по законски утврдените критериуми, претставува сериозно нарушување на интегритетот и функционалноста на обвинителството. Тоа не само што ги доведува во прашање правата на вработените, туку и самата ефикасност и независност на институцијата", изјави за МКД.мк. министерот за правда.
Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ во неколку последователни прес-конференции ги наведуваа причините зошто е нужна смена на обвинителот.
„Ако Љупчо Коцевски работеше по закон, и ако сакаше да покаже дека може и знае да работи, тој ќе поведеше постапка против обвинителот и судијата врз кои Наќе Георгиев и Иџет Мемети извршиле влијание за Боро Марлборо да добие поблага казна. Тоа што Иџет Мемети и Наќе Георгиев завршија со спогодба, а корумпираните судии и обвинители врз кои тие влијаеле останаа да правораздаваат - покажува колку Коцевски немал идеја што треба да работи, или не сакал“, рече на прес-конфернција пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски.
Му збележуваат дека можел да го отстрани „дивото месо од обвинителството и судството", но избрал да биде послушник на СДСМ.
„Владата се погрижи 8 месеци јавниот обвинител Љупчо Коцевски да има клима за работа без притисоци и со институции на располагање без притисок од некој политички центар. Осум месеци наместо да се зафати за работа и да почне да ефектуира случаи на висока корупција, тој го преспа периодот (...) Коцевски не само што не отвори постапки за случаи за кои и јавноста и медиумите гласно зборуваа, туку и ги забошоти случаите кои како готови му беа сервирани од разни институции. МВР и другите институции покренаа десетици постапки, а реализацијата од ЈО е рамна на нула", се дел од критиките на ВМРО-ДПМНЕ, кои кулминираа по објавениот Индекс за корупција на Транспаренси интернешнл, на кој Македонија падна за 12 места.
Битно е мислењето на Советот, но не и пресудно
Според член 63 став 3 од Законот за Јавното обвинителство, Советот на јавни обвинители дава мислење по предлогот на Владата за именување и разрешување на државниот јавниот обвинител. Причините поради кои државниот јавен обинител се разрешува од функцијата пред истекот на неговиот мандат се тешка дисциплинска повреда или ако е член во политичка партија. Советот на јавни обвинители треба да даде мислење во рок од 15 дена по добивање на предлогот, односно најдоцна за еден месец. Според министерот за правда, мислењето на Советот на јавни обвинители нема да биде единственото битно за текот на постапката.
„Секое мислење од Советот на јавни обвинители е битно за оваа постапка, но важно е да се напомене дека Министерството за правда и Владата нема да се водат исклучиво од мислењата на еден орган, ако тоа значи дека се поддржуваат лица кои не го исполнуваат својот мандат на соодветен и професионален начин. Ако Советот на јавни обвинители даде негативно мислење за предлогот за разрешување на обвинителот Коцевски, тоа нема да значи дека постапката е завршена. Министерството за правда и Владата имаат обврска да ги преземат сите законски мерки и да го почитуваат процесот предвиден во Законот за јавното обвинителство, вклучително и можноста за покренување на постапка пред Собранието на Република Северна Македонија“, изјави министерот за правда.
На прашање до претседателот на Собранието - дали би го сметал за уреден потенцијалниот предлог од Владата за разрешување на државниот јавен обвинител, доколку Советот на јавни обвинители претходно даде негативно мислење, Африм Гаши даде одговор за „360 степени“.
„Прво, јас сум обврзан како претседател на Собранието да работам по Деловник и Закон за Собрание и Устав. Ако до нас дојде иницијатива која е предложена од Владата, најверојатно ќе треба уште еднаш подетално да видиме, но ние се водиме според процедурите што ги имаме. Потоа, ако се изгласа и некој се повика на уставноста, тогаш Уставниот суд е надлежен да цени дали Собранието постапило согласно Уставот и законот. Ние не цениме уставност и уредност во процедурата. Ако Владата ни достави уреден предлог кој ги исполнува нашите критериуми за работа во Собранието согласно Деловникот, ние тоа ќе го ставиме во процедура“, изјави Гаши.