Чаир како Њујорк или како Истанбул?
19 август 2025Кандидатите за градоначалници на Чаир, Изет Меџити од коалицијата „Вреди“, и неговиот ривал од ДУИ и кандидат на Европскиот фронт, Бујар Османи нудат модерни визии за оваа скопска општина. Во пресрет на локалните избориво Македонија во октомври тие на гласачите им нудат две различни опции - Мастер план за Чаир по теркот на Истанбул и Бурса, или урбана визија за општината видена низ призмата на светски познат архитект, Мишел Ројкинд кој ќе го пренесе духот на Њујорк во Чаир.
Визијата за модерен Чаир
„Визијата за модерен Чаир добива форма. Дали знаете кој ќе ја донесе урбаната визија која засекогаш ќе ја промени? Доаѓа наскоро...“. Вака деновиве кандидатот за градоначалник на Европскиот фронт, Бујар Османи го најави Мишел Ројкинд, архитект кој со своите иновативни идеи во дизајнот и поврзаноста на архитектурата со заедницата има освоено бројни меѓународни награди.
„Во 2010 година, тој ја освои меѓународната награда „Emerging Voices“ доделена од Архитектонската лига на Њујорк, додека познати медиуми, како што е Њујорк Тајмс, го вклучија во категоријата „Faces to Watch“. Во Мексико, тој продолжува да ја држи позицијата на едно од 10-те највлијателни глобални креативни имиња“, наведува Османи во објава на социјалните мрежи.
Меѓу неговите други големи проекти се „Cineteca Nacional Siglo XXI“ (Националниот филмски центар на Мексико), „Mercado Roma“ (модерен урбан пазар во Мексико Сити), „Liverpool Interlomas Facade“ (спектакуларни фасади за трговски центар), како и станбени проекти како што се „Casa PR34“ и „Casa F2“.
Според кандидатот на Европскиот фронт, Мишел Ројкинд се смета за еден од најважните гласови во модерната архитектура, претставувајќи генерација креатори кои ја ставија заедницата и иновациите на глобалната мапа на дизајнот. „Мишел Ројкинд го носи ова глобално искуство во општина Чаир, помагајќи во обликувањето на нова визија за нејзината иднина. Неговиот фокус е на создавање попријатен за живеење, инклузивен и напреден град – каде што јавните простори ја поттикнуваат заедницата, културата и можностите. Со докажана евиденција за претворање на амбициозните идеи во реалност, посветеноста на Ројкинд гарантира дека визијата на Чаир за утре ќе биде смела, веродостојна и трансформативна“, дециден е Османи.
Мастер план за Чаир
Неговиот противкандидат и поранешен сопартиец, Изет Меџити од коалицијата „Вреди“ има сосема поинаква визија за модерен Чаир. Тој на Фејсбук го објави името на познатиот урбанист од Турција, кој ќе биде дел од тесниот круг на соработници, а за кој наведува дека веќе работи на новиот концепт за урбан развој на Општина Чаир.
Во објавеното видео од разговорот меѓу архитектот и Изет Меџити, Бајрам Вардар меѓу другото вели: „Слично на Истанбул или Бурса, предизвиците и тука во Чаир се слични. Ние сме биле и во Барселона, и тој град претрпе реновирање. Ние ќе изработиме Мастер план за Чаир, заедно со граѓаните и дополнително ќе изработиме план за имплементација. Потоа ќе ги развиеме и столбовите на овој Мастер план“.
Бајрам Вардар бил дел од тимот на Реџеп Таип Ердоган во периодот кога бил градоначалник на Истанбул, а бил и главен урбанист на градот Бурса, со што влијаел врз урбаниот развој на овие две милионски градови. Бајрам Вардар по потекло е Албанец од Скопје.